Instory

СМС груп: Кога детскиот сон ќе стане реалност

28 јун 2018
Учеството на саемот ни остави силен впечаток и во него гледаме голема шанса за компанијата. Првпат учествувавме на саемот и тоа беше големо искуство, а благодарение на контактите што ги стекнавме, имаме големи очекувања за периодот што претстои, вака гласеше кратката изјава на Сабит Умер, сопственик и генерален директор на „СМС груп", кога го контактиравме по минатогодишниот саем на приватни трговски марки – ПЛМА во Амстердам.
 
Една година подоцна, неколку дена по завршувањето на годинешниот саем, повторно се сретнавме да поразговараме за тоа што се случило во меѓувреме. Истовремено, ја искористивме можноста да ја слушнеме и приказната на „СМС груп" од почетоците до денес, но и да дознаеме нешто повеќе за следните планови.
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 
 
Од дистрибуција до производство
 
Семејната компанија „СМС груп", која е лоцирана на адреса 1552, бр. 18 во индустриската зона Визбегово, се занимава со производство на сунѓерчиња и крпи за домашна употреба. Во 2003 година почнала со увоз на производи од Турција, а дистрибуцијата ја вршела само на територијата на земјава. Ги увезувавме и тие производи што денес ги произведуваме. Но, уште од мал имав еден сон – ние да произведуваме. Трговијата ни е во семејството уште од дедо... Посакував да излеземе од принципот купи-продај и да направиме нешто ново. Производ со македонско потекло што ќе го пласираме надвор од родното место – на Балканот, во Европа, во светот. Иако отсекогаш го посакував тоа, не знаев дека тоа нешто ќе биде токму сунѓер, се сеќава Сабит.
 
Увезените количества сунѓерчиња сè повеќе се зголемувале. Откако луѓето од турската фирма го увиделе потенцијалот на „СМС груп", им помогнале на браќата Сабит (средина), Хасан (лево) и Хусеин (десно) со информации и совети, воведувајќи ги во тајните на производството. Бизнисот на семејството Умер претрпел трансформации: Се организиравме, се приспособивме и во 2007 година почнавме да ги произведуваме овие производи. Од 2007 до 2009 година работевме заедно со двајца ортаци, а откако тие го оставија бизнисот, продолживме со браќата.
 
Современата технологија и опрема на „СМС груп“
ѝ овозможува капацитет на производство од 3
милиони различни пакувања месечно.
 
Со текот на времето, семејството постепено вложува во проширување на погонот и во современа технологија и машини. Од почетните 200 м2, денес само магацинскиот дел на погонот е на 400 м2 со дополнителни 400 м2 и веќе станува претесен. Планираме објектот да го поделиме на два ката, со што би добиле дополнителни 800 м2, открива Сабит. Освен тоа, „СМС груп" континуирано вложува и во технологија, опрема и материјали: Наеднаш не можете сè да направите, тоа се стекнува со текот на работата. Речиси 10 години ни беа потребни за да стигнеме до оваа технологија. Минатата година ги комплетиравме сите машини затоа што видовме дека имаме потреба од тоа за пласман во Европа. Технологијата што ја имавме претходно беше само за балканскиот пазар.
 
Откако бил заокружен процесот на опремување и била донесена новата технологија, Сабит и браќата одлучиле дека е време за редизајн на амбалажата. Почувствувавме дека амбалажата ни претставува мал хендикеп и веднаш преминавме во акција – ги редизајниравме амбалажите на сите производи. Многу бргу продажбата покажа дека сме го донеле вистинското решение за дизајнот.
 
Зголемениот обем на работа подразбира и нови вработувања: Почнавме тројцата браќа, а денес сме 11 вработени, а веруваме дека нашиот тим и понатаму ќе се зголемува.
 
Доаѓаме до фасцинантната бројка – современата технологија и опрема на „СМС груп" ѝ овозможува капацитет на производство од 3 милиони различни пакувања месечно.
 
Super Woods и Micron Rainbow
 
Портфолиото на „СМС груп" се состои од два главни бренда – Super Woods и Micron Rainbow, кои опфаќаат сунѓери за садови во различни димензии, абразивни крпи, крпи (за кујна, за чистење, за подови), сунѓери за капење и сл. Сите производи се достапни на македонскиот пазар и на Балканот, со исклучок на Хрватска и на Србија, каде претходно кратко време производите на СМС биле достапни.
 
На полиците во македонските маркети сме присутни уште од 2007 година. Од денешна перспектива, тој пат беше многу интересен и ни малку едноставен. Беа интересни и количествата што тогаш, на почетоците, ги произведувавме. Полека, полека, влеговме на пазарот и сега сме задоволни, вели Сабит.
 
На домашниот пазар Super Woods и Micron Rainbow се присутни во дел од поголемите и во помалите маркети низ целата земја, а „СМС груп" соработува и со магацините на големо, како и со производителите на средства за чистење. Притоа, нашиот соговорник нагласува дека е особено важно и ужива при посетите на соработниците низ целата земја. Компанијата располага и со сопствена дистрибуција.
 
Во поглед на конкуренцијата, Сабит вели дека како производители, во земјава не гледаат конкуренција, иако би сакале да имаат: Од друга страна, постојат многу големи компании што увезуваат, но не ги чувствуваме како конкуренција. Продажбата секојдневно ни се зголемува и сме задоволни. Не се плашиме!
 
Приватни трговски марки
 
Освен Super Woods и Micron Rainbow како сопствени брендови, „СМС груп" произведува и приватни трговски марки. Токму во овој сегмент Сабит гледа огромна можност за понатамошен развој.
 
Почетоците на производство на приватни трговски марки датираат од 2008/2009 година, а се поврзани со Косово, Албанија, Црна Гора и Турција. Најпрвин, почнавме соработка со трговци од соседните држави, а по минатогодишното учество на саемот во Амстердам соработката ја проширивме и со трговци од Англија, Италија, Белгија, Русија... Видовме дека можеме да успееме – уште, уште и уште.
 
Годинава компанијата повторно беше на ПЛМА и портфолиото на соработници го прошири со нови фирми од Германија, уште неколку од Англија, а веќе почнуваат и преговорите со скандинавските трговци.
 
Во моментов сме фокусирани да освоиме колку што
е можно повеќе држави за извоз. Тоа ни е целта, тоа
ни е приоритет.
 
Како што нагласува Сабит, учеството на саемот е полн погодок: Овој саем ни го отвори патот за понатаму. Како да нè повикуваше: дојдете, дојдете... Сега веќе сакаме да учествуваме и на други саеми, веќе истражуваме за различни саеми во други земји. Сепак, размислуваме мудро и точно да го погодиме местото бидејќи претставувањата на саеми чинат многу. Не смееме да си дозволиме грешка.
 
Остварувањето на детскиот сон за создавање производ што ќе го обиколи светот не застанува тука: Најинтересно е што веќе стартуваме со извоз во арапската држава Кувајт. Веќе влеговме на тој пазар, а да се влезе таму е огромна работа. Во моментов се бориме и со Кина. Си имаме цел, си имаме пат и цврсто чекориме напред.
 
Планови, планови, планови...
 
Како што нашиот соговорник ужива при посетите на соработниците низ земјава, уште поголемо е уживањето при одењето „на гости" во фирмите во регионот: Едноставно, мераклија сум да одам со автомобил, да ги посетам сите фирми, да им се јавам, да разговараме...
 
На нашето прашање дали планираат воведување и развој на нови производи, Сабит ни одговори: Во оваа област постојано има новитети, но секогаш одиме чекор по чекор и го анализираме тоа што се бара на пазарот. Може тоа да бидат и истите производи, но со различни пакувања и за различни намени. Планираме да воведуваме по нешто ново секоја година и да им понудиме дополнителен избор на нашите клиенти. Сепак, во моментов повеќе сме фокусирани да освоиме колку што е можно повеќе држави за извоз. Тоа ни е целта, тоа ни е приоритет.
 

На крајот на разговорот Сабит ни откри една тајна: Од моите браќа постојано барам помош и идеи. Неодамна им се доверив, им реков – слушајте, годинава одиме на саемот во Амстердам и ако излезе еден добар клиент каков што бараме, во ноември ќе учествуваме и на саем во Чикаго. Мислам дека полека, полека и тоа ќе се реализира. Тоа би било голем предизвик за нас. Во моментов идејата е реализирана до половина, остануваат уште неколку работи и ако и тие се реализираат, „СМС груп" ќе аплицира и за саемот на приватни трговски марки во Чикаго – големата врата кон големиот северноамерикански пазар.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...