Работење

Беки Патрида: Повратно логистички практики и организациски фактори

17 дек 2018

Од индустријата и годишниот приход зависи во колкава мера компаниите ќе вложуваат во управувањето со повратот на производите.

Автор: Беки Патрида, специјалист за истражување и управување со синџирот на снабдување, APQC

За многу компании, повратната логистика обезбедува начин брзо и ефикасно да ги добијат вратените производи за поправка, рециклирање или за обнова. Од таа причина, во најдобар интерес за секоја компанија е да ја спроведе повратната логистика на најдобар можен начин, кој ќе овозможи купувачите да останат задоволни, при што би биле искористени минимални ресурси.

Податоците од истражувањето „Open Standards Benchmarking“ на APQC покажуваат дека повеќето компании (82%) го имплементирале процесот на управување со повратот на производите како дел од нивната логистичка активност. Речиси половина од компаниите опсежно го менаџираат формалниот поврат на производите. Освен тоа, голем број компании утврдиле дека повеќе има смисла да обезбедат аутсорсинг-менаџмент отколку процесот да го спроведуваат самите.

APQC утврди дека околу 75% од компаниите имплементирале употреба на трети страни во логистиката (Third-party logistics – 3PL) или на други надворешни агенции за управување со повратот на производите. Сепак, степенот до кој организациите користат 3PL варира. Околу 41% од компаниите ги користат услугите на 3PL до одредена мера, а една третина ги користат во голема мера.

За многу компании повратната логистика 
обезбедува начин брзо и ефикасно да ги добијат вратените производи. 
Од таа причина, во најдобар интерес за секоја компанија 
е да ја спроведе повратната логистика на најдобар можен начин.
 

Имајќи го предвид тоа, APQC и понатаму ги анализира податоците за да види како компаниите управуваат со повратната логистика. Податоците откриваат дека употребата на формалната повратна логистика варира во зависност од индустријата и од приходите. Кога станува збор за трошоци на логистиката, поголемата имплементација на формалниот процес на управување со повратот на производите и работа со трети страни е поврзана со повисок трошок за управување со логистиката и со складирањето.

Влијанието на индустријата

Видот на индустријата на која ѝ припаѓа компанијата може да има влијание врз степенот на имплементацијата на програмата за управување со повратот на производите, како и во колкава мера ги користи 3PL-услугите за менаџирање на повратот. Резултатите од индустриските производи, електрониката и фармацијата го илустрираат тоа. Како што е прикажано на слика 1, степенот на имплементацијата на формалното управување со повратот варира во зависност од видот на индустријата.

Кај компаниите со индустриски производи постојат повеќе организации што воопшто не имплементирале формално управување со повратот на производите, иако тоа се помалку од една четвртина од целата група. Во оваа индустрија постојат и помалку компании што во голема мера имплементирале формално управување. Тоа може да биде последица на видот на производите во оваа индустрија. Тие производи можеби не се враќаат толку често како производите во другите индустрии, со што се намалува потребата од формален процес на управување со повратот.

Сликата 1 покажува дека компаниите за електроника и за фармација во поголема мера ги усвојуваат формалните процеси на управувањето со поврат. Поради техничката природа на производите во електронската индустрија и високо регулираната природа на производите од фармацевтската индустрија, на тие компании им се потребни документирани и стандардизирани процеси за поврат на производите.

Поголемата имплементација на формалниот процес 
на управување со повратот на производите и работа со трети страни 
е поврзана со повисок трошок за управување со логистиката и со складирањето.
 

Индустриите се разликуваат и според степенот на користење на аутсорсинг-услугите за управување со повратот на производи. Како што е прикажано на слика 2, кај компаниите со индустриски производи е најголем бројот на тие што не ги користат надворешните агенции или 3PL. Тоа може да биде поврзано со фактот што во оваа индустрија има најмал процент на компании без формален процес на управување со повратот на производите.

И електрониката и фармацевтската индустрија имаат поголем процент на компании што во голема мера ги користат услугите на трети страни за управување со повратите. Резултатите од фармацевтската индустрија ја нагласуваат потребата на компаниите во оваа група да се придржуваат на прописите што ги поставиле институциите. За подобро да ги исполнат тие барања, фармацевтските компании ги користат услугите на надворешни соработници, а тие се фокусираат на институционалните барања.

Влијанието на приходите

Приходите на компаниите се уште еден важен фактор што влијае врз имплементацијата на формалниот процес на управување со повратот на производите, како и соработката со трети страни. Според податоците, при зголемувањето на приходите процентот на компаниите што немаат имплементирано формален процес на управување со повратот на производите се намалува, односно се зголемува процентот на тие што имплементирале.

Меѓу компаниите со помалку од 100 милиони долари годишен приход околу 14% воопшто немаат формално управување на поврат. За тие со приходи од 20 милијарди долари или повеќе тој процент изнесува 10%.

Што се однесува до користењето на надворешни агенции или 3PL, речиси 30% од компаниите што имаат помалку од 100 милиони долари годишен приход воопшто не ги користат услугите на трети страни, додека само 11% од компаниите што остваруваат приходи од 20 милијарди долари спаѓаат во таа категорија. Нешто повеќе од 25% од компаниите со понизок годишен приход во голема мера ги користат аутсорсинг-услугите, а од компаниите со повисок приход – 47%.

Резултатите покажуваат дека усвојувањето на формалните процеси на управување со повратот и користењето аутсорсинг-услуги бараат инвестиции, кои компаниите со помали приходи не можат да си ги дозволат.

Пресметка на трошоците

Иако голем број компании веќе го усвоиле процесот на управување со повратот на производите и ја користат експертизата на надворешните соработници за управувањето во таа област, сепак, тие и понатаму се разликуваат според степенот на усвојување.

Формалниот процес на управување со повратот може долгорочно да создаде ефективност, но имплементацијата бара инвестирање во процесот и системот за поддршка. Податоците покажуваат дека компаниите кои во поголема мера го имаат имплементирано процесот и користат 3PL-услуги плаќаат повеќе за менаџирање на логистиката и складирањето во споредба со нивните колеги што ги усвоиле истите практики, но во помала мера.

Компаниите треба да бидат свесни и да ги земат предвид потенцијалните дополнителни трошоци што се поврзани со создавањето и управувањето со логистичките практики. Прописите подразбираат опсежни и длабински формални процеси на поврат, но видот на производите и износот на средствата што компанијата ги има на располагање за вложување во дополнителни процеси ќе влијаат врз изборот што ќе го направат.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...