Актуелно

Горан Теменугов: НУЛА

22 апр 2019

Упорното форсирање на моралниот хазард, опростување на долговите на општините, неказнување на неодговорното трошење на народните... доаѓаме до нулата - до немањето вредност

0. Број, но и отсуство на вредност. 14 века по Брамагупта и 12 века по Мухамед ибн Муса ал Коваризми, нулата во Македонија доби нова улога. Со неа ги оценија заложбите на Владата во областа на економијата. Оваа „престижна“ оцена ја додели, ни повеќе ни помалку, Делегацијата на германското стопанство, каде што членуваат над 200 македонски фирми со капитал од нашиот најголем трговски партнер, Германија. Овие инвеститори можеби ја удрија најсилната шлаканица на која било влада од осамостојувањето до денес. Токму во екот на тврдењата дека од крајот на 2018 година сме зеле залет и треба да се почувствуваат добрите владини мерки во стопанството, дојде оваа оцена. Како и што бидува кај нас, нашите политичари место сериозно да се посветат на забелешките, побрзаа со ПР-мерки да кажат дека нулата не е нула. Дека не е толку лошо. 

Ден по изнесената оцена, првиот човек на Делегацијата, Патрик Мартенс, беше итно повикан во Владата на ран појадок за да разговараат околу ставовите на германските инвеститори. Исто така, експресно, на настан на кој не беше повикан Мартенс, но донесен од вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев, јавно беше поправена нулата. Беше кажано дека не е толку лошо.

За жал, ова потсетува на не толку дамнешното минато, кога еден министер, во времето на ВМРО-ДПМНЕ, доцнеше со прес-конференциите посветени на посетите на Меѓународниот монетарен фонд, на кои се анализираа достигнувањата во економијата. Сè додека министерот не ги убедеше монетарците да ги променат спорните точки, немаше средба со новинари. Се случуваше и да се испрати само соопштение од Финансии, а да го немаме деталниот став на ММФ. Беа тешки времиња, кои како никако да нема да завршат.

Но, проблемот е што бизнисот има големи проблеми. Наместо да му се создадат услови за побрзо да се развива, се добива впечаток дека се преземаат мерки за да му се одмогне. Дел од бизнисмените велат дека преживуваат троен удар. Им се зголемија даноците, како персоналниот така и данокот на добивка, по што се зголемија и кириите за фирмите, пред сè за малите и средните, и плус се зголеми и минималната плата.

Едноставно, ова не можат да го издржат.

Кога на ова ќе се додаде упорното форсирање на моралниот хазард, како опростување на долговите на општините, а притоа да се нема воопшто желба да се заузди неодговорното трошење на народните пари, како во случајот со купување на екстремно скапите возила од единиците на локалната самоуправа, доаѓаме до нулата. До немањето вредност.

Овој пат нема да споменам за капиталните инвестиции кои, гледај изненадување, повторно потфрлија во февруари. Нема да пишувам ниту за ветувањето дека автопатот Миладиновци – Штип ќе беше пуштен во употреба во јануари годинава. Од ветувањето што беше дадено пред повеќе од пет месеци сè уште абер нема, иако автопатот е изграден, но по него не се вози.

Но, ќе споменам нешто многу важно што веќе станува евидентно. А тоа е дека во Владата не се слушаат проблемите на бизнис-заедницата и не се седнува да се најдат решенија. Можеби ова се должи на презафатеноста со крупната политика, која и беше главната причина да се добие нулата. А можеби и затоа што во Владата има повеќе економски политики. Премиерот Зоран Заев го форсира малиот и среден бизнис. Вицепремиерот Кочо Анѓушев - крупниот, министерот за финансии Драган Тевдовски си тера тврда социјалдемократска политика, без да има многу слух за стопанството и четврта политика, политиката на ДУИ која е држава во држава.

Реално е да се очекуваат три сценарија. Првото е по претседателските да има реконструкција каде што еден или два економски министри ќе си заминат. Второто е да има предвремени парламентарни избори. Третата опција е да се обиде Заев да заведе каков-таков ред меѓу економските ресори. А тоа веројатно ќе биде можно само по едно од првите две сценарија.

Бизнисот има големи проблеми. Им се зголемија даноците, како персоналниот така и данокот на добивка, се зголемија и кириите за фирмите, пред сè за малите и средните, и плус се зголеми и минималната плата.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...