Актуелно

Горан Теменугов: Важно е да си крупен, не човек, туку бизнис

19 ное 2019

Секоја економска мерка има свои предности и свои слабости, па затоа треба добро да се осмисли и додека се применува, да се отстрануваат слабостите. Но, за ова е потребен институционален капацитет

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар 

Се случи. До 2023 година нема да се даночат капиталните добивки, односно парите што се добиваат од дивиденда, каматите над 15.000 денари на банкарски депозити. Дотогаш нема да има ниту прогресивен данок. Само 10 месеци му беа потребни на Министерството за финансии за да се премисли и да го замрзне „прогресивецот“. Владата го образложи овој потег (враќањето на рамниот данок од 10% во следните 36 месеци) со тоа дека двостепеното даночење не ги дало очекуваните резултати. Наводно имало одлив на пари во странство, односно дел од фирмите и поединците се префрлиле во други даночни системи, како Косово, Србија и Бугарија. Премиерот Зоран Заев овој потег го нарече чесен бидејќи го направиле откако увиделе дека не дава резултати. Се пофали дека неговата Влада не бутка по секоја цена решенија што не се добри и е доблесна да ги повлече кога ќе ги види слабостите.

А слабостите се знаеја и пред воведувањето. Иако прогресивното оданочување, кое во случајот на Македонија има само две ставки од 10 и 18%.

Ваквите владини чекори се непринципиелни, недоследни и укажуваат на напуштање на социјалдемократските постулати. Се влегува во популистичката спирала од ветувања, ќе се исцрпува буџетот, полнет најмногу од нас, граѓаните.

Првата слабост беше дека со него се брцка во џебот на најбогатите. На оние што имаат сериозни примања од десетици или стотици илјади евра месечно. Да, се зафати и од примањата на повисоката средна класа, пред сè, претставниците на ИТ-секторот кои се сериозен двигател на развојот на државата. И ова беше сериозен проблем и се предупредуваше на него. Управата за јавни приходи тврдеше дека има капацитет да ги следи евентуалниот одлив на пари во странство и можните избегнувања за даночни исплати. Сепак, 18-те отсто беа дизајнирани за да се оданочат најбогатите.

Втората слабост беше и сè уште е присутна: политичката волја, односно визијата за економската политика. Со прогресивниот данок пред изборите во 2016 година СДСМ инсистираше да се претстави како социјалдемократска партија која преку скалестото оданочување ќе земе од богатите за да им даде на посиромашните. Требаше да се соберат околу 25 милиони евра годишно од најимотните и да се пренасочат во социјалните програми. Но, проблемот почна кога се посегна по бизнис-заедницата. Со поддршка на дел од вицепремиерите и министрите во Владата, мерката се образложи како смрт за економијата. А, од друга страна, Владата, преку своите министри и вицепремиери што би се рекло, „шаком и капом“ им делат буџетски, народни пари на фирмите. Оваа помош е стотици милиони евра годишно. За да биде појасно, треба да се знае дека во државава 66% од даночните приходи отпаѓаат на данокот на додадена вредност и на акцизите. А во најголем дел овие даноци ги плаќаат граѓаните. Ова значи дека им се дава поддршка на фирми кои многу често и не работат законски, како оние што даваат плата во коверт, а од друга страна времено укинуваат нешто за што нè прашаа и на изборите добија 49 пратеници.

Ваквите владини чекори се непринципиелни, недоследни и укажуваат на напуштање на социјалдемократските постулати. Се влегува во популистичката спирала од ветувања, ќе се исцрпува буџетот, полнет најмногу од нас, граѓаните.

Третата слабост е слабото планирање на мерките. Секоја економска мерка има свои предности и слабости. Затоа треба добро да се осмисли и додека се применува, треба да се согледуваат и отстрануваат слабостите. Но, за ова се потребни институционален капацитет, политичка волја и единство во владата. За жал, тоа не го видовме. Се уверивме во нискиот капацитет на институциите. Но, видовме цврсто единство во владиниот кабинет – помагање на крупниот бизнис.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...