Instory

Нико-комерц: Изворно, домашно и традиционално од Малешевијата

14 сеп 2018

Според едно од преданијата, градот Пехчево го добил името по печките што биле сместени под падините на планината Буковик во кои уште во римско време се топела железна руда. Според тоа, градот било нарекуван Печково, а со доаѓањето на Османлиите го променил името во Пехчево. Токму етимологијата на градот е нишката што ги поврзува двете сосема различни дејности на фирмата „Нико-комерц“, чиј производствен погон е сместен на ул. Буковик, бр. 30 во истиот град. Имено, фирмата е производител на традиционални тестенини – јуфки и тарана (бавно сушени и потпечени на дрва), како и на брендот потпалувачи за оган, чистачи за оџаци и ќумур за скара – Perun. Приказната за „Нико-комерц“ ја слушнавме од Никола Николовски, сопственик и менаџер на фирмата.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Двонасочен производствен пат

„Нико-комерц“ е основана во 1993 година. На почетокот главна дејност ѝ била трговија со брикети, но со текот на времето Никола сфатил дека тоа не е рентабилен бизнис и одлучил да почне со производство. Првите производи биле потпалувачите и чистачите на оџаци Perun, кои најпрвин се произведувале во погон под наем во Скопје, но подоцна сопственикот решил да го префрли производството во Пехчево бидејќи тука било поисплатливо.

На крајот од 90-тите години, некаде 1999-2000 година, одлучив да почнам со производство на Perun, производи кои се наменети за чистење оџаци и огништа, како и за распалување на оган. Уште од почетоците, потпалувачите се произведуваат од чисти еколошки суровини, без додаток на нафтени деривати, кои горат долго без чад и немаат непријатен мирис, што ги прави идеални за отворени огнови, печки и скари, раскажува  Никола. Понатаму, портфолиото на Perun било збогатено и со пакет за скара, кој се состои од високо калоричен ќумур (дабов и буков) за скара, суви борови дрва за брзо распалување, потпалувачи и решетка за скара за повеќе употреби.

Бевме први на пазарот што ги воведовме традиционалните тестенини од интегрално и ’ржано брашно.

Оттогаш, па сè до денес „Нико-комерц“ континуирано го произведува брендот Perun, чие име е инспирирано од врховниот бог во словенската митологија. Сепак, како што признава нашиот соговорник, овие производи повеќе се сезонски и повеќе се продаваат во зима, па за фирмата да опстои, одлучил дејноста да ја дополни и со производство на традиционални тестенини – јуфки и тарана, за кои бил инспириран од вкусот на тестенините што ги приготвувала неговата мајка.

Идејата за производство на традиционалните тестенини дојде како последица од љубовта кон јуфките и тараната што ги приготвуваше мајка ми и сакав тој единствен вкус од Малешевијата да им го пренесам и на потрошувачите од другите делови на земјава. Приготвени по истиот традиционален рецепт – бавно сушени и потпечени на дрва, произведени од 100% природни состојки, без вештачки бои, адитиви и конзерванси, со нескриена гордост истакнува Никола.

Производствениот погон во Пехчево е лоциран во семејната куќа на скопјанецот Никола, кој по потекло е од овој град. Од 2000 година куќата е преуредена и опремена според сите стандарди за производство. Тестенините се произведуваат на околу 100 квадратни метри, додека за Perun има посебен дел на помал простор.

Не чувствувам конкуренција во смисла дека ова се традиционални производи, рачно изработени, сушени на дрво од 10 до 15 часа, печени во фурна, без адитиви, конзерванси, бои и сол.

Првото производство на јуфки било во 2001 година. Денес, портфолиото на „Нико-комерц“ се состои од пет вида јуфки – пченични (со млеко и јајца), интегрални, ’ржани, јуфки со дехидриран спанаќ и најновите јуфки од брашно од хељда. Тарана има три вида, од пченично, ’ржано и од интегрално брашно. Притоа суровините што се користат за производство се исклучиво од фирми од земјава. Бевме први на пазарот што ги воведовме традиционалните тестенини од интегрално и ’ржано брашно. Во тој период, пред 18 години, немаше такви производи на нашиот пазар, се сеќава нашиот соговорник.

Во „Нико-комерц“ во моментов се вработени тројца луѓе, но бројот на вработените се зголемува во зависност од сезоната и од побарувањата на пазарот. Членовите од семејството не се вклучени во бизнисот, но сепак Никола вели дека понекогаш и тие помагаат. Ќерката сè уште е во средно економско училиште и полека, полека навлегува во тајните на работата. Таа расте и се развива со бизнисот, но сепак потребно е време. Осознавањето на работата се гради ден по ден...

Почетничка (не)среќа

Во малопродажбата низ земјава производите на „Нико-комерц“ се присутни уште од почетоците, откако почнало производството.

Прифаќањето на нашите производи од трговците можам да кажам дека беше од прв обид. Почнавме од поголемите трговци. Договорите беа коректни од двете страни – се знае кој што бара и колку бара, немаше многу преговарање, вели Никола.

И покрај почетничката среќа, односно влегувањето од прва на полиците во маркетите, според Никола, првичното пакување на тестенините било промашување. Од прва влеговме секаде, но утка ни беше пакувањето бидејќи производите ни беа во картонски кутии со мало прозорче. Поради тоа, потрошувачите не можеа да видат ништо од производот и затоа не го купуваа. Маркетите ни враќаа големи количества..., се сеќава тој. Откако набргу ја увидел причината за слабата продажба, истата таа 2001 година Никола веднаш преминал во акција за промена на амбалажата и замена на кутиите со кеси, кои овозможуваат целосна транспарентност на производот. Резултатите биле веднаш видливи. Денешниот модерен потрошувач бара да се гледа тоа што е во пакувањето, бара да го види производот. Производот е тој што го привлекува неговото око. Освен тоа, пакувањето во кеси е и поекономично и поедноставно – сите тие лепења кај кутиите... проблеми еден куп.

И покрај тешкотиите, полека-полека производите се пробиле на пазарот. Традиционалните тестенини, освен на полиците на големите трговци, денес се присутни и во помалите продавници и во специјализираните продавници за здрава храна низ Скопје, а од градовите низ земјава ги има во Источниот регион – Делчево, Берово, Кочани и Виница. Порано нè имаше на целата територија на Македонија и соработувавме со многу повеќе фирми. Со текот на времето одлучивме да работиме помудро – со помалку фирми, но со посигурни. Притоа, ги доставуваме производите со сопствена дистрибуција.

Во врска со конкуренцијата, Никола вели дека не само што не ѝ се плаши туку и дека не ја чувствува: Денес постојат голем број индустриски производи. Не чувствувам конкуренција во смисла дека ова се традиционални производи, рачно изработени, сушени на дрво од 10 до 15 часа, печени во фурна, без адитиви, конзерванси, бои и сол. Само млеко, брашно и јајца, истакнува Никола.

Не постои тајна за инстант-успех

Од почетоците до денес, „Нико-комерц“ има реализирано два извоза на јуфките – еден во Германија и еден во САД, но како што вели Никола, расположени и отворени се за соработка со секој странски партнер што ќе покаже интерес за традиционалните тестенини од Малешевијата, чиј вкус вреди да го вкусат и потрошувачите од странските пазари.

На крајот од разговорот тој нагласува дека не постои некој драстичен пресврт во досегашното работење. Тајната, според него, е во тоа што не постои тајна – потребни се само огромен труд и посветеност: Не постојат одлуки што тукутака ќе го променат текот на работите и ќе овозможат инстант-успех. Потребна е континуирана работа и најважното – без откажување.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...