Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ - Салкиќ: А, зошто јас?

25 апр 2019

Тргнете од себе. Ни вие не сакате да биде само извршител. Сакате да мислите, да растете, да се развивате. Е па, тоа го сакаат и вашите луѓе, верувале или не 

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс“ 

А, зошто јас? Колку пати сте го чуле ова прашање од своите луѓе, соработници, членови на тимот?

Добро, можеби е подобро да прашам колку пати не сте го чуле. 

Главно, најчесто го слушате кога ќе дадете некоја нова задача или цел. Или кога се работи нешто ново. Или кога се работи нешто старо. Или кога не барате ништо, туку нудите. Или кога прашувате колку е часот. Или нудите милион, чисто онака. 

Што било да направите, да кажете или да не кажете, некој прашува: А зошто јас? 

Кога малку подобро ќе размислете, прашањето е на место. Ако ги има петмина што нешто можат, зошто токму таа или тој. Дали тоа е затоа што е најдобар, или затоа што е најлош? Или затоа што прв налетал? Или навистина има смисла. Безбројни се одговорите на ова прашање. И сите можат да бидат вистински одговори. 

Ех, но има и еден што секогаш е погрешен – затоа што јас така кажав. Популарна реченица, изведена од претходната, која најчесто ја користат искусни алиби-играчи е и: затоа што мене ми рече шефот, а јас ти кажувам тебе. Па доаѓа образложување и големото финале: тоа сега мора да го направиш, а јас да му го предадам нему, бидејќи тој тоа го бараше. 

И што ќе се случи тогаш? Па логично – ќе ја заврши работата. Затоа што вие така му рековте. Тоа е доволно добра причина за да се заврши што било. Заврши, изврши, одработи. И собери си ги работите и замини. И тогаш шок, очај и неверување како што обично се случува во такви ситуации. Прашањето се наметнува само по себе: Зошто си замина? 

Не, не е затоа што некој друг му понудил повеќе. Не, не е затоа што бил лош. Лошите не си одат, туку остануваат додека вас не ве уништат. 

Си отиде затоа што беше добар. Затоа што не е само извршител. Има мозок, па се дрзнал и да го користи. А и тогаш, сака да знае зошто го користи. Не, никако затоа што некој му рекол. Туку затоа што тоа што го работи има смисла и има цел. 

Тргнете од себе. Ни вие не сакате да биде само извршител. Машина или производствена лента. Сакате да мислите, да растете, да се развивате. Е па, тоа го сакаат и вашите луѓе, верувале вие или не. 

Кога на човек му велите нешто да направи само затоа што вие така сте кажале и тоа го наведувате како легитимна и единствена можна причина, тогаш не ни можете да очекувате многу за возврат. Тој ќе го заврши тоа. Нема да биде ниту квалитетно ниту ентузијастично. Ќе нема ни широчина ни длабочина. Ни некоја вредност. 

Ама, ќе биде завршено. 

Кога на човек ќе му објасните зошто нешто треба да направи, која е смислата на сето тоа, е тогаш можете да очекувате нешто. 
Кога на човек ќе му објасните зошто тоа што го прави е добро за компанијата, за тимот и за него и какво добро ќе му донесе тоа, тогаш можете да очекувате нешто исклучително. И тоа и ќе го добиете. 

Кога на човек ќе му кажете дека тој најдобро ќе го заврши тоа, бидејќи сигурно знае, сака и верува – тогаш и ќе го направи најдобро што може. И малку ќе порасне и како човек и како професионалец. И вие малку ќе пораснете. 

Тука нема место за его-трипови. Егото е за аматери. 

Вие сте професионалец, правите големи работи со големи луѓе. Остварувате големи резултати. И сите добро се чувствувате и сакате уште повеќе можности за да постигнете уште подобри резултати. 

Луѓето мора да знаат дека се дел од нешто големо, од некој развој, некои промени и дека со својата работа ќе придонесат за тоа. 

Мора да знаат дека за тоа што ќе го направат, добро ќе се чувствуваат, дека тоа ќе им ги олесни животот и работата.

Мора да знаат дека поради тоа што го прават, уште на некој или на сите ќе им биде подобро и полесно. 

Тоа е целта. Сè што правиме да има позитивен ефект. Да ни биде подобро, побрзо, полесно. Да се чувствуваме добро и да го храниме тоа чувство, бидејќи тоа е мотив што нè турка напред. 

Дајте цел за себе и за своите луѓе. Дајте го тоа добро чувство. Тоа го покренува најдоброто во сите нас. 

Никакви милиони, авиони и камиони. Сето тоа се троши и исчезнува. Но, чувството дека нешто сте поместиле, промениле, сте создале нешто – е тоа чувство останува.