Актуелно

Глигор Цветанов: Да направиме промени за подобро утре

18 фев 2019

Глигор Цветанов

извршен директор на „Макпрогрес“

Минатата година беше тешка и турбулентна за бизнисот, за политичарите, за граѓаните во Македонија. Во 2019 година влегуваме со надеж дека најпосле може да тргнеме напред и дека набрзо ќе бидеме интегрирани во европското семејство, каде што ни е местото.

За производителите во FMCG-секторот, предизвик и понатаму ќе биде одржувањето на конкурентноста на производството во услови на зголемување на трошоците на работењето врз основа на зголемени цени на суровините, енергијата, придонесите и порастот на платите. Но, сметам дека најголем предизвик ќе биде задржувањето на вработените, со оглед на енормното иселување што се случува во Македонија.

Масовната емиграција што се случува, освен на пазарот на трудот, влијае и врз намалување на целокупната потрошувачка на домашниот пазар, па во услови на намален пазар очекувам да се случи уште поголема борба меѓу малопродажбата за задржување на пазарните позиции, а со тоа и намалување на маржите на трговците и на производителите.

Очекувам оваа година малопродажните системи да разберат дека ѝ се потребни на домашната индустрија и да ја третираат како партнер. Домашните компании ќе имаат повеќе можности за развој, за повеќе вработувања, за поголеми плати и за овозможување подобар живот на своите вработени. Тие се всушност потрошувачите што остануваат во Македонија и ги трошат своите заработени пари во малопродажбата, овде, во Македонија. Производствените компании можат да имаат и поголема флексибилност и разбирање за потребите на трговците, па со заеднички сили и проекти да работат на развој на пазарот.

Наша цел и понатаму ќе биде да инвестираме и да работиме на подобрување на енергетската ефикасност, продуктивноста и автоматизацијата за да останеме конкурентни. Во првата половина од 2019 година ќе лансираме и нови уникатни и иновативни производи - Tortina желе во два вкуса, Armonia брускети во три вкуса и бисквити Donia bakehouse. Како производител, ќе се насочиме кон развој на домашниот пазар и силна извозна активност на странските пазари, бидејќи за пазар како Македонија извозот дефинитивно е најглавниот генератор на економски пораст.

Шарл Монтескје, голем француски писател и филозоф, вели: Секој народ си ја заслужува судбината. Ако е веќе така, да преземеме одговорност, да дејствуваме и да направиме промени кон подобро за себе и за компаниите во кои работиме за да заслужиме попросперитетна судбина.

Предизвик и понатаму ќе биде одржувањето на конкурентноста на производството, но најголем предизвик ќе биде задржувањето на вработените во Македонија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...