Маркетинг

Синиша Гавриловиќ: Канали за интернет-маркетинг (2. дел)

09 мај 2018
Во второто продолжение од кратката серија текстови за интернет-маркетингот ќе стане збор за SEO и за оптимизација на конверзијата.
 
Автор: Синиша Гавриловиќ, sinisa@trenutak.hr
 
SEO оптимизација

SEO (Search Engine Optimization – оптимизација на интернет-пребарувачи) се дели на два основни дела:

1. Оптимизација On page – техничка и концептуална оптимизација на делови на веб-страницата, односно сè што се работи на веб-страницата;
 
Пребарувачите на интернет ги пребаруваат страниците и се обидуваат да ја сфатат нивната содржина преку читање на три основни метаподатоци: title или наслов на документот, URL (Uniform Resource Locator) или единствената адреса на тој документ и description или опис на документот. Трите метаподатоци го сочинуваат записот SERP (search engine results pages – страници со резултати од пребарувањето) на поединечна страница. За поимот што ќе го запише корисникот, базично гледано, пребарувачот ќе донесе 10 органски записи SERP. Целта на кампањата SEO е тој да биде првиот меѓу тие органски резултати. Колку резултатот на некоја страница е поблиску до врвот, толку страницата има повеќе органски посети. Позицијата е многу важна бидејќи мал број корисници кликнуваат на пониско рангираните резултати, а речиси никој не гледа на втората страница на SERP.
 
Иако пребарувачите денес ја разбираат содржината 
на целата веб-страница, 
оптимизацијата на title, URL и description 
и понатаму е основа за on page SEO.
 
Тitle – насловот на страницата се наоѓа во првиот ред на пребарувачот и треба да се разликува од URL, односно од веб-адресата на некоја интернет-страница, како и од насловот на текстот. Иако title и насловот на текстот честопати во практика се исти, тоа не мора секогаш да биде случај. Правилото за добро SEO гласи дека тоа треба да биде што пократко и пожелно е на себе да ја има ознаката на брендот, но на крајот (на десната страна). Должината на видливото title-поле е од 50 до 60 знаци – обидете се насловите да ги пишувате во рамките на таа должина и секогаш кога можете, употребете клучен збор.
 
URL – вториот елемент на записот SERP е веб-адресата на нашата страница. URL-адресите пишувајте ги така што од нив да биде видливо за што се работи, избегнувајте да користите броеви, шифри на производи или неразбирливи податоци за другите корисници. Секако, употребете го клучниот збор за кој сакате да бидете оптимизирани.
 
Description е поле на описот, кој е посебен метаподаток што често се појавува (иако не секогаш) на записот SERP на нашиот документ. Полето на описот секогаш пишувајте го на начин што ќе ги задоволи двете страни: од една страна, корисникот од него треба да дознае што се наоѓа на страницата, а од страна на SEO, користете зборови што сакате да бидат оптимизирани. Пишувајте јасни и повикувачки описи на вашите страници и не пишувајте го тоа што го нема на страницата. Не заборавајте го повикот за акција, како: посетете, дознајте, прочитајте, резервирајте и сл. Должината на описот беше ограничена на 150-160 знаци, но од годинава е проширена до 300 знаци. Држете се до правилото дека сè што е добро за корисниците е добро и за нашиот SEO. Пишувајте описи за корисниците во кои ги споменувате клучните зборови што имаат врска со содржината на страницата.
 
Еден од најстарите SEO-митови е полето Keywords, кое е остаток од старите SEO-времиња кога сопствениците на веб-страниците во тоа поле ги запишуваа клучните зборови за кои сакаа да бидат позиционирани и тоа честопати им беше доволно да бидат први. Тоа поле не се користи повеќе од 7 години.

Иако пребарувачите денес ја разбираат содржината на целата веб-страница, оптимизацијата на трите елементи и понатаму е основа за on page SEO.
 

2. Оптимизација Off page – промоција на зголемување на репутацијата и авторитетот на веб-страницата, односно сè што се работи околу веб-страницата.

Со оглед на тоа што во оптимизацијата SEO постојат повеќе од 200 различни SEO-фактори, од кои некои се менуваат на дневна база, наједноставно е тие да се сведат на два најважни.

Репутација – тоа е сè добро или лошо што сте правеле при оптимизација на вашата веб-страница. На пример, доброто може да биде создавање квалитетна содржина, а лошото – собирање голем број линкови од чудни веб-места, премногу исти зборови во содржината, поставување невидливи делови на страницата преполни со клучни зборови и сл.

Авторитет станувате дури кога другите за вас ќе кажат дека сте авторитет. Авторитетот на интернет се пренесува преку линкови кон вашата страница, кои се глас за позицијата на вашата веб-страница на пребарувачите. Но, не е толку важен нивниот број колку што е важен квалитетот. Најчесто државните страници, страниците на министерствата, на одредени владини агенции и квалитетните стручни страници носат најголеми репутации во одредена земја. На пример, ако сте сопственик на стоматолошка поликлиника, за вас најдобри би биле линковите од страниците на Министерството за здравје, Стоматолошката комора, стручни списанија и конференции.

Авторитетот на интернет се пренесува преку линкови кон вашата страница, 
кои се глас за позицијата на 
вашата веб-страница на пребарувачите. 
Но, не е толку важен нивниот број колку што е важен квалитетот.

Оптимизација на конверзијата

CRO (Conversion Rate Optimization) – оптимизација на конверзијата) е еден од најзапоставените канали на интернет-маркетингот. Тоа е релативно нов поим, иако е најважната мерка според која се оценува успехот на секоја веб-страница. Бројот на конверзии го претставува процентот од корисниците што на веб го направиле тоа што од нив го очекуваме. Иако основната конверзија, на пример, на веб-продавницата е бројот на остварени продажби, таа може да биде и пријава на корисниците за њуслетер, задржување на страницата повеќе од две минути, број на отворени страници и сл.

 

На пример, сопственици сме на веб-продавница за продажба на карти за концерти. Ако нашата веб-страница ја посетуваат 100 корисници дневно и тие купуваат по 5 влезници, тогаш нашата стапка на конверзија е 5%. Сепак, честопати во практика стапката на конверзија е помала од 1%, што нè доведува до првото правило на оптимизацијата CRO.

Ако сакате да ја зголемите стапката на конверзија, намалете го бројот на посети од нерелевантни извори. Денес не е тешко со помош на SEO или PPC (Pay-per-Click – плаќање по клик) да се доведат луѓето на веб-страницата. Но колкумина од нив нешто ќе купат?

CRO може да се спроведе при планирањето или на веќе готова веб-страница. Честопати сопствениците на веб-страниците се одлучуваат за изработка на целосно нова страница бидејќи старата не им носи резултати, но тоа е погрешно. Новата страница ќе реши некои проблеми на старата, но по правило, ќе создаде и нови. Оптимизацијата на конверзијата го следи однесувањето на корисниците на веб-страницата и преку мали, суптилни промени се обидува да ја зголеми стапката на конверзија. За да дознаете кои мерки треба да ги примените, треба да се запрашате кои се вашите корисници?

По правило, корисниците ги донесуваат одлуките брзо или бавно, потпирајќи се на разумот или на емоциите. Оттука, постојат четири основни типа корисници:

  • Корисници што брзо донесуваат одлуки врз основа на емоциите. За нив се користат пораки од типот: Последен ден од попустот – реагирај денес и заштеди 40% од цената.
  • Корисници што бавно донесуваат одлуки врз основа на емоциите. Тие ќе прочитаат што другите корисници мислат за вас и за вашите производи, ќе пребараат по форуми и други страници. Идеални пораки за нив би биле сведоштвата од сродни демографски групи, кампањите на социјалните медиуми и сл.
  • Корисници што брзо донесуваат одлуки врз основа на разумот. За нив користете авторитативни пораки, како: Повеќе од 30.000 задоволни корисници. Тие сакаат да видат компаративни табели меѓу производите што сакаат да ги купат и другите производи на пазарот.
  • Корисници што бавно донесуваат одлуки врз основа на разумот. Тие ќе прочитаат сè што може да се прочита на вашата веб-страница и на други страници што зборуваат за вас и за вашите производи. Овие посетители бараат најдобар производ по најдобра (но, не и најниска) цена. Пред нив немате право ниту на најситна грешка, но ако ги освоите, бидете сигурни дека тие ќе ви бидат лојални во иднина.

Идеално, вашата страница треба да биде обликувана за секоја од овие групи посетители да пронајде доволно позитивни сигнали. Но, ако се доминантни купувачите од една група, тогаш вашата веб-страница треба да биде примарно обликувана според нив.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...