Instory

Адут ГВН: Богатствата на македонската почва

16 апр 2018
На четири километри од Куманово, во чистата рурална средина Тромеѓа и далеку од индустриските објекти, е лоциран погонот на фирмата „Адут ГВН", која се занимава со конфекционирање на основни додатоци во исхраната уште од почетокот на 2000 година. Идејата на нашиот соговорник, сопственикот Драган Цветковиќ, првично била погонот што се гради да биде наменет за производство на кроасани. Откако реализацијата не успеала, компанијата тргнала по друг пат – патот на изградба и развој на брендот Директно од природата. Денес „Адут ГВН" е компанија која во својата палета има 140 производи, располага со сопствен простор од 600 м2, возен парк и развиена дистрибутивна мрежа низ целата територија на Македонија.
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 

Од дистрибутер до производител

Идејата да почнеме со конфекционирање на основни додатоци во исхраната некако сама се наметна. Почнавме да градиме објект, со намера уште во 1998/1999 година да произведуваме кроасани. Но, таа партнерска идеја не успеа и останавме со објектот. Тоа што можевме да си го дозволиме во тој момент беше конфекционирањето, почна да раскажува Драган.

Во тоа време фирмата вршела и дистрибутивна дејност за „Колинска" и „Улкер" за Североисточна Македонија, но по изградбата и опремувањето на објектот во Тромеѓа, „Адут ГВН", полека-полека се насочува кон сопственото производство. Од компанија за конфекционирање зрнести и прашести производи, „Адут ГВН" постепено прераснала во компанија што инвестира во производство на зачини, прехранбени киселини, сушење или дехидрирање на овошје, зеленчук и зачини, како и во сопствени насади на одредени неиндустриски житни култури, магдонос, оригано, различни зачински пиперки, чили и др. Со текот на годините пазарот ги диктираше идеите со кои производи да се прошири асортиманот, нагласи Драган.

Најголемиот проблем (увозните суровини),
истовремено беше и најголем иницијатор да
почнеме со сопствени насади​.

Првите производи на „Адут ГВН", како готов производ, биле зачините во 2007/2008 година, но според нашиот соговорник, миксањето на зачините не е производство во вистинска смисла на зборот. Поимот производство не го користев до моментот кога ја пуштивме сушницата во 2015/2016 година. Во моментов имаме сопствена оцетарница, соларна сушница и насади, вели тој.

Од зачините што се блиски до македонскиот вкус и до потребите на локалниот потрошувач, постојат пет рецептури – БИД зачин, Чорбаџиски зачин, Наш зачин, Екстра и додаток во јадење на рефус (за угостителството). Следуваше оцетот, кој исто така е производ, но е многу едноставен. Затоа велам дека со производство почнавме со сушницата, во која сушиме праз, кромид, чили, неколку видови зачинска пиперка, оригано, нане, жалфија, рузмарин и некои производи кои одвреме-навреме ни се интересни, објаснува Драган.

Според него, најголемиот проблем, не само за „Адут ГВН", туку и за другите производители од таа бранша, се суровините. Грото од суровините за пазарот на зачини и зачински миксови се увезуваат, што е скап бизнис и не постојат повеќе од двајца увозници на една поединечна суровина. Најголемиот проблем истовремено беше и најголем иницијатор да почнеме со сопствени насади. За жал, сè уште имаме мали количества и ни треба време, организација и искуство во одгледувањето, нагласи тој.

Од причина што зачинските билки и зеленчукот се производи што не трпат голем транспорт, кооперантите на „Адут ГВН" се во близина. Најголемиот број насади се во Кумановско, Кратовско, Светиниколско и дел кон Скопје, а од минатата година компанијата има и кооперант за кромид во Гевгелија. Освен тоа, фирмата е позната и како првата во земјава што има сопствени насади на чили-пиперки.

Идејата за производство на чили дојде откако направивме истражувања дали може да успее на нашата почва. Засега малку тешко ни оди, не можеме да извадиме големи количества. За различни насади правиме помали количества, па кооперантите со кои преговараме доаѓаат најмалку по 3-4 пати – кога садиме, за време на цутењето и на берењето, за да видат дали нивниот начин на работа може да се вклопи со нашиот, со голем ентузијазам раскажува Драган.

Од компанија што почнала само со двајца вработени – Драган и сопругата Благица – денес во „Адут ГВН" работат 6 вработени на неопределено и 10 на определено работно време. Освен тоа, фирмата има соработка и со Средното земјоделско училиште во Куманово, од кое месечно доаѓаат по 10-15 ученици на пракса.

Директно од природата

Според Драган, амбалажата е еден од најважните белези на производот бидејќи „окото прво јаде". Во текот на развојот брендот Директно од природата претрпел многу промени поради желбата на сопственикот да не копираат никој и драстично да се разликуваат од тоа што е општо прифатено за одреден производ.

Уште од почетокот на конфекционирањето производите на „Адут ГВН" се присутни во пет сегменти: малопродажба, големопродажба, месарство, слаткарство и угостителство. Со оглед на претходното искуство од дистрибуцијата, на Драган му бил познат начинот на преговарање и соработка со трговските синџири, за кој признава дека не е баш лесен поради многубројните услови што тие ги наметнуваат. Многу поотворени и полесни за работа се помалите локални синџири надвор од Скопје, со кои соработуваме од почеток. Сепак, од 2016 година сме присутни и на полиците на големите во главниот град, вели тој.

На нашето прашање за конкуренцијата, Драган одговори дека немаат никаков проблем, само ако е коректна. Во делот на сушениот зеленчук, во земјава постојат само три-четири фирми што имаат сушници, меѓу кои не постои конкуренција. Сите се знаеме, се почитуваме и комуницираме. Се трудам да бидам еден мост, многупати ги организирам заедно на кафе, се обидувам да си пренесеме позитивна информација едни на други за да можеме да се заштитиме, вели тој.

Во 2016 година е направен првиот извоз во Албанија, а производите на „Адут ГВН" денес се присутни и во Бугарија и во Косово.

Нашиот соговорник вели дека размислува за проширување на извозот, но како што нагласува, за тоа е потребна голема подготовка бидејќи процесот е долг, а трошоците и ризиците се големи: Извоз да, но ако најдеме сигурна компанија. Не произведуваме производи што може да се произведат за 10-15 дена затоа што чуваме резерви за наши потреби и толку откупуваме. За да се извезе, треба следната година да се планира да се откупи повеќе, а за да се откупи, треба некој да им гарантира на производителите да насадат повеќе. Зависи и од природата и од други услови. Освен тоа, неопходно е и добро познавање на стандардите, вкусот и потребите на потрошувачите на земјата во која се извезува, дециден е Драган.

До крајот на годинава, „Адут ГВН“ е фокусирана на проектот на размножување на 22 стари
сорти на шарен грав, по што ќе следува нивното конфекционирањето.

Малите шарени гравчиња

„Адут ГВН" активно соработува со Земјоделскиот факултет, со катедрата за генетика и селекција, а освен тоа, иновативноста на компанијата е препознаена и од МАНУ, преку проектот „Бугарско-македонска прекугранична соработка за градење на капацитетите за конкурентност и иновативност", од кој доби директна поддршка за зголемување на конкурентноста и иновативноста.

До крајот на годинава „Адут ГВН" е фокусирана на проектот на размножување 22 стари сорти на шарен грав, по што ќе следува конфекционирањето: Од 2008 година ги размножуваме старите обоени гравчиња. Секоја година родот се зголемува, а годинава се надевам дека ќе имаме солидно количество и ќе садиме на поголема површина. Тоа ќе биде нешто ново. Инаку, ние бевме и првите што ја обновија старата сорта на пченица белица во земјава, гордо истакнува Драган.

На крајот од нашиот разговор Драган ни откри дека најзначајните одлуки во досегашното работење се враќањето на село и насадите: Не дека од финансиска страна сме се подобриле во бизнисот, туку во тоа што многу се разликуваме од другите. Суштината на брендот Директно од природа е тоа што го земаме од природата го преработуваме без никакви хемиски и термички обработки, го конфекционираме и го дистрибуираме до крајниот потрошувач, заклучува тој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...