Instory

Биовитал: Кога зрното надеж прераснува во идеја

21 фев 2019

Честопати добрите идеи во бизнисот им се припишуваат на индивидуалните „еурека“ моменти. Сепак, во реалноста добрите идеи почесто потекнуваат од животното искуство и се развиваат во согласност со личните убедувања и квалитети на човекот.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Нашиот соговорник Ласте Младеновски, сопственик на пекарницата „Биовитал“, ни ја раскажа својата лична приказна и причината да почне со производство на леб без квасец со природно кисело тесто од интегрални брашна и проникнати зрна на жито, без адитиви и конзерванси. Одлука која буквално ја почувствувал на сопствена кожа.

Принципот јин-јанг

Едно од многубројните значења на кинескиот симбол јин-јанг, кој е дел од логото на Биовитал, е дека не постои ни апсолутно добро ни апсолутно зло, туку дека во секое добро постои зрнце зло, и обратно.

Се случи во 1986 година. На дерматолог ми беше дијагностицирано витилиго, неизлечиво кожно заболување на губење на пигментот. Заболување какво што имал и Мајкл Џексон, но во поекстремна фаза. Посетив повеќе дерматолози, дијагнозата и мислењата беа исти, ја почнува приказната Ласте покажувајќи ја старата здравствена книшка.

Почнал да чита научна литература, на почетокот макробиотичка, а подоцна и други книги од областа на нутриционизмот. Дојдов до сознание оти витилигото може да се појави поради неправилен начин на исхрана. Препораките за правилниот начин на исхрана беа да се консумира природна храна, од цели зрна жито, овошје и зеленчук. Во тоа време, со исклучок на овошје и на зеленчук, производи од цели зрна жито на пазарот немаше, сите беа од бело брашно. Почнал самиот да прави леб и брашно од цело зрно, без квасец, со природно кисело тесто и да практикува природен начин на исхрана. За неколку месеци витилигото се повлекло.

Со усовршување на стручните знаења продолжил на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, отсек прехранбена технологија и биотехнологија, каде што дипломирал во 1991 година. По дипломирањето Ласте се вработил во американско-германска фирма за производство на леб и кондиторски производи во Германија. По 3 години се вратил во земјава и откако се родиле ќерките Моника и Билјана, почнал да размислува за сопствен семеен бизнис во делот на пекарството и производството на здрава храна.

Во тоа време не беше лесно да се почне бизнис. Набавката на документацијата, формирањето на фирмата и изградбата на објектот се одвиваа многу бавно. Во 1997 година конечно на поголемите продавници во Скопје им понудив пробно 100 леба од цело зрно, направени со природно кисело тесто. Не се продаде ниту едно парче. Потрошувачите не беа навикнати на таков леб, а бројот на хронични заболувања, рак, алергии, кардиоваскуларни заболувања, шеќер и дебелината беа во пораст. Едукацијата за здрав начин на исхрана беше на многу ниско ниво, се сеќава Ласте.

Позитивни промени

Работите се промениле на подобро во 2005 година кога и официјално стартува брендот Биовитал со неколку видови леб – традиционален, ’ржан, зрнест и грахам; брашна – јачменово, ‘ржано, пченкарно и пченично; и цели зрна пченица и ’рж. Производите се произведуваат во село Стајковци – Скопје,  во објект со површина од 100 м2.

Во работата на „Биовитал“ се вклучени Ласте и Моника, која има завршено индустриски дизајн на Машинскиот факултет. Тој е одговорен за делот на производството, додека за маркетиншкиот дел и за канцелариските работи е задолжена Моника.

Користам исклучиво домашна суровина, која не е третирана со хемикалии. Сам ја преработувам по принципот „од нива до трпеза“, вели Ласте и накратко ни го опиша процесот на производство – полумашински, полурачен: Најпрвин се зема пченица од комбајн, се селектира житото, се чисти од сите примеси што не се зрно жито. Во зависност од рецептурата, дел од зрната проникнуваат, па се прави лебот, дел се кршат (не се мелат целосно), а од дел се прави крупно мелено брашно. Следува постапката на приготвување на природното кисело тесто, која трае околу 3 дена. Потоа лебот се замесува, се оформува, стасува, пак се оформува, се пече, отстојува, се сече на кришки, се пакува и им се нуди на потрошувачите.

Користам исклучиво домашна суровина, која не е третирана со хемикалии. Сам ја преработувам по принципот „од нива до трпеза“.

Тој додава дека лебовите Биовитал се со голема нутритивна вредност и спаѓаат во групата функционална, макробиотска и хроно-исхрана. Ги содржат сите есенцијални аминокиселини, масла, комплексни јаглехидрати, минерали и витамини. Со процесот на проникнување и природното кисело тесто се додаваат дополнителни 200 хранливи компоненти на постојните 80, кои се наоѓаат во житата. Лебовите Биовитал не се лек, но со својствата придонесуваат за зачувување на здравјето. Во основа, тоа е традиционална храна што ја користеле нашите баби и дедовци.

Продажбата се одвива на два начина: преку продажната мрежа на трговците и директно со потрошувачите преку брза пошта.

Пробивот на Биовитал до полиците на маркетите одел бавно. Иако продажбата е подобра од почетокот, Ласте признава дека сепак не е на задоволително ниво. Со одредени маркети ја прекинавме соработката поради неповолните договори, други ја прекинаа со нас поради намалената продажба, што сметам дека не е во ред. Производ што не е комерцијален не може да има голема продажба. Цената е ниска во споредба со квалитетот, времето и трошоците за производство. Ако се споредат со тежината на обичен ѓеврек, лебовите на Биовитал се поевтини. За среќа, постојат и маркети со кои соработката е многу добра. Моментално, брендот Биовитал го има на полиците во „Рамстор“, „Зегин хелти фуд“ и во специјализираните продавници за здрава храна во Скопје.

Според него, големо влијание има и нелојалната конкуренција на пазарот, односно производите со несоодветна декларација. Сепак, предноста на Биовитал е во квалитетот во секоја смисла: Нутритивната вредност е несомнена. На потрошувачите им останува само да се едуцираат, да ги препознаат и да ги консумираат.

Вториот начин на директна продажба, според Ласте, е поевтино и подобро решение за малите производители, а освен тоа овозможува и директен контакт со потрошувачите. Тие можат да нарачаат преку телефонскиот број на фејсбук-страницата Biovital или преку порака. Нарачките се испраќаат по пошта, или директно на адреса во Скопје, по договор.

Позитивни очекувања

Во однос на маркетинг-активностите, Ласте вели дека постои голем простор, особено со можностите што интернетот ги нуди и што треба да бидат искористени: Во ова динамично и мобилно време, неопходно е да се има веб-страница, преку која посеопфатно и подиректно би можеле да ги објасниме производите. Сигурен сум дека онлајн-презентациите на производите ќе имаат многу поголемо влијание и ќе допрат до многу поширока публика.

Успехот на еден бренд, според нашиот соговорник, е во упорноста и во постојаната тенденција да се едуцира потрошувачот. Ако брендот се остави сам на себе да се промовира, не би го постигнал задоволителното ниво на успех.

Плановите за иднина се модернизирање на производството на „Биовитал“, колку што е возможно без да се намали квалитетот и пронаоѓање нови можности за продажба.

Плановите за иднина се модернизирање на производството на „Биовитал“, колку што е возможно без да се намали квалитетот и пронаоѓање нови можности за продажба, бидејќи капацитетот што постои не е целосно искористен. Иако е малку потешко остварливо, сепак сметам дека треба да се размислува и на извоз. Велам потешко бидејќи сме врзани со рокот на траење, но постојат технологии со кои е можно да се продолжи рокот, а тоа да не влијае врз квалитетот. Ако го постигнеме тоа, како еден долгорочен план, производството и продажбата ќе се зголемат. Секако, потребни се доволно инвестиции за набавка на тие технологии...

Моментално производите на „Биовитал“ не се со органски сертификат поради неможноста да се набават квалитетни органски жита во земјава, како и поради трошоците за сертификација. Намалената продажба си го направи своето – од минатата година производите не се органски сертифицирани. Сепак, тоа не влијае врз квалитетот. И понатаму Биовитал се произведуваат без хемикалии.

На крајот од разговорот Ласте открива дека сега-засега не планира нови производи во портфолиото, но ако се подобри ситуацијата на пазарот, секако дека би го проширил производството со други слични производи, врз база на цело зрно.