Instory

Лактоза Камјан: Природно, вкусно и здраво во едно пакување

14 окт 2018

Во Полошката Котлина, од десната страна на автопатот Тетово – Гостивар, сместено е селото Камењане во еден дол на подножјето на Шар Планина. Живописните пејзажи и застапеноста на густата, разновидна и сочна трева, кои се предуслов за развој на сточарството, во овој предел ги има во изобилство. Токму затоа голем дел од жителите во овој регион се ориентирани кон оваа стопанска гранка и многу внимателно, посветено и со љубов се грижат за добитокот. Во Камењане е сместена и млекарницата „Лактоза Камјан“, која користејќи го млекото од локалните сточари, ги спојува природното, вкусното и здравото во едно пакување, под називот Лактоза Камјан. За раѓањето, развојот и понатамошните планови на млечниот бренд, поразговаравме со директорот Земри Зибери, син на основачот Нуриман.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Од трговија до производство

Во 90-тите години на минатиот век Зибери го почнуваат семејниот бизнис со транспорт и трговија на млечни производи, а од 2007 година преминуваат во производство. Денес портфолиото на Лактоза Камјан се состои од производи, кои генерално се поделени на кравји и oвчи. Главниот производ врз кој се гради брендот е сирењето, но како што вели нашиот соговорник, не се запоставени ниту другите производи што се добиваат како резултат на преработката на млеко. Производите што произлегуваат од благодатите на полошките сточари, преработени во погонот на млекарницата, се: кравјо сирење, биено кравјо сирење, кравји кашкавал, моцарела, шарско кравјо сирење, шарско овчо сирење, шарско мешано сирење, урда и урда со пиперки.

Разговорот со Земри го почнавме со прашањето за поттикот како семеен бизнис да преминат од трговија со млечни производи во производство: Првиот и најважен мотив за одлуката за големиот премин беше тоа што сакавме да направиме наш бренд, кој ќе се разликува од другите. Единствена цел ни беше да се фокусираме на квалитетот и на 100% природните производи, што е и нашето мото. Ние сме една од ретките компании на македонскиот пазар што нудат стопроцентно квалитетни млечни производи, обработени со најсовремени машини. Фактот што сите основни состојки се добиваат од сточарите, кои лично се грижат за добитокот, покажува дека на нашите потрошувачи им го нудиме најдоброто.

Првиот и најважен мотив да преминеме од
трговија во производство беше тоа што сакавме да
направиме наш бренд, квалитетен и 100% природен.​

За раѓањето на идејата да се почне со производство, Нуриман вели дека не би можел да посочи некој конкретно од семејството. Едноставно, тоа се случило спонтано, како логичен след на работите: По речиси две децении работа со транспорт и трговија на млечни производи, како семејство стекнавме големо искуство во овој сегмент. Традицијата секогаш го носи најдоброто искуство, а кога тоа ќе се дополни и со професионализам, се достигнува максимум.

Со трговскиот „багаж“ од млечната индустрија, во 2007 година семејството Зибери ја основа компанијата „Лактоза Камјан“ во Камењане, а истата година е и раѓањето на новиот бренд под истото име. Млекарницата има работна површина од 2.000 квадратни метри и располага со најсовремена технологија за обработка на млекото.

На почетокот, нашиот соговорник признава дека патот не бил едноставен: Kако што е речиси секогаш случај во бизнисот, и ние имавме тешкотии. Сепак, со голема љубов и меѓусебна поддршка од сите членови на семејството успеавме да поминеме преку сите препреки што стоеја пред нас и да стигнеме до реализација на заедничката визија. На почетокот, компанија работела со капацитет на преработка на 3.000 литри млеко дневно, но тој капацитет, иако бел мал, им донел голема мотивација да продолжат понатаму. Сигурни во работата што ја вршевме и убедени за квалитетот што го носиме на пазарот, постојано работевме со сите расположливи ресурси и успеавме да го зголемиме производството до 9.000 литри млеко дневно, гордо истакнува Земри.

Фактот што сите основни состојки за
Лактоза Камјан се добиваат од сточарите,
кои лично се грижат за добитокот, покажува
дека на нашите потрошувачи им го
нудиме најдоброто.

Денес вкупниот број на вработени во млекарницата што се вклучени директно во производството изнесува 26. „Лактоза Камјан“ не располага со сопствени фарми. Со млеко се снабдуваме од жителите, за кои сведоци сме колку посветено се грижат за добитокот. Млекото што го добиваат е високо квалитетно, чисто млеко, без никакви дополнителни вештачки супстанции, истакнува Земри и додава дека млекарницата е отворена за соработка и со нови сточари што имаат потреба да го продаваат собраното млеко и да станат редовни снабдувачи.

Лактоза Камјан на полица

Земри генерално е задоволен од соработката со големите и малите трговци од земјава. Нашиот млечен бренд беше добро прифатен од трговците и слободно можам да кажам дека сме многу задоволни во таа насока. Како и сите фирми, така и за нас почетокот беше малку тежок, но со текот на времето успеавме да ја добиеме довербата од нашите соработници-трговци и постојано ја одржуваме добрата и фер соработка, вели тој.

Отвореноста на млекарницата за соработка со нови сточари се однесува и на трговците: Секогаш сме отворени за соработка со компании што вршат дејност во нашиот пазар. Таа наша отвореност и лојалност кон соработниците придонесува постојано да се зголемува нивниот број. Фактот што брендот Лактоза Камјан може да се најде на секоја полица на која се изложени млечни производи покажува на широчината на нашата мрежа од соработници. Освен локалните фирми, кои постојано се снабдуваат со нашите производи, од компаниите што имаат поголем капацитет, како најголеми и редовни соработници би можел да ги издвојам маркетите „Кипер“, „Прима центар“ и „Стокомак“.

Освен одличното прифаќање на млечниот бренд од страна на трговците, Земри истакнува дека тоа на што е најмногу горд е одличното прифаќање од страна на потрошувачите: Нашите производи беа дочекани од потрошувачите на најдобар можен начин, проследени со голем број позитивни коментари. Како што веќе споменав претходно, производите се 100% природни и зарем постои некој што не би сакал да ги има тие благодати на трпезата за своето семејство?

Нашиот соговорник се согласува дека пакувањето како целина (материјал, дизајн, етикета) е многу важно како дополнителна вредност на производот, но сепак тоа што е најважно за потрошувачот да се одлучи да посегне по Лактоза Камјан – е квалитетот. Токму во квалитетот тој и ја гледа предноста пред конкуренцијата.

Пред крајот на разговорот тој вели дека во секој бизнис има место за иновации, но најважното за производителите е да се фокусираат на барањата на потрошувачите. Во иднина планираме воведување и развој на нови производи. Планираме проширување на продажната мрежа. Нашиот систем на работа и постојаното движење по траекторијата на успехот покажуваат дека „Лактоза Камјан“ наскоро ќе биде компанија која освен домашниот пазар, со своите производи ќе го снабдува и меѓународниот.

Земри заклучува дека во светот на бизнисот секогаш постојат предизвици, но препреките се тие што даваат сила за борба за најдоброто.