Актуелно

Мислења и коментари: Успешна компанија не штеди на едукацијата на вработените

29 мај 2019

Шест најскапи збора во бизнисот се: „ Ние тоа секогаш така сме го правеле“

Подготви: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Дали и колку компаниите од FMCG секторот во Македонија вложуваат во едукацијата на своите вработени? 

ЕКСПЕРТСКИ СТАВ

Даворка Биондиќ-Винце, FMCG деловен советник и B2B тренер за деловно преговарање

Преку обуките што ги држев во Македонија, прво што забележав кај македонските колеги е огромен оптимизам, срдечност и позитивна емоција, како и активно слушање на соговорникот, што во модерниот бизнис е многу важно.

Кај вложувањата во развој на вработените во FMCG-секторот, „дијагнозата“ е иста – во едукацијата на продажните претставници се вложува трипати повеќе отколку во тие што се занимаваат со набавка. Последицата е тоа што мнозинството од „набавна“ страна преговара „тврдо“, натпреварувачки и користи т.н. дистрибутивна стратегија на преговарање. Јас тоа повеќе би го нарекла „ценкање“. Во таа стратегија најчесто се важни само интересите на трговците, но не и на добавувачите. Комуникацијата понекогаш е агресивна и често доаѓа до конфликти. Македонскиот бизнис, во еден дел, уште е оптоварен со корупција на страната на набавки во трговските синџири и со непотизам. И Хрватска пред влезот во ЕУ поминуваше низ истите „болести“. Со влезот на најсилните европски трговски синџири, ситуацијата драстично се смени. Опстанаа само оние што навреме вложуваа во меки и тврди вештини и знаења, трендови и во модернизација на продажните места. На моите работилници во Македонија во 90 отсто од случаите доаѓаа колеги од секторот продажба, а само 10 отсто од секторот набавки. За жал, тие на кои им се потребни дури и основни знаења од преговарање, презентациски вештини, управување со промени... воопшто не одат на такви едукации.

Едни во Македонија сметаат дека преговарањето не треба да се учи, а други дека вложувањето во едукација е преголем трошок. Поради ваков став, 40.000 фирми во Хрватска пропаднаа откако влезе во ЕУ. 

Вашите доставувачи (КА менаџери) имаат поголемо знаење за производите, трендовите, пазарите, странската конкуренција, отколку повеќето нивни колеги во Хрватска. Ги посетувам често трговските синџири во Македонија и забележувам голем потенцијал за подобрување; првенствено во category management и оптимизирање на резервите. Тука губат многу пари. Од една страна, имаат непотребно голем број  SKU во категорија, а од друга страна, резерви на полица. Со толкав број на SKU се создава хаос во главата на потрошувачот пред полицата, доаѓа до предизвици во коефициентот на обрт и се слабее преговарачката моќ на трговецот. Следејќи ги нивните маркетиншки активности, морам да признам дека често не ми беа јасни стратегиите на некои компании?!

Македонските менаџери имаат ист предизвик како и другите менаџери во регионов – непознавање на вештините за раководење со вработените и често токму тие се причина за хроничниот стрес на вработените. Не знаат да дадат позитивна и конструктивна критика.

Познавам неколку македонски компании што имаат јасна и долгорочна политика и цели за развој на вработените како основа на нивната конкурентност. За жал, повеќето компании го поминуваат времето во „комфорна зона“ и не забележуваат дека опкружувањето целосно се променило: купувачите, трендовите, технологијата, каналите за дистрибуција, вештините и знаењата... Полни се со изговори кога им паѓаат прометот, профитабилноста и бројот на купувачи, или се задоволуваат со мал раст.

Бидејќи Македонија има фантастични човечки и природни потенцијали, сигурна сум дека „здравото ткиво“ на македонскиот бизнис и натаму ќе опстане. Би сакала да поттикнам промени кај оној заспиен дел на македонскиот бизнис кој користи шест најскапи збора во бизнисот: „ Ние тоа секогаш така сме го правеле“. Им порачувам веднаш да се активираат. Бидејќи сега е најдобро време за промена, а не кога ќе дојде силна конкуренција или кога профитабилноста ќе почне да паѓа.

СТАВ ОД СЕКТОРОТ

Д-р Орде Ѓорѓиоски, директор за правни прашања, „Витаминка“

Цврсто веруваме дека влогот во едукацијата (образованието) е најважниот фактор за развој на компанијата и одржување на конкурентноста на динамичниот пазар. Во таа насока, согласно плановите за обуки во компанијата, можеме да се пофалиме со значајни инвестиции на ова поле. Продажните служби посетуваат обуки за напредни продажни вештини, комуникација со клиенти, тимска работа и сл., техничките лица посетуваат специјализирани обуки од важност за нивниот делокруг на работа, правниците ги следат најновите законски промени, како и политиките за мотивација и менаџмент со човечки ресурси, развојот ги следи тенденциите од технолошки и технички аспект во областа на прехранбената индустрија и сл.

Не постои сектор за кој не се форсира континуирана надградба. Можеби во делот на екстерните обуки фокусот е ставен најмногу на факултетски образованите лица, додека интерните обуки се спроведуваат за пониските ешалони на вработени.

Секое лице што посетувало обука и се вратило од обука е задолжено да изготви извештај и согласно интерните процедури да сподели знаења со колегите од тимот/секторот или на повисоко ниво.

Инсистираме на тоа да партиципираме само на квалитетни обуки од каде што ќе може да се извлече бенефит, иако тоа не е секогаш можно поради огромната понуда на вакви услуги на пазарот и појавата на некои непроверени обучувачи. Настојуваме да работиме со луѓе и компании со кои имаме добро искуство на овој план.

Колку и на кој начин инвестицијата во знаење ѝ се враќа на компанијата? Прво, ваквата инвестиција е мотивациски фактор за секое лице што сака да напредува во кариерата. Тоа ги прави вработените попосветени на работните задачи, што би значело поефикасни и позаинтересирани за работните текови. Второ, со едукацијата вложуваме во нашата иднина, ги следиме развојните текови и се подготвуваме да одговориме на сите предизвици што ги носи современото работење. Неприфатливо е во денешно време да не се едуцираме, да не го базираме нашето работење на знаења и наука, туку произволно да постапуваме. Впрочем, тоа не било никогаш случај со „Витаминка“ АД и затоа се трудиме образованието да го пренесеме како вредност на секој вработен.

СТРУЧЕН СТАВ

Дарко Петровски, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси

Улогата на ЧР-професионалците е повеќеслојна, но во крајна линија се грижат за одржување здрава работна средина и дејствуваат во согласност со целите и потребите на организацијата преку приспособување на практиките за менаџирање и развој на вработените. Правејќи паралела со улогата на врачот во една племенска заедница, ЧР-менаџерката/от има исто така клучна стратегиска улога во организациските процеси и одговара за целиот животен циклус на вработениот во организацијата.

Една анализа на јазот помеѓу постојните и потребните компетенции во организацијата ќе ги даде методите со кои можете да ги развивате вашите луѓе. Има многу практики што би можеле да се користат: интерни системи за пренос на знаењето од колеги и претпоставени, јакнење на лидерството и деловните вештини, практикантство и стипендирање, кариерно советување, менторство, коучинг и други. Развојот на информатичките технологии нуди многу нови можности. Една интересна модерна практика е гејмификацијата во образовниот процес.

Постојат методи за процена на повратот на инвестициите од вложувањето во вработените.Особено е важно да се проценат инвестициите направени денес во перформансите на организацијата во блиската и подалечната иднина. Правилната инвестиција во вештините на луѓето се рефлектира врз реализацијата на мисијата, задоволството на клиентите, продуктивноста, ефективноста и ефикасноста на процесите, квалитетот на услугите и продуктите, како и на организациската култура на организацијата.

Организациите во напредните економии сè повеќе се соочуваат со проблемите на мотивација и задржување на клучните вработени. Развиените земји креираат сеопфатни системи за привлекување таленти од целиот свет и на таков начин обезбедуваат конкурентска предност во однос на останатите.

За да ги приближиме практиките од други земји и средини, нашата Асоцијација секоја година традиционално организира меѓународна ЧР-конференција со учество на познати и реномирани говорници од академската фела, практичари и консултанти. Оваа година Конференцијата ќе се одржи во Скопје на Меѓународниот ЧР-ден, кој првпат се прославува во светот на 20 мај.

Македонските компании стануваат сè посвесни за значењето на менаџирањето со луѓето во нивниот бизнис.

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...