Македонија

Промоција на македонски вина во САД

11 јун 2019

Здружението „Вина од Македонија“, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, продолжува со промоција на македонското вино во светот. 

Минатата недела беа одржани промоции во Чикаго и Њујорк, во Соединетите Американски Држави (САД). На овие настани оваа година учествуваа шест македонски винарници. Тие се организираат во рамки на платформата „Водечки вина во светот“, во која учествуваат селектирани винарници од целиот свет. Во потрага по зголемување на уделот на пазарот, барање нови бизнис партнери и соработка за извоз на македонското вино, нашите винарници заеднички ги презентираа македонските вина, заедно со винариите од светски познатите вински региони.  

Големата посетеност и интересот што го покажаа американските познавачи за македонските вина, влеваат дополнителен оптимизам дека овие промотивни настани ќе резултираат со склучување нови извозни зделки за македонските винарници, а истовремено придонесуваат и за зголемена видливост и унапредување на имиџот на земјата, како производител на автентични, префинети вина со висок квалитет, велат од Здружението „Вина од Македонија“. 

Пазарот на САД е најголем увозник на интернационални вина кој опфаќа 18% од вкупниот увоз на вина во светот, со вредност од 6.2 милјарди американски долари, со што е оценет и како еден од пазарите со најголем потенцијал за македонското вино. Според податоците за извоз, во 2018-та година се извезени 220 000 шишиња македонско вино на овој пазар, при што е остварен вкупен девизен прилив од 610.000 американски долари.