Маалска продавница

Претставуваме: „Дисконт Кики“

14 мар 2018
 

Со своето работење станале привлечни за многубројни купувачи од населбата Даме Груев и од блиската индустриска зона. Но, и место каде што некогаш посакале да работат дел од вработените што денес се дел од тимот.

Разговараше: Васко Марковски, vasko@instore.mk
 
 

Дисконтот „Кики" во скопската населба Даме Груев оддава впечаток на место со посебен магнетизам. Сместен е на аголот меѓу улицата со инспиративно име - „Моцартова" и една од соседните улички, и на набљудувачот како да не му остава можност да начека миг кога во местото не е врвулица. Ве пречекува голем објект, но не претенциозен, како некој што набрзина израснал, туку димензиониран со мерка и растен постепено.

Зад маркетот стојат фирмата „Кики Љубе" и нејзиниот сопственик и управител Љубе Ристевски. Историјата ни ја раскажа неговата сестра, Мирјана Николовска, менаџер на дисконтот и дел од тимот од самиот почеток, веќе 25 години.

Почнавме со двајца вработени, во дуќан од 60 до 70 квадратни метри, малку подолу во улицава. По десетина години, откако зајакнавме, се отвори можност да дојдеме овде, на местото на поранешната продавница на „Славија". Десетина години работевме во тој објект, кој веќе беше дотраен, но, од друга страна, ни овозможи да растеме. И, сега, веќе пет години сме во објектов што го гледате, на две нивоа, со многу муштерии и тим од 10 вработени, нè воведе во приказната Мирјана.

Низ годините ги воделе неколку вредности, на кои посебно посветувале внимание: да бидат услужливи и срдечни кон муштериите, навремено да ги исполнуваат обврските кон комерцијалистите и да бидат како семејство со колегите.

Кога има работа, се вложуваат сите и нема ништо чудно ако го видите и сопственикот како прима стока и ја товари на лифтот за побрзо да се ослободи пристапот за следните дистрибутери.

Од 70 до 80% од купувачите се луѓе од населбата, но „стандардни клиенти" им се и многубројните вработени во блиските фирми, во малата индустриска зона.

Ги посетивме на 8 Март. Вистински момент да се видат искреноста и блискоста со купувачите кои влегуваа во маркетот со убави желби, а некои и со подароци, како убав гест кон сосетките од маркетот кој им е секојдневие.

Маркетот е на две нивоа, на вкупна површина од 400 квадратни метри (300 продажен простор, 100 – магацин). Технички се опремени со сè што бара современиот начин на работење во маркетите – софтвер за прием и следење на стоките, систем за мониторинг и, што е реткост, лифт до магацинот кој се наоѓа во подземниот дел на објектот.

Пријатната атмосфера во маркетот, како што ни рекоа, е нешто што ги следи уште од почетокот, кога почнувале со стариот дуќан, пред околу 25 години. Тоа го забележуваат и го ценат купувачите, но било инспиративно и за некои од денешните вработени да препознаат во „Кики" место каде што би сакале да работат. Маркетот работи со „стабилен тим". Речиси сите вработени се дел од колективот најмалку десет години и, како што велат, нема двоење според работните позиции – некоја да е поважна, а некоја помалку важна.

Кога има работа, се вложуваат сите и нема ништо чудно ако го видите и сопственикот како прима стока и ја товари на лифтот за побрзо да се ослободи пристапот за следните дистрибутери, ни рече Николовска.

Покрај асортиманот што треба да одговори на секојдневните потреби на муштериите, кој секојдневно се надградува со производите што ќе ги побараат купувачите, сместени на приземјето, полиците на долниот кат се резервирани за „поспоровозни" и сезонски производи: играчки, кујнски алатки и мали апарати за домаќинството, училиштен прибор, ситна покуќнина, текстил.

Асортиманот сезонски го збогатуваме и со производи што се бараат во специфични периоди од годината – за големите празници, за Нова година, 8 Март, 1 април, Велигден. Но и тековно. Сè што ќе ни побараат муштериите, а го немаме, веднаш реагираме и многу бргу станува дел од стандардниот асортиман. Во секое време од годината имаме и училиштен прибор и материјали, што го прави маркетот привлечен и за учениците од блиското училиште, вели Николовска.

Задоволни се со тоа што го постигнале. Искуството ги научило да бидат ефикасни и приемчиви. Одењето на работа им е средба со пријатели. Партитура од Моцарт на „Моцартова".



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...