Instory

Имуно фарм: Концептот почнува од нас самите

14 авг 2018

Храната е потреба, но да се јаде интелигентно е уметност, рекол францускиот автор Франсоа де Ларошфуко. Оваа максима веќе со години ја практикува семејството Лебариќ, а водено од идејата да им го пренесе бенефитот од храната и на другите луѓе, во 2015 година ја основа фирмата „Имуно фарм“ и го лансира брендот Immuno. Фирмата е основана од Весна Лебариќ, а за новиот бренд на нашиот пазар, инвентивен, единствен и со оригинална концепција, поразговаравме со синот – управителот Звонимир Лебариќ.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Од фармација кон органска храна

„Имуно фарм“ е континуитет и продолжение на семејниот бизнис, кој почнува во 90-тите години од минатиот век. Долги години се занимававме со фармација. Во еден момент, кога увидовме дека алергиите, аутизмот и другите автоимуни заболувања, односно болестите на денешнината, стануваат сè поголема грижа на современиот човек, дојдовме до идеја да се ориентираме кон здравата, органска храна. Едноставно, познавањето на здравствените придобивки од тој вид храна нè наведе во таа насока, раскажува Звонимир, кој и самиот се храни и живее здраво.

Истата 2015 година семејството ја отворило и продавницата „Имуно хелти стор“, лоцирана на улицата Рузвелтова, бр. 68. Поголемиот дел од асортиманот во продавницата го сочинувале суплементите и додатоците во исхраната, во форма на капки или таблети, а имало и дел за здрава храна. Тука видовме дека имаме потенцијал, ја споивме младоста со искуството и решивме „Имуно“ да го трансформираме во фирма, во која ќе се пакуваат и декларираат здрави органски производи. Решивме – почнуваме и готово. И не згрешивме. Искрено. Сега, нормално, во работата има и тешкотии и проблеми, меѓутоа, сето тоа го надминуваме со голема љубов, волја и ентузијазам, нагласува нашиот соговорник.

Почетоците биле охрабрувачки и поздравени од потрошувачите, кои сè повеќе ги препознаваат и прифаќаат позитивните трендови во исхраната. Трендот за органски производи во земјава дефинитивно е во пораст. Не поминаа многу години од 2015 година, но сепак полека, полека луѓето стануваат свесни дека голем број од болестите на денешнината се поврзани со храната и внимаваат што консумираат. Звонимир додава дека нема ништо поприродно од органските производи – одгледани на здрава почва и поднебје, без додаток од вештачки ѓубрива и без презервативи при производството.

Имунитет, здравје и убавина

Семки од сончоглед, чиа во прав, кокосово масло, киноа-снегулки, протеин од грашок во прав, кафеава леќа, метил сулфонил метан (мсм), протеин од кафеав ориз во прав, мака-корен во прав, куркума во прав, аронија, јачменова трева, реиши, псилум, какао зрна, чипс од кокос, палента, просо, хељда, амарант, киноа... се само дел од огромното портфолио на брендот Immuno. Сите производи се обединети со ознаката „органско“ (сертифицирано од „Балкан биосерт“) и со слоганот: „Имунитет, здравје и убавина“. Портфолиото на брендот Immuno го сочинуваат повеќе групи производи: житарки, зрнести производи, суперхрана, масла и протеини, а сега како нешто ново и интересно, се појавуваме и со органски карамели од орев, боровинка и ванила, открива Звонимир.

Со помал дел од суровините (органски масла и жита) „Имуно фарм“ се снабдува од земјава, додека поголемиот дел се исклучиво од партнери од Германија и од Англија, како што се „Евертраст“ и „Зиблер“, за кои нашиот соговорник истакнува дека се врв во сегментот органската храна. Добиените суровини без никаква преработка се пакуваат и се декларираат на Букурешка 2Б, во скопската населба Тафталиџе. Претходно фирмата „Имуно фарм“ била лоцирана на помал простор, а денес, на простор од 200 м2 се сместени делот за пакување и административниот дел.

Со новиот увоз планираме уште десетина нови производи, кои реално досега ни недостигаа. Следните производи во семејството на Immuno ќе бидат баровите и муслите.

Почнавме со педесетина производи – зрнести производи и суперхрана. Со текот на времето и во зависност од потребите на потрошувачите, се надополнувавме и во зрнестите производи, и во суперхраната, а почнавме и со маслата..., накратко Звонимир ни ја раскажува хронологијата на појавата на производите, и открива: Со новиот увоз планираме уште десетина нови производи, кои реално досега ни недостигаа. Следните производи во семејството на Immuno ќе бидат баровите и муслите, односно производите што може да се консумираат како ужина. Досега, освен чипсот од кокос, на сите производи им е потребна претходна подготовка, не може веднаш да се консумираат.

На почетокот во фирмата „Имуно фарм“, како семеен бизнис, биле вклучени четворицата членови на семејството. Денес бројот на вработените е шест, но Звонимир вели дека не планираат да застанат на таа бројка – верува дека зголемениот обем на работа и новитетите што ги планираат ќе си го направат своето.

Immuno на полица

„Имуно фарм“ располага со сопствена дистрибуција. Денес брендот Immuno е присутен во маркетите на „Тинекс“ и „Веро“, како и во специјализираните продавници низ земјава, а во тек се преговори со „Рамстор“ и со „Стокомак“. Сепак, пред да почнат какви било преговори со трговците и пред да се појават производите на полица, тие поминале низ процес на добро и внимателно осмислување на логото и на дизајнот на пакувањата, кои се дело токму на Звонимир.

Колку само време и енергија посвети Звонимир за да го осмисли дизајнот. Дури и рекламата што ја правевме за дуќанот на Рузвелтова, искрено, мене ми се чинеше прескапа... Сепак, на крај, младоста и креативноста победија и заблескаа во уникатниот изглед на Immuno, истакнува Весна, горда на синот.

Освен креативниот талент, нашиот соговорник, како дипломиран политиколог, поседува и дипломатски вештини, кои особено дошле до израз и помогнале при преговорите со трговците. Можеби мојата професија навидум нема врска со сегашната работа, но дипломатија во трговијата и во преговорите е неопходна, и тоа како, со насмевка вели Звонимир.

На почеток патот до полица бил исполнет со доза на скептицизам од страна на трговците, што според семејството Лебариќ, било разбирливо, со оглед на тоа што станува збор за нов производ и бренд што не е познат. Комерцијалистката ни рече: ’Искрено, немам слушнато за вас. Ако сакате да влезете – ќе ве поставиме, но не сме сигурни каква излезност ќе имаат производите и дали воопшто ќе успеат‘. За разлика од неа, ние бевме уверени и сигурни дека ќе успееме поради квалитетот и дизајнот, вели Звонимир и додава: На почетокот ние бевме тие што нудиме, пуштаме понуди и слично. Но, како поминуваше времето, интересот за нашите производи се зголемуваше. И нели, кога ќе почнат да ве бараат, тогаш значи сте постигнале некој успех. Дојде и тоа време J

Во однос на конкуренцијата, Звонимир вели дека таа и не е толку голема на домашниот пазар, но, сепак, Immuno отскокнува со квалитетот и со дизајнот: Малку нескромно кажано, но вистина е – отскокнуваме од конкуренцијата. Најпрвин, Immuno има убав дизајн што привлекува и секој трговец би сакал да го постави на полиците. Второ, дури и позначајно, е квалитетот. Дизајнот може да биде не знам каков, фантастичен, но сепак потрошувачот повторно ќе се врати само поради квалитетот.

Immuno е присутен и на социјалните мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“, а освен тоа, Звонимир вели дека редовно учествуваат и во маркетинг-активностите во маркетите, преку инстор-промоции, летоци и сл. Во мај минатата година имавме излагање на настан за здрава храна во Веро, што беше одлично искуство. Беше навистина убав момент што потрошувачите можеа да ги видат и да се запознаат со производите. Моментот не беше толку ние да продадеме, туку да нè видат луѓето.

Пред крајот на разговорот бевме љубопитни да дознаеме за понатамошниот развој на младиот бренд. Како што веќе открив, планираме проширување на асортиманот со нови производи – барови и мусли, но сигурно нема да застанеме со нив. Со тоа доаѓаат и плановите за проширување на работниот простор. Сакаме да направиме извоз, за почеток во регионот – Косово, Албанија, БиХ, да можат луѓето да нè запознаат и надвор од земјава затоа што мислиме дека заслужуваме, открива Звонимир и додава дека на крајот на краиштата, најсреќен е што тоа што го сака и практикува, тоа и го работи. Тоа што го јадеме, тоа и го продаваме. Концептот почнува од нас самите.