Instory

Оризко: Безглутенски производи од македонски суровини со италијанска технологија

29 мај 2018
Семејната фирма „Оризко", со тројца вработени, се занимава исклучиво со производство на тестенини што не содржат глутен, односно со производство на тестенини од безглутенски житарки – ориз и пченка. Производствениот погон се наоѓа на околу 6 километри од Тетово, во чистата околина на селото Долно Седларце, Општина Брвеница. Фирмата е основана во 2016 година од Кочо Героски, со кој поразговаравме за идејата, реализацијата, досегашното работење и следните планови.
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 
 
Новитет од традиционални состојки
 
Идејата да се почне со производство на безглутенски тестенини била лично на Кочо, со поддршка од семејството, а поентата, како што истакнува нашиот соговорник, била да се понуди нешто различно на македонскиот пазар. Кога велам различно, мислам на нешто што веќе постои, но дополнето со еден нов сегмент – поздрава варијанта на тестенини, истакнува тој, и додава: Здравата храна на нашиот пазар е млад сегмент, кој е во пораст. Тоа не е нешто непознато за потрошувачот. Замислата не беше да создадеме нешто екстремно ново и непознато, туку едноставно да ги искористиме суровините што ни се достапни и што им се познати на потрошувачите на еден нов начин – како тестенини само од ориз и од пченка. Ние не го вадиме глутенот, туку едноставно, оризот и пченката природно не содржат глутен.
 
Накратко, суштината на идејата била од познатата традиционалната храна, типична и вообичаена за ова поднебје, да се понуди нешто ново, кое е во чекор со глобалните трендови.
 
По тригодишниот период на истражување, анализи, подготовки, посета на регионални саеми и на обуки во Италија за производство и за технологии, развивање на производот и на технологијата, во 2016 година почнува со работа производствениот погон во Долно Седларце. Во новоизградениот објект на 500 квадратни метри, специјално изграден за производство на исклучиво безглутенски тестенини без ниту еден друг придружен производ, уште од почеток имплементирани се нормите и стандардите: Се вршат постојани анализи и контроли на квалитетот и на безбедноста. Отсуството на глутен го потврдуваат и анализите на Научниот институт за прехранбени технологии на Универзитетот во Нови Сад, од кој имаме сертификат. Нема шанса за физички контакт и за контаминација со некоја друга житарка или алерген, работиме само со ориз и пченка, нема ништо трето, нагласува Кочо.
 
Суровините што се користат за производство на безглутенските производи се исклучиво од домашно потекло, кои се типични и вообичаени за домашниот потрошувач: Од една страна, го користиме тоа што е традиционално, а од друга – користиме италијанска технологија и целото производство е машинско. Со тоа добиваме производ што е приспособен за нашиот стандард и за нашето поднебје.
 
Замислата не беше да создадеме нешто
екстремно ново, туку да ги искористиме суровините што ни се достапни
и што им се познати на потрошувачите на еден
нов начин – како тестенини само од ориз и од пченка.
 
Од големите кон малите
 
Безглутенските тестенини Orizko не се азиски тип на тестенини, нудли, инстант-нудли и сл., туку се класични во форма на спирали, макарони и јуфки. Достапни се во пет варијанти – тестенини од ориз; интегрален ориз; пченка (со две различни форми: јуфки и макарони) и комбинација од пченка и ориз, во пакување од 500 грама.
 
Првпат на полиците на маркетите брендот Orizko се појавил во декември 2016 година, и тоа во „Веро": Првата трговска компанија на која ѝ беше понудена соработка што беше и реализирана е „Веро". На некој начин пристапот ни беше малку обратен, најпрвин со најголемите и најистакнатите, но такви беа околностите. Од 2017 година производите се присутни и во поголемите маркети на „Рамстор", „Рептил", како и во подобро снабдените специјализирани продавници за здрава храна во Скопје, Куманово, Прилеп и во Битола. Тоа се некаде околу 40 објекти, до кои „Оризко" ги доставува производите со сопствена дистрибуција.
 
Прифаќањето од трговците, слободно може да кажам дека беше од прв обид. Преговорите беа максимално коректни, со расположение и спремност кај двете страни. Почнавме од поголемите трговци, затоа што спремноста кај нив е на повисоко ниво, а и порасположени се да го прошират продажниот асортиман, вели Кочо.
 
Освен прифаќањето „на прва" од трговците, производите Orizko биле добро прифатени и од потрошувачите: Сите производи еднакво добро беа прифатени од потрошувачите. Веројатно, за нив беа релативно нови и интересни да се пробаат. Засега не постои производ од палетата што се издвојува и најмногу се бара, но сигурно дека нешто ќе се издиференцира понатаму. Времето ќе покаже...
 
Од една страна, го користиме тоа што е традицио-
нално, а од друга – користиме италијанска техноло-
гија. Со тоа добиваме производ што е приспособен
за нашиот стандард и за нашето поднебје.​
 
За прифаќањето на безглутенските производи, според Кочо, големо влијание има и нивото на информираност и едукација: Сите знаеме во нешто да претераме, но барем почнуваме колку-толку да внимаваме на некој аспект. Кај населението се издигнува нивото на свеста и на свесноста за здравите навики. Нормално, тоа оди со едукација и информации, кои благодарение на интернетот ни се достапни на сите, вели тој.
 
На прашањето за конкуренцијата, Кочо одговори дека во овој сегмент таа е претежно италијанска. Нашата конкурентна предност е во тоа што имаме домашен производ, кој е ценовно поприфатлив. Домашен производ со наша суровина и со наши сили, приспособен за нашиот вкус и за македонскиот стандард. И тежината од 500 грама е наменета за едно цело семејство, ние не сме како Италијанците, чија стандардна порција е од 75 до 100 грама, со насмевка раскажува Кочо.
 
 
Според него, пакувањето (материјал, дизајн, етикета) е многу важно затоа што тоа е првиот контакт на потрошувачот со производот, па затоа на амбалажата на Orizko е посветено посебно внимание. Изработена е според стандардите, двослојна од безбедни материјали – полиетилен и полипропилен, сертифицирана, дизајнирана и осмислена: За тоа се погрижија искусни луѓе, а не еден кој знае сè. Декларациите се на неколку јазици, преведени од стручни лица, на кои нема дополнителни тврдења. Обично, може да се претера со лековитите својства на некои производи, што не е случај со Orizko. „Оризко" не продава лек, туку произведува и продава храна, која точно, има поразлични својства, но сепак е храна.
 
Ако амбалажата е првиот контакт, вториот и понатамошен контакт со потрошувачот е квалитетот на производот: Амбалажата може да продаде само еднаш, вторпат не продава. Многу е важна, но е важна до одредени граници, понатаму останува производот со неговиот квалитет, и нормално – индивидуалното задоволство на потрошувачот, нагласува нашиот соговорник.
 
По професија Кочо е економист по маркетинг, па негова „професионална деформација" е примена на маркетингот целосно, а не, како што вели, од аспект на промотивни пропагандни активности. Кога велам целосно, мислам на тоа дека маркетингот опфаќа производ, цена, дистрибуција, промоција – 4П. Производот е различен и посебен, и се трудиме да биде таков. Го дистрибуираме со најниски можни трошоци до потрошувачите, колку што е можно поблиску до сите. Цената е поставена максимално маркетиншки, да биде достапна и потрошувачот да го повтори купувањето и да развива задоволство. И доаѓаме до промотивните активности – БТЛ и АТЛ, значи и со презентери и со директни комуникации со потрошувачите во продажните објекти, на отворено, со летоци, како и преку контактни емисии на македонските и на албанските телевизии, вели Кочо и сумира дека пристапот е широк и до секого, не е брз, но се надева – поефикасен.
 
Планови, планови, планови...
 
Како што се наближуваме кон крајот на разговорот, Кочо ни откри дека во план се нови производи и нови комбинации што засега ќе ги остави како изненадување, кое се надева дека ќе биде пријатно за потрошувачите.
 
Тоа што тој ни откри е дека до крајот на годинава „Оризко" планира да ја прошири дистрибутивната мрежа низ поголемите градови низ Македонија и да ги направи првите чекори за излез.
 
Домашниот потрошувач не смееме да го издвоиме од странскиот – може да кажам дека се речиси исти, па оттука и третманот треба да биде ист. Зошто? Информациите ги имаме толку многу на располагање, што не може на домашниот потрошувач да му се скрие што сè се случува во светот и да се држи затворен како во кожурец. Не, едноставно – не постои нешто што го има во странство што не може да го има и кај нас, вели Кочо.
 
На крајот од разговорот тој нагласува дека најзначајната одлука што ја донел во досегашното работење е да почне: Во секој случај, најтежок е почетокот. Во секоја нова работа има одредена доза на страв од непознато, а ако на тоа се додаде и нашето стандардно опкружување – општествено и економско, човек треба да крене раце од сè. Затоа, одлуката да се почне и да се фати место некаде е најважната!