Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Како да унапредите некој што не сака унапредување?

26 сеп 2019

Како одлуката за развој и напредување да ја направите на задоволство на двете страни? Како да имате консензус или парламентарно мнозинство (или каков и да е сега модерниот изговор во политиката?)
некако и во бизнисот...

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс“ 

Има во компанијата еден што е одличен. Како и да го фрлиш, тој застанува на нозе. Омилен во тимот, омилен кај клиентите. Кога треба - е ѕвер, кога треба - е цвеќе. Сè во согласност со потребите. 

Некако му оди тоа од рака. Лесно. На некој би му било напорно, и физички и психички. Ама не. Тој плива спротиводно и низводно и не се уморува. 

Гледа сè, со леснотија влече заклучоци, понекогаш понешто и предлага. И одлични му се предлозите, практични, паметни... од тие, „како не се сетив“ предлози. Толку е очигледно. Малку е расеан, па не е многу по реализација на предложеното. Но, креативен е и тоа е доволно. 

Одлуката за развој и за напредување никако не може да биде еднострана. Ако е таква, тогаш лошо ќе заврши. Толку лошо што тој што беше ѕвезда на крај ќе си замине.

Луѓето лесно стекнуваат доверба во него, тој не се „отвора“ претерано. Мисли дека не треба. Има нешто во тие луѓе што работат сè и доживуваат сè со леснотија. Реалноста, секако, е сосема поинаква. Водат и тие свои битки, ама во себе. 
И така, имаме ѕвезда на работа, на тимот, на денот, на неделата... ма, секаде. И што се прави со ѕвездите? Им се оддава признание, им се врачува награда, некој екстра кеш нема да пречи... Се предлагаат за унапредување. И тука веќе почнуваме да кочиме.  

Не оди тоа баш така како што го замисливме. Не се снаоѓа баш најдобро. Како да се изгубил. Ма не, тој не може да се изгуби. Па нему сè му оди од рака. Или не му оди? 
Сега веќе изгледа како нешто по малку и да саботира. Како намерно да греши. И, веќе се почнува со чешање на главата и мисла дали ова беше правилен потег. 

Каде згрешивме? Па кај унапредувањето, логично. Дали го прашавте дали го сака тоа? Го прашавте ли што сака? Да, знам дека ви е логично да мислите оти сите сакаат да бидат унапредени. Е, па, не сакаат. Можеби не такво унапредување. 

Значи, ја препознавте ѕвездата и логично „сконтавте“ дека може уште подобро, а и за бизнисот е ок тој да биде на некое подобро место. Бидејќи во книгите пишува дека секој треба да се унапреди ако заслужи. 
Не пишува дека тој треба и да го сака тоа. 

Одлуката за развој и за напредување никако не може да биде еднострана. Ако е таква, тогаш лошо ќе заврши. Толку лошо што тој што беше ѕвезда на крај ќе си замине. И сите ќе бидат разочарани од сосема погрешни причини. Тој мисли дека не бил ценет, а вие мислите дека е неблагодарен. Ма, ѓубре едно неблагодарно. 

Како одлуката за развој и напредок да биде на задоволство на двете страни? Како да имате консензус или парламентарно мнозинство (или каков и да е сега модерниот изговор во политиката?)
Како и секогаш – работата е многу едноставна. Разговарајте со човекот. 

Прво, пофалете го за досегашниот резултат и успех. Истакнете ги позитивните црти на неговиот карактер. Позитивен став, ориентираност кон резултати, омилен меѓу колегите (зошто да не). Не зборувајте општо, туку наведете ги сите конкретни примери каде што бил одличен. 

Второ, признајте дека во него гледате голем потенцијал. Дека сакате да се развива и дека ќе го поддржите во тој развој. И како водач на тимот и како компанија. Кажете му дека го гледате во сите идни визии и верувате дека со него можете тие визии да ги претворите во стварност (не претерувам, размислете и ќе видите дека навистина е така). 

Трето, прашајте го што мисли за тоа. Да, знам. Што ќе мисли освен дека му е супер. И сигурно ќе му биде. И ќе биде благодарен и горд на себе. Ќе биде среќен што работи во опкружување во кое се препознаваат трудот и резултатот. 

Тој мисли дека не бил ценет, а вие мислите дека е неблагодарен. Ма, ѓубре едно неблагодарно.

Четврто, прашајте го каде се гледа. Во кои работи, во кои проекти, во кој тим. Не, нема да го прашате каде се гледа за пет години, тоа прашање веќе не се поставува. Прашајте го каде се гледа во визијата за иднината на фирмата. Што сака да работи, што сака да научи. 
Петто, не шокирајте се ако рече дека сака да биде токму таму каде што е сега. Да, ѕвездите понекогаш го прават тоа. Едноставно сакаат да останат таму каде што сјаат. И реално, во такви ситуации тука можат да дадат најмногу. И да добијат најмногу. 

Ако не сака во тој момент, не форсирајте развој. Оставете го таму каде што е и пуштете го да биде одличен. 
Ако форсирате, ќе го изгубите. А тогаш, ќе мора да го пополнувате неговото место со некој што е просечен. 
Пуштете го да го работи она во што е најдобар. И оставете да дојде вистински момент. Кога тој момент ќе дојде, сам ќе ви рече дека е подготвен за следното скалило. И тогаш на тоа следно скалило ќе биде извонреден. 

Околу некои луѓе вреди да се потрудите, да направите компромис, да ги оставите во некој момент да биде по нивно. Бидејќи тие ќе ви вратат на најдобар можен начин.