Работење

Антонио Зрилиќ: Како да ги подобрите перформансите на логистиката?

06 мар 2019

Постојат низа знаци за лошо работење во логистиката. Треба да му се спротивставиме на поривот да ги решаваме симптомите бидејќи тие се само последици. Тоа што треба да се решава се причините и подобрувањето на перформансите.

Автор: Антонио Зрилиќ, „Логико“

Логистиката што лошо се менаџира е склона кон грешки, недостатоци и оштетувања, лошо ниво на услуга, високи трошоци и послаба продуктивност. Тоа честопати е резултат на инерција – кога еднаш ќе се воспостават процесите во складиштето и начинот на работа, тие повеќе не се преиспитуваат и менуваат, дури и кога барањата и условите драстично се променети.

Управувањето со логистиката не мора да биде вашата основна дејност, но таа обично е еден критичен дел од работењето, кој е особено важен за натпревар и конкуренција со другите играчи на пазарот. Добриот глас за тој што успеал да го испорача тоа што го ветил, на бараното место и во време кога на купувачот му одговара, далеку се слуша.

Честопати е особено тешко да се оптимизира и подобри логистиката, а истовремено да се намалат трошоците. Голем број компании немаат стручност, ниту персонал на располагање за да почнат со континуирано подобрување на работењето. Тие не знаат и не можат да ги спроведат најдобрите практики, постапки и да ги усвојат најновите технологии за да постигнат значително подобрување на логистичките и на дистрибутивните операции. Доколку, пак, се потребни значителни капитални вложувања за актуализација на тие подобрувања, тие стануваат дополнителна пречка при спроведувањето. Особено тешко за помалите компании е да растат и да го балансираат бизнисот меѓу изведбата и одржливоста на трошоците.

За да реализирате брзи промени во вашето досегашно магацинско-дистрибутивно работење, мора да следите одредени законитости, со пропишан и дисциплиниран тек на дејствување.

Историски гледано, програмите за подобрување на работењето се насочени на одредена компонента, свртувајќи го вниманието на еден процес или елемент во одредено време. Сепак, многу подобри резултати дава холистичкото решение, кое значително го подобрува работењето, ги неутрализира (намалува) трошоците и носи брзи резултати – од 6 до 12 месеци.

Четири чекори за подобрување во логистиката

За да реализирате брзи промени во вашето досегашно магацинско-дистрибутивно работење, мора да следите одредени законитости, со пропишан и дисциплиниран тек на дејствување. Најпрвин, потребно е да ги дефинирате можностите за подобрување во секој аспект на магацинското работење (перформанси, продуктивност, ниво на услуга, квалитет, системи). Тоа брзо ќе ги дефинира вашите бизнис-сценарија, односно финансиските потреби. Иако магацинот традиционално се смета за трошочно место, во него фокусот треба да биде на донесувањето вредност преку логистичките операции. Голем број менаџери не се свесни дека логистиката може да ѝ помогне, а уште повеќе да ѝ одмогне на основната дејност на компанијата, без разлика дали таа е производствена, трговска или дистрибутивна. Вистинската стратегија во логистичкото работење е насочување кон зголемена вредност на основниот бизнис. Понекогаш е тешко да се пронајде врската меѓу тоа што логистиката го прави и остварувањето резултати во другите делови од компанијата.

Голем број менаџери не се свесни дека логистиката може да ѝ помогне, а уште повеќе да ѝ одмогне на основната дејност на компанијата, без разлика дали таа е производствена, трговска или дистрибутивна.​

Испораката на вредноста е многу повеќе од едноставно идентификување на заштедата. Евалуацијата има две цели: прелиминарна економска анализа и спроведување на стратегијата, а стратегијата има четири главни компоненти што се спроведуваат истовремено:

  • Процеси. Единствениот начин за стабилизирање на правилата е дефинирање на процесите и процедурите во складиштето. Потребно е да се користат најдобрите практики на процесот, но специфичноста на секоја логистика е и да се дефинираат плановите за спроведување на системите за зголемување на точноста и за намалување на грешките.
  • Простор. Можеби магацинот некогаш служел за складирање на стоките на подолг рок, особено во времето кога поголемиот број индустрии беа поврзани со земјоделските циклуси. Денес имаме сосема поинаква структура на индустријата. Главната цел не е складирањето на стоката, туку тие производи колку што е можно на поефикасен начин да се „исфрлат“ од магацинот на местото на нивната употреба. Со оглед на тоа што функцијата на складиштето ги одредува дизајнот и распоредот на просторот, тие мора да се приспособат на функцијата излез на стоките, а не на нивно чување на подолг рок.
  • Луѓе. Потребно е да се разработи план за развој и подобрување на квалитетите и продуктивноста на работната сила во компанијата. Постојат низа истражувања чии резултати упатуваат на фактот дека квалитетот на логистичкото работење и квалитетот на луѓето „одат рака под рака“. Секако, за да ги задржите квалитетните луѓе, тие мора да бидат задоволни, а ќе бидат задоволни ако се мотивирани, компетентни и ако правилата што важат за сите се логични, стабилни и им одговараат.
  • Метрика (клучни показатели за успешност). За да бидат логистичките процеси во функција на постигнувањето на главните стратешки цели на целиот систем (компанијата), неопходно е да се дефинираат мерките за подобрување на процесот и ефикасноста, бидејќи само на тој начин може со нив да се управува. Впрочем, тоа го кажал и Питер Друкер: Не можете да управувате со тоа што не можете да го измерите.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...