Актуелно

Горан Теменугов: Рекорди

19 јун 2019

Што е сигурно? Што би рекле Американците - само смртта и обврската да се плати данок. Кај нас, освен смртта, сигурни се уште две работи: „Вардар“ и без пари стана европски шампион во ракомет, како и политичарите на кои како што им поминува времето, се потпираат на пропаганда или вулгаризирање на пиарот (ПР).

Пишува: Горан Теменугов, новинар,

Во предвечерјето на двегодишнината од преземањето на власта, што се случи на 01.06.2017 година, на двапати премиерот Зоран Заев истакна дека македонската економија урива рекорди. Дека во повеќе параметри остварува досега невидени резултати. 

Се редеа информации каде сè сме рекордери. Те во странски инвестиции, те во намалување на невработеноста, која е околу 19,5 отсто, те расте извозот, трговијата, индустриското производство... И да се разбереме, дел од бројките се точни. И да појасниме, навистина економијата не е до толку лоша како што сака да прикаже опозициската партија.

Но, сепак, далеку сме од рекорди. И по вакви фалења од премиерот подготвени од неговиот ПР-тим, придружени и со изјавата на вицепремиерот Кочо Анѓушев дека оваа, 2019 година ќе биде една од најуспешните економски години, ни дојде извештајот на Европската комисија за напредокот на државава на патот кон ЕУ.

Напишаното во овој извештај на прв поглед не изгледа лошо. Убаво звучеше препораката за итно отворање на преговорите. Убави беа и првичните зборови за економијата. Но, под површината на ова напишаното многу јасно ни кажаа дека сме далеку од потребното ниво за доближување кон Унијата. Дури не нè оценија дека сме функционална пазарна економија.

Убаво звучеше препораката за итно отворање на преговорите. Убави беа и првичните зборови за економијата. Но, под површината, далеку сме од потребното ниво за доближување кон ЕУ.

Башка што ни ги повторија старите забелешки кои никако да ги поправиме. И тука веќе станува навистина мачно да се пишува. Да се повторуваме како папагали дека иако устите на политичарите им се полни со реформи, повторно нè предупредија за јавниот долг, за немањето вистинска фискална консолидација, за потфрлањето на капиталните инвестиции, од една страна, и зголемувањето на трошоците за социјални трансфери, од друга страна. Па ни споменаа дека и понатаму се финансираат фирмите со буџетски пари, а критериумите не се транспарентни и можеби најважните две работи: Европејците ги споменаа и социјалните мерки и позицијата на младите на пазарот на трудот.

Лошо е што огромен процент од младите не се вработени. Истражувањата покажуваат дека по завршувањето на образованието на млад човек му требаат 25 месеци до првата работа. Уште полошо е дека пазарот на трудот ја нема потребната работна сила, односно не е со потребните квалификации. Третата и најопасна работа се новите социјални реформи. Тие се начелно добри и само во оваа сфера има некаков ред, односно се знае што се прави. Но, опасноста е дека зголемувањето на социјалната помош до ниво на минималната плата, значи околу 12 илјади денари, може да ги натера луѓето да не бараат работа, бидејќи работел или не работел, ќе имаш речиси ист приход. Плус ако на ова се додаде огромната сива економија, можно е дел од граѓаните да преминат во социјално заштитени категории, а да работат на црно.

Затоа клучното прашање не е дали ни требаа социјални реформи. Одговорот е дека требаат и се потребни. Одговорот е и дека замислата не е лоша. Но, што е со капацитетот на државата, на администрацијата за да ги спроведе овие реформи. Да врши контрола. Е тука е проблемот. Дали институциите се подготвени да ги оспособат невработените што ќе примаат до 12.000 денари помош да излезат на пазарот на трудот, а ако не сакаат или одбијат двапати, да им бидат скратени парите. Дали имаме суптилен механизам во кој треба да учествуваат повеќе институции кои ќе овозможат спроведување на овие реформи? Многу непознати. Едноставно што е сигурно во моментов е тоа што „Вардар“ и без пари стана европски шампион во ракомет, како и тоа што политичарите не ги слушаат забелешките ниту од ЕУ ниту од економистите, туку се почесто си се потпираат на пропаганда или поточно на вулгарен ПР.

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...