Компаниите – поврзани лица треба да бидат подготвени за дополнителна обврска при поднесувањето на даночниот биланс како дел од годишната сметка за 2019 година
Автор: Елена Клисаровска, управител и овластен сметководител во „Акаунтинг солушнс“, e.klisarovska@solutionsacc.com.mk
Со последните измени во Законот за данок на добивка како новина се јавува обврската да се поднесува Извештај за трансферни цени заедно со поднесувањето на даночниот биланс. Оваа обврска ја имаат обврзниците за данок на добивка што имаат трансакции со поврзани лица и чиј вкупен годишен приход надминува 60.000.000 денари.
Најпрвин треба да се утврди дали според некој од наведените услови во законот добиваме третман на поврзано лице или не. Со измените во Законот се допрецизира терминот поврзано лице и дадени се неколку критериуми од чие исполнување зависи дали некое лице ќе се смета за поврзано или не.
Обврска за поднесување Извештај за трансферни цени заедно со поднесувањето на даночниот биланс имаат обврзниците за данок на добивка што имаат трансакции со поврзани лица, чиј вкупен годишен приход надминува 60.000.000 денари.
Оваа новина секако се однесува на обврзниците на данок на добивка што имаат обврска за поднесување на даночен биланс во УЈП. Ако увидиме дека сме поврзано лице според некоја основа, следно треба да утврдиме дали имаме меѓусебни трансакции со поврзаното лице (или поврзаните лица, ако се повеќе). Ако и тука одговорот е потврден, а притоа вкупните годишни приходи ни се поголеми од 60.000.000 денари, најдобро е да се направи добра подготовка за изработка на Извештајот за трансферни цени.
Таа подготовка подразбира да се разграничат видовите трансакции меѓу поврзаните лица, дали такви производи и услуги веќе постојат на пазарот, дали имате споредлив производ или услуга со која ќе дефинирате што значи пазарна цена со која понатаму ќе ја споредувате вашата трансферна цена итн.
Тоа што е важно е обврзникот да направи анализа на типот на трансакција и со тоа да утврди кој метод е најдобар, во согласност со дадените услови на трансакцијата за најреално да се прикаже пазарната цена по принципот „дофат на рака“. Притоа, тој метод треба да се образложи и да докаже дека пресметката на пазарната цена, а со тоа и разликата (доколку постои) од трансферната цена, точно е прикажана во даночниот биланс.
„Arm's length principle“ или принципот „дофат на рака“ (како што е преведен во нашиот закон, иако ако се протолкува суштински, значењето му е „надвор од дофат на рака“) значи во пресметката на даночната основа за данок на добивка да се користат цените што владеат на пазарот, односно цените што се „надвор од дофатот на раката“ на поврзаните лица. Со други зборови, тоа значи трошоците за набавка на добра, односно приходите од продажбата на добра кон поврзани лица треба да бидат на ниво на трошоците, т.е. приходите што би се оствариле при исти такви трансакции со неповрзани лица.
За решавање на овој проблем за утврдување на пазарната цена постојат неколку методи, кои се дефинирани во Правилникот за изработка на извештај за трансферни цени. Сите методи се во рамките на принципот „Arm's length principle“.
Пазарната цена може да се утврди преку споредување на трансферната цена со цената по која истиот производ или услуга се разменува меѓу неповрзани лица (метод на споредлива неконтролирана цена). Ова е навидум едноставен начин, но може да се јават проблеми со изнаоѓањето иста таква трансакција, со разликите во целокупните услови на тргување и испорака, со добивање информација за цената по која трети лица тргуваат и слично. Друг метод што е предвиден во Правилникот е методот на препродажна цена – кога се тргнува од цената по која производот или услугата што е купена од поврзани лица се препродава на неповрзани лица. Таа препродажна цена потоа се намалува за споредливата бруто-маржа и тоа што останува се смета за пазарна цена по принципот „дофат на рака“. За споредлива бруто-маржа се смета препродажната маржа, остварена во споредливи неконтролирани трансакции меѓу неповрзани лица. Овој метод особено е погоден за друштвата чија дејност е трговија и/или дистрибуција.
За производствените претпријатија погоден е и методот на цена на чинење, каде што се пресметуваат сите трошоци за производство на еден производ или услуга (директни и индиректни) и на тој износ се додава вообичаената бруто-маржа за да се дојде до пазарна цена што е во согласност со принципот „дофат на рака“.
Понатаму може да се примени методот на поделба на добивката, методот на трансакциска нето-маржа итн.
Извештајот за трансферни цени, како што е објаснет во Правилникот, се состои од два дела: master file – податоци на ниво на групата мултинационални претпријатија и local file – податоци на ниво на даночниот обврзник/компанијата што го поднесува извештајот.
Податоци на ниво на групата што треба да бидат опфатени во Извештајот се организациската структура и опис на дејностите на групата; понатаму, податоци за нематеријалните средства, меѓукомпаниските финансиски активности и на крај, некои податоци за финансиските и даночни позиции на групата, односно податоци од консолидираните годишни финансиски извештаи и листа со постојни претходни договори за цени (advance pricing agreements).
Како податоци на ниво на компанијата што го поднесува Извештајот потребно е да се наведат тие што се однесуваат на претпријатието, податоците што се однесуваат на контролираните трансакции и на крај, тие што се однесуваат на финансиските информации.
Треба да се има предвид дека се потребни и прилози кон Извештајот за трансферни цени. Имено, потребно е да се приложат годишни консолидирани финансиски извештаи за групата мултинационални претпријатија, копии од сите договори склучени во врска со контролираните трансакции, копии од постојните унилатерални, билатерални и мултилатерални претходни договори за цени (advance pricing agreements) и други даночни одлуки на кои даночниот орган не е една од страните, а кои се поврзани со контролираната трансакција.
Дополнително, треба да се приложат и сите други документи што се релевантни и за кои обврзникот смета дека се релевантни за изборот на методот за утврдување на цената на трансакцијата меѓу поврзаните лица во согласност со принципот „дофат на рака“.
Постои олеснителна околност за обврзниците што се должни да достават Извештај за трансферни цени, а кои имаат меѓусебни трансакции со поврзани лица чиј износ не надминува 10.000.000 денари или кои имаат трансакции само со поврзани лица резиденти на Република Македонија. Овие субјекти треба да поднесат Извештај во скратена форма. Извештајот содржи само опис на трансакциите, вредност и поврзано лице со кое се направени тие трансакции за секоја категорија трансакции со поврзано лице, односно група трансакции од ист вид.
За компанијата
„Акаунтинг солушнс“ е друштво за вршење сметководствени работи. Услугите ни се широко распространети во областа на сметководството и финансиите за мали, средни и големи претпријатија, трговец-поединец и компании со странски капитал.
Тоа што нè дефинира како тим се проактивноста и непосредноста при комуникацијата со клиентите. Сите вработени во компанијата се сертифицирани овластени сметководители со долгогодишно домашно и меѓународно искуство во областа на сметководството и финансиите, со способност за деловна комуникација и сметководствено известување и на англиски јазик.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.