Актуелно

Горан Теменугов: 420 милиони „кркушки“

22 мај 2019

За наредните четири години се одобрени 420 милиони долари за капитални инвестиции.

Пишува: Горан Теменугов, новинар

Сме добиле или не претседател/ка. Вие кога ќе го читате текстов ќе го знаете епилогот од вториот круг на изборите. Јас ова го пишувам една недела пред големото финале, така што сум во исчекување. Но, каков и да е резултатот, неколку работи веќе се јасни и пред гласањето. Одѕивот, во овој случај, минимум 40 отсто од гласачите за да се избере нов шеф на државата, виси во воздух. Второ, и да не добиеме претседател, наспроти општото мислење дека тоа ќе предизвика нова политичка криза, тешко дека ќе дојде до ова. Системот е поставен да се премости можниот неизбор и да се распишат нови избори. Дотогаш, функцијата ќе ја преземе претседателот на Собранието, кој нема да има право да гласа како пратеник. Според процедурата, нема да има време да се отворат уставни измени претседател да се избира во Собранието, а со тоа да почне нова парламентарна битка. Криза е можна само ако се скараат владејачките СДСМ и ДУИ, но тоа е веќе друг вид проблем. Трето и најважно што веќе е јасно е дека гласачите се страшно разочарани и од власта и од опозицијата. Опозицијата, и покрај огромниот број скандали на власта, не освои повеќе гласови, туку 4.500 помалку во првиот круг од кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски. Власта, пак, значи СДСМ + ДУИ од последните локални избори што се одржаа пред околу една и пол година изгуби околу 180.000 гласови. Поразителна бројка. Освен ова, имаше околу 33.000 неважечки ливчиња.

Јасно е дека граѓаните им упатија порака на партиите дека не се задоволни од нивните понуди. Не персоналните, од Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски, туку од партиите. Опозицијата сè уште не може да се оттргне од имиџот што ја следеше по 11. години владеење, а тоа е дека нема демократски капацитет и дека токму во овој период се урнаа сите столбови на нормалното функционирање, пред сè на правниот поредок. Но, на сегашната власт, граѓаните ѝ порачаа дека не е кадарна да владее како што треба.

Од 2015 до 2018 година, иако биле испланирани со буџетите, Македонија не успеала да потроши 556 милиони долари за проекти од инфраструктурата, образованието, енергетиката.

Оваа нејзина некадарност најдобро се гледа преку капиталните инвестиции, односно еден од основните индикатори за да се процени капацитетот на една влада за економски раст и развој. Катастрофалните бројки за првиот квартал од годинава или реализација од поразителни 6,21%, од една страна, покажува дека не се знае како да се сработи нешто. Од друга страна, пак, многу невешто, дури и смешно се најавуваат евтини кредити и грантови од Светската банка за да се реализираат проекти, меѓу кои и капитални инвестиции. Полни со гордост, од Министерството за финансии нè информираа дека банкарите во Вашингтон за наредните четири години ни одобриле 420 милиони долари кои ќе треба да ги потрошиме, меѓу другото, за инфраструктурни објекти, подобрување на образованието, екологијата, енергијата. За поголем дел од овие пари, државата, поточно граѓаните ќе плаќаат камати бидејќи се кредити.

Апсурдноста на ова е што Македонија во изминативе четири години, од 2015 до 2018 година, иако биле испланирани со буџетите, не успеала да потроши 556 милиони долари токму за проекти од инфраструктурата, образованието, енергетиката. Само лани не знаела и не потрошила 226 милиони долари, а во првите три месеци од годинава потрошила само 29 милиони или смешни 6,21 отсто. За овие пари не се плаќа камата бидејќи се собрани од даноците на граѓаните. И тука е главниот проблем. Тоа е што во моментов владиниот економски тим е раштиман оркестар.

Во Министерството за финансии иако можат, но немаат политички габарит, не се во состојба да ги укорат и натераат другите министерства да ги потрошат парите преку реализирање на капиталните инвестиции. Вицепремиерот за економски прашања, пак, не може да врши притисок бидејќи неговата моќ произлегува од моќта што му ја дава премиерот. При најмал отпор од кој било министер, вицепремиерот мора да се повикува на премиерот, што значи ќорава работа околу функционирањето на тимот. Затоа, во отсуство на вистински координатор, не се испорачуваат резултати. Парите се собираат, но се трошат во празно, без план, а граѓаните тоа го гледаат.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...