Актуелно

Горан Теменугов: Последното танго

29 окт 2019

Се размислува да се пролонгира оданочувањето на капиталните добивки и на каматите, а официјалното оправдување е раздвижување со тргувањето на берзата. Но, зошто и досега на Македонската берза нема сериозни играчи?

Пишува: Горан Теменугов

Пред половина година јавноста се „палеше“ на најавуваната „метла“ на премиерот Зоран Заев, кој требаше да измете добар дел од некадарните министри во Владата. Епилогот од ова принудно чистење, кое беше предизвикано од релативно слабиот резултат по првиот круг од претседателските избори, го знаете сите. Единствено вистински изметен од Владата беше министерот за финансии Драган Тевдовски. Сите други што се споменуваа како кандидати за да бидат реконструирани куртулија. Се спасија. Или, едноставно целта им беше да се смени само Тевдовски, а другите да си останат каде што се. Резултатите на Тевдовски за 2019 година, за првите шест месеци додека не беше разрешен кон крајот на јуни, е пораст на бруто-домашниот производ од 3,6 отсто, или во првиот квартал пораст од 4,1%, а во вториот 3,1%. Тој како министер за сите други министерства обезбеди над 400 милиони евра за капитални инвестиции, но од овие пари сите други министри за осум месеци успеаја да реализираат само 28%. Ова значи дека само една третина од парите за патишта, болници, училишта, енергетски објекти се потрошени.

И деновиве гледаме една од причините зошто Тевдовски доби нога од Владата. Како докажан левичар и социјалдемократ, тој и неговиот советник Бранимир Јовановиќ за време на нивното работење во Министерството јасно и недвосмислено пропагираа идеја за поголемо даночење на богатите и за намалување на нееднаквоста. Сакаат да земат малку повеќе од најбогатите и тие пари преку буџетот да ги префрлат за поддршка на посиромашните слоеви граѓани. Освен што го оданочи персоналниот доход од над 1.500 евра со 18%, двоецот Тевдовски-Јовановиќ донесе одлука со стартот на 2020 година со 15% да се даночат капиталните добивки, односно дивидендата, како и каматите над 250 евра на банкарските депозити.

Со одложувањето на даночењето на капиталните добивки се преминува на чист предизборен популизам, кој се состои од огромни одлевања од буџетот за социјални трансфери и за поддршка на фирмите.

Ова значи дека ако со прогресивниот персоналец се даночеа вработени во дејности што се добро платени, со 15% данок на капитална добивка веќе се „брцка“ во џебот на сериозни играчи. Ако со персоналецот од 18% се подигна бура во ИТ-секторот и кај давателите на интелектуални услуги, со даночењето од 15% се изнервираа крупните играчи, големите акционери кои добиваат тешки милиони евра од дивиденди и имаат милионски депозити во банките.

А овие играчи се прилично моќни. И затоа не е за чудење најавата дека се размислува да се пролонгира оданочувањето на капиталните добивки и на каматите. Официјалното оправдување за ваквата намера е дека сакаат да се раздвижи тргувањето на берзата. Сакаат и понатаму инвестирањето во хартии од вредност да биде евтино, а со тоа и примамливо за инвеститорите. Но, клучното прашање е зошто и досега на Македонската берза нема сериозни играчи. Одговорот е дека проблемот околу ова е на друга страна, а не во висината на даночењето на добивката.

Затоа се добива впечаток дека целта не е да се поттикне Берзата, туку крупниот капитал да не се даночи по стапка од 15%. А крупните бизниси во моментов имаат луѓе кои сериозно добро ги разбираат нивните потреби.

Двајцата главни експоненти во Владата задолжени за економијата, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерката за финансии Нина Ангеловска, доаѓаат од приватниот сектор. Ангушев е крупен играч со милионски евра депозити, со многу компании, додека и Ангеловска има значителна сума заштеда и акции во фирми. Анѓушев вели дека нема акции, но приватните бизниси сепак му зависат од соработката со банки.

Вака поставените работи јасно укажуваат дека Владата, која влегува во последната година од владeењето, дефинитивно ja напушти социјалдемократската матрица за утврдување на економските, пред сè, даночните политики. Ако се одложи оваа даночна реформа, Владата преминува на чист предизборен популизам, кој се состои од огромни одлевања од буџетот за социјални трансфери, но и големи одлевања за поддршка на фирмите. Една таква мерка, за плаќање на пензиско и здравствено осигурување ако платата се покачи за 100 евра, е мека фискална амнестија на компаниите што плаќале плата во плик. Со поштедата на најбогатите од даночење на капиталните добивки, оваа Влада го одигра своето танго за разделба со социјалдемократијата и почна да сурфа на бранот на популизмот, кој е европски и светски тренд во политиката.  

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...