Актуелно

Мислења и коментари: ЕУ дава пари, компаниите не можат да ги земат

18 јун 2019

Од расположливите 80 милијарди евра преку Програмата Хоризонт 20-20 во земјава завршиле само 7 милиони евра. Преку инструментот наменет за мали и средни претпријатија, аплицирале само неколку фирми, а ниту една не добила пари за проектите

Подготви: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk 

ИНСТИТУЦИОНАЛЕН СТАВ 

Јадранка Аризанкова, виш советник во Стопанска комора на Македонија 

Наш приоритет е да ги запознаеме компаниите со можностите што ги имаат во рамките на програмите на Европската Унија, пред сè, затоа што  тие фондови им овозможуваат поддршка во креирање нови иновативни производи, истражување и градење на своите конкурентски предности. Од 2014 година на располагање е програмата „Хоризонт 2020“со буџет од над 80 милијарди евра, која претставува финансиски инструмент на ЕУ со кој се поддржуваат истражувањето и иновациите, со крајна цел обезбедување економски раст, креирање нови работни места и конкурентност. И во 2019 година компаниите ретко се охрабруваат да аплицираат на повиците иако интересот е голем. 
Откако во 2005 година се стекна со статусот земја-кандидат, Македонија е првата земја од регионот која со потпишување на Финансиската спогодба со Европската комисија од 2007 година почна со реализација на националните програми за претпристапна помош, познати како ИПА-фондови. Целиот овој период провејува фактот дека искористеноста и на овие фондови е исклучително мала. Можноста што ни ја даваше Европската комисија за стекнување искуства во подготовка и реализација на проекти, стекнување конкурентски предности и технолошка подготвеност не е искористена. Компаниите што се во областа на индустријата можат да добијат најголем бенефит, но кога станува збор за иновациски предизвици, постои можност и за компаниите од трговијата што имаат проектна идеја за унапредување на работењето на одредени процеси во самите компании или, пак, проекти кои имаат еколошки карактер и ќе значат зачувување на животната средина. Во рамките на овие ЕУ-фондови искористеноста е мала од сите македонски компании, но радува фактот дека компаниите се охрабруваат да аплицираат на повиците на Фондот за иновации и технолошки развој, кој ги применува административните процедури што важат и за ЕУ-фондовите. Со тоа се овозможува стекнување искуство и градење капацитети за останатите ЕУ-фондови. 
Предизвик за компаниите се големите административни процедури што треба да ги поминат за подготовка на апликација. Предизвик е и вклучувањето на иновативниот аспект во самите проектни идеи, кој треба да биде претставен како единствен со позитивно влијание врз животната средина, граѓаните и општеството во целина. 

Предизвик за компаниите се големите административни процедури за подготовка на апликација и вклучувањето на иновативниот аспект во проектните идеи.

ЕУ интензивно работи на креирање на новите програми за конкурентност и иновации во приватниот сектор и веќе од мај 2018 година се определени постулатите на новата Програма за истражување и развој „ХОРИЗОНТ ЕВРОПА“, која е предвидено да почне на 1 јануари 2021 година. Расположливи средства во рамките на седумгодишниот период на оваа програма ќе бидат повеќе од 100 милијарди евра. Новина е огромната финансиска поддршка за компаниите, пред сè, во интензивирање на соработката со универзитетите и истражувачките центри во насока на конкретна примена на самите иновации и иновативни решенија во компаниите. Ова треба да биде предизвик и за македонските компании, кои своите индустриски проекти треба да ги развиваат во насока на создавање производи со висока додадена вредност. 
Стопанската комора на Македонија во континуитет апелира и инсистира за формирање гарантен фонд. Овој фонд ќе го олесни генерално процесот на компаниите за креирање индустриски проекти со поголем технолошки капацитет, а воведувањето нови технологии е од исклучително значење за создавање производи со конкурентска предност кои ќе бидат пласирани на пазарите на ЕУ. Европскиот инвестициски фонд во рамките на својата програма располага со средства кои ќе ги подржуваат земјите на ЕУ и земјите со кандидатски статус во креирање гарантни фондови за поддршка на компаниите за аплицирање.  

СТАВ ОД СЕКТОРОТ 

Фросина Мешкова, управител на ВИО Лабс ДООЕЛ Скопје 

Во Македонија во последните 10-ина година постојат многу опции за добивање неповратни средства за реализирање проекти од различна природа. Покрај програмата „Хоризонт 2020“, како странски донатори се јавуваат EBRD, USAID и уште неколку други фондации. Донатори се и државни институции, на пример, грантовите што ги даваат министерствата за економија, за земјоделство, шумарство и водостопанство преку ИПАРД-програмата, за труд и социјала преку различните програми за вработување, како и Фондот за иновации и технолошки развој за иновативни и развојни проекти.
Компаниите покажуваат интерес, но желбата за аплицирање не е пресудна за да се добијат средствата. Компанијата треба да ги исполнува условите на програмата, а потоа истата треба да креира соодветен проект кој се вклопува во целите на програмата. Проектот треба да биде квалитетно изработен и да ги содржи сите барања што се дел од апликацијата на самата програма.

Помошта од консултантите е неизбежна бидејќи компаниите не се спремни да одвојат вработени што би се занимавале исклучиво со подготовка на апликации за ЕУ-фондовите.

Затоа, искористувањето е посложен процес кој бара подготвеност, стручност и посветеност на компанијата-апликант и понуда на проект кој се вклопува во целите на донаторот. „Хоризонт 2020“ е доста сложена програма која поддржува иновативни проекти на ниво на ЕУ, притоа фокусирајќи се на breakthrough иновации. Бара и работа со партнери од неколку држави, како и учество на научноистражувачки институции кои, покрај македонската компанија, треба да бидат вклучени во проектот. Ако домашните компании можат да понудат вакви проекти и притоа да создадат конзорциум од партнери кои би биле вклучени во проектите, тогаш искористувањето на европските пари е многу остварливо.
Македонските компании треба да имаат капацитет да развиваат иновативни проекти кои се доволно квалитетни за да ги исполнат условите за апликација на овие фондови. За процесот на апликација можат да ангажираат консултанти. 
Ваквите фондови се најдобрата отскочна штица за некоја идеја да стане бизнис или стартап-компанија да дојде до иницијално финансирање со цел развој на својот бизнис. Имајќи предвид дека пристапот до кредити за микро и малите компании е многу тежок, можеби ваквите фондови и ангелите-инвеститори се меѓу ретките можности за развој на нови и иновативни компании.

ЕКСПЕРТСКИ СТАВ 

Габриела Костовска Богоеска, извршен директор на Фондација за менаџмент и индустриско истражување

Компаниите што имаат потенцијал и потреба за интернационализација, од нашите експерти можат да добијат специјализирани советодавни и партнерски услуги. Имаат на располагање цел ранг бесплатни советодавни услуги за поддршка на извозот на нивните производи или услуги на нови пазари. Фондацијата е дел од најголемата мрежа за бизнис-поддршка, Enterprise Europe Network, еден од главните инструменти за поддршка на Европската комисија. Мрежата е активна во над 60 земји и вклучува повеќе од 3000 експерти од околу 600 организации-членки. Преку Enterprise Europe Network им помагаме на нашите компании да го пронајдат вистинскиот интернационален партнер и преку таа соработка да растат и да се прошират и на меѓународниот пазар. Партнерските услуги им помагаат на компаниите да најдат партнери за производство или дистрибуција на нивните производи, да пристапат до нови пазари, да најдат технологија што ќе ги направи поиновативни и поконкурентни на постојните пазари и да соработуваат на истражувачки и развојни проекти.

Нашите компании имаат бесплатен пристап до најголемата европска база на партнерски профили која содржи многубројни барања и понуди за бизнис, технолошка и истражувачка соработка.

 

Годинава креиравме и мобилна апликација на македонски јазик, ИноБиз, каде што компаниите можат директно да пристапат до базата на профили, да се информираат за новите повици за проекти и да се пријавуваат на многубројните настани за деловни средби.  
Преку советодавни услуги и организирање на т.н. МСП-клиники за финансирање се обидуваме да придонесеме кон зголемената информираност за подобро користење на внатрешните и надворешните извори на финансии. Наша специјалност се „Хоризонт 2020“, КОСМЕ програмата за конкурентност на МСП, програмата за развој на компании-иновации на западниот Балкан (WB EDIF), како и ЕаСи – програма за вработување и социјални иновации. 
Нашите клиенти најмногу се заинтересирани за МСП-инструментот на програмата „Хоризонт 2020“, кој овозможува комерцијализација на иновативни решенија базирана на фазно финансирање и придружни акцелераторски услуги. 


 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...