Македонија

„Тиквеш“ ги донесе пивото BIP и “Руски Квас” на македонскиот пазар

14 мар 2019

Од почетокот на овој месец во Македонија може да се купи познатото пиво од Белградската индустрија на пиво БИП (BIP) како и пијалакот „Квас“. Во рамки на својата трговска програма овие производи почна да ги увезува и дистрибуира винарската визба „Тиквеш“. 

Ова е природен чекор кој го преземавме имајќи предвид дека станува збор за наша сестринска компанија која е во Србија и оперира веќе две години. Преку воведување на пивото како комплементарен производ во портфолиото на „Тиквеш“ имаме намера да ги задоволиме барањата на консументите. Изградивме квалитет, знаеме што е прифатливо, а што не за потрошувачите на овие простори. Преку нашата продажна сила како и одличните релации со ХоРеКа партнерите ќе нудиме “one-stop-shop” сервис, изјави Радош Вукиќевиќ, генерален директор на „Тиквеш“. 

Иако портфолиото на БИП е пошироко, „Тиквеш“ за почеток ќе увезува и дистрибуира пиво во лименка од 0,5 литри и пиво во стаклена амбалажа од 0,33 и 0,5 литри. 

Таканаречениот „Квас“ или „Руски квас“ е исклучително популарен во Србија, во Русија и во САД, вклопувајќи се во трендот на популарноста на пробиотските пијалаци. Купувачите за првпат ќе можат да пробаат квас со вкус на лимон и црна рибизла кој е 100 отсто природен сок направен од житарици.

Пивото БИП, пак, се прави по традиционален метод, по посебна рецептура од страна на стручни лица кои имаат креирано врвни светски пива, со висококвалитетни состојки кои внимателно се одбираат за да се постигне соодветен вкус на пивото.