Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Промените доаѓаат! Спасувајте се, кој може!

20 мар 2019

Промените секогаш се добри. Дури и кога се лоши - добри се. Бидејќи тогаш ја пуштаат природната селекција да ја одработи својата работа, па можете да видите кој е со вас, а кој не е. 

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, раководител за правни работи и за човечки ресурси, „Мегамикс“

Велат дека луѓето имаат природно вграден отпор кон промени. Што донекаде има и смисла, се плашат од непознато. 

Додуша, некои навистина претеруваат. Се борат до последна капка крв ништо да не се чепка, поместува и бранува, оти тоа отсекогаш така било. Кај ваквите не станува збор само за страв од промени, туку и за страв да излезат од комфорната зона. И сега некој тука нив нешто ќе ги прашува. Па тие ќе мора нешто да работат, Бог да чува. 

Во реалноста, промените секогаш се добри. Дури и кога се лоши - добри се. Бидејќи тогаш ја пуштаат природната селекција да ја одработи својата работа, па можете да видите кој е со вас, а кој не е. Што е информација која злато вреди. 

Промените се здрави и треба да се поттикнуваат. Секако дека нема секојпат да свртите сè наопаку и да го менувате течението на реката, но да поместите овде-онде понекое поточе, и тоа како е важно. 

Да, знам.. секојпат кога споменавте промена видовте ужас на лицата на своите соработници. Па поради вашиот авторитет, прифатија (само декларативно), а потоа се откажаа. 

Во меѓувреме, силно се потрудија да ве уверат дека тоа не ви треба, и тука некаде и вие се откажавте. И така, промената не се ни случи. Освен што сега имаат аргумент плус против вас, па ќе го употребат следниот пат кога ќе им предложите нова промена. 
Како оваа приказна може да биде поинаква? На два начина. Прво, охрабрете ги тие да предлагаат промени. Второ, изберете тим за промени. 

Иако првиот начин може да звучи парадоксално, не е така. Најголемите противници на промените имаат во себе идеи кои си седат таму неоткриени. Затоа што некои се плашат да ги предложат, а малку им е и мака. 

Но, ако ги охрабрите со позитивен пример, па уште и ги наградите ако предложат и применат некоја нова идеја што ќе направи разлика и ќе биде промена, ќе видите како се будат и предлагаат. 

Кога тоа е така, зошто вашите идеи пропаѓаат? Бидејќи е полесно да се биде селектор од клупа отколку да се влезе на теренот и да се шутира. И така е додека судијата не свирне крај на промените. 

Значи, од денес, бидете најголем охрабрувач на промените. Досадувајте додека не попуштат и не се отворат. А потоа, кога ќе видат дека тоа има смисла, нема да можете да ги запрете. 

Вториот начин – изберете тим за промени. Ова звучи како слоган во предизборна кампања. 

Тимот за промени не е обичен тим. Во него имате еден што е свртен кон резултати и насочен кон решенија; еден што е внимателен и сè става под знак прашалник, па ве спречува да не згрешите од старт; еден што е паметен и знае дека промената е добра, но знае и да претпостави како ќе влијае врз организацијата. Ах, ви треба и еден што верува во промената и ќе биде главен носител на позитивната приказна за промени. 

И нема да верувате, сите тие луѓе веќе ги имате во тимот. Само малку размислете и малку поинаку погледнете ги. Дури не мора да работат на исти или слични позиции, мора да го имаат „тоа“ нешто во својот став и карактер што ќе ги направи членови на тимот за промени. 

Размислете за нивните поранешни резултати, однесување и ставови и сами на себе ќе си ги доделат улогите. Кога имате тим за промени, тогаш го имате главното оружје во свои раце и сигурноста дека промената ќе биде спроведена.  

Бидејќи вашиот тим ќе се погрижи да го скрши отпорот, да ги вклучи сите што се потребни, да ја пропагира идејата за позитивна приказна и на крај да го прослави успехот поради добро завршената работа. 

Задолжително прославете и задолжително дајте им награда на луѓето. И јавна пофалба. 

Мора да се чувствуваат добро и поради промената и поради тоа што се носители на промената. 

Само така ќе ги имате покрај себе и другпат, а некои нови ќе сакаат да се придружат. Што секогаш е добро.