Регионално

Михајло Јанковиќ, генерален директор на „Нектар група“: Од нула до регионален лидер

03 мај 2019

Плановите се насочени кон ширење на портфолиото со ознаки за заштитено географско потекло

Разговараше: Ана Филиповиќ

Михајло Јанковиќ има повеќе од 15 години искуство на клучни позиции во реномирани мултинационални и домашни компании, како што се „Бритиш Американ тобако“, „Кока –Кола компанија“, „Књаз Милош“, „Импакт консалтинг“. Во 2016 година беше именуван за генерален директор на „Нектар група“, која од домашна семејна компанија израсна во најголем производител на сокови и преработувач на овошје и зеленчук во овој дел на Европа во чиј состав работат „Нестле“, „Херба“ и „Фруктал“.

Што за Вас лично значи управувањето со компанијата која важи за регионален лидер во производство на овошни сокови, а која лани прослави 20 години постоење? 

Да одговорам со еден збор: гордост. Исклучително сум горд на резултатите што како компанија ги остваривме во овие 20 години. Горд сум на сите вработени и на сите наши деловни партнери, вклучувајќи ги фармерите, добавувачите, дистрибутерите... кои придонесоа за нашиот успех. „Нектар“ се темели на вредности кои внимателно ги поставивме од почетокот, од основањето. Тоа е семејна компанија во чиј центар е купувачот. Инсистираме на исклучителност и иновативност во тоа што го работиме со домаќински однос кон средината со која сме опкружени, грижа кон нашите вработени и горди сме на нашиот победнички дух. Тоа е накратко она што стои зад нашата деловна филозофија која се поклопува со мојот систем на вредности. Се обидувам кога нешто правам, да го правам со цело срце. Тоа компанијата ја одржа сите овие години. И тоа на крајот од секој ден предизвикува гордост.

Овој јубилеј компанијата го одбележа претставувајќи „Анализа на економското влијание на Нектар група во Србија од 1998 до 2018 година“. Според оваа студија, кој е најголемиот придонес што Вашата компанија го имаше врз српската економија?

Кога би морал да издвојам во неколку реченици, што секако не е лесно, би истакнал дека за овие 20 години во нашиот синџир креиравме повеќе од милијарда евра бруто-додадена вредност во Србија и дека од основањето, како што велат Американците, сме „гринфилд“, односно го поминавме патот од нула до регионален лидер. Не ја сменивме сопственичката структура и тоа сигурно придонесе за нашиот успех. Ни даде флексибилност, брзина во одлуките, независност и фокус на тоа што најдобро го работиме – развиваме брендови, правиме најквалитетни овошни сокови, храна, вода и алкохолни пијалаци.

Секое шесто јаболко што ќе остане во Србија завршува во производите на „Нектар“.

Кој од нив е најзначаен и зошто?

Растевме органски и низ аквизиција, па можеби за нас е најважна аквизицијата со „Фруктал“ каде што покажавме дека ученикот го достигна учителот и успешно ги интегриравме некогаш најголемите икони-брендови во поранешна Југославија, па продолживме заедно да растеме и да се развиваме. Во комбинација „Нектар Фруктал“ сме осми најсилен бренд во регионот и тоа единствен кој е независен, односно во рацете на семејство од Србија, и кој почнал од нула не така одамна, пред само 20 години. Нашата филозофија на работење е „Не е сеедно“. Никогаш не ни е сеедно – од одбирањето на овошјето и релациите со фармерите, до технологија, пакување, настап на пазар, однос кон вработените, кон партнерите, дистрибутерите, купувачите, кон државата, кон средината, кон кредиторите...

Според Вашите најави, наскоро треба да почне да работи фабриката за производство на органски производи?

Изградбата на фабриката е во завршна фаза. Органските производи се сè позастапени и имаат значителен раст на глобалниот пазар. И кај нас здравата храна е исклучително важен ресурс, поради што и се одлучивме на оваа инвестиција. Поединечно, најголемата инвестиција е во фабриката за органски производи во Бечка Паланка, која е изградена како joint venture со нашиот партнер „Глобал Сид“. Тоа е првиот joint venture на „Нектар група“, на сите други места сме 100 отсто сопственици. Ова е пионерски потфат за нас. Инвестираме и во насади со органски јаболка. Во следните три години ќе имаме плантажа од 144 хектари со органски јаболка во Владичин Хан, која ќе биде најголема во Србија. Нашите планови се насочени и кон ширење на портфолиото со ознаки за заштитено географско потекло, за на тој начин да придонесеме кон промоција на локалните овоштари и овошјето кое заслужува да биде заштитено како традиција и како наследство, по што сме единствени во светот.

Каде набавувате суровини за Вашите производи и какви стандарди треба да исполнат за да се најдат во Вашите пакувања?

Основната визија на семејството Радун беше да се произведуваат здрави производи. Имаме вертикално интегриран синџир на производство, од нашите плантажи со над 650 хектари различно домашно овошје, како и од соработката со повеќе од 10.000 фармери. Токму вертикалната интеграција на компанијата, која не е честа во нашиот пазар, ниту во нашата индустрија, овозможува контрола на целиот процес. Претфинансираме 1.300 фармери и тоа е ’рбетот на нашиот деловен модел. Благодарение на тоа, имаме влезна контрола на сите суровини. Имаме најголем капацитет во регионот за преработка на 120.000 тони овошје и зеленчук годишно.

Истражувањата покажуваат дека пакувањето е многу важно за потрошувачот. Дали на ова поле планирате иновации и кои?

Ги следиме трендовите на пазарот бидејќи за да можете на купувачите да им понудите иновации, мора константно да инвестирате во технолошки развој. Имаме шест производствени погони во три земји – во Србија, Словенија и во Македонија. Располагаме со 58 линии за најразлични формати и видови пакувања од тетрапак-амбалажи, ПЕТ-линија, линија за лименки, за стакло. Константно инвестираме и во нови формати. На српскиот пазар (меѓу првите во Југоисточна Европа) е иновативната Tetra Brik Aseptic 200 ml Slim Leaf амбалажа.

Каде ја гледате компанијата во следниот период?

Сакаме до 2038 година да ја оствариме нашата визија, а тоа е да останеме компанија која негува семејни вредности, да ја задржиме позицијата на регионален лидер, да станеме глобален играч во производството на сокови, да достигнеме 500 милиони евра годишен приход, да извезуваме во повеќе од 100 земји во светот и и понатаму потрошувачот да ни биде во центарот на сите наши активности. Ова е амбициозно, но сигурен сум дека сите 1.319 моментално вработени во „Нектар“ и сите што на тој пат ќе ни се придружат ќе го дадат максимумот за да ги оствариме овие цели.

Вкупно 95 отсто од профитот се реинвестирани во последните 20 години. Вкупните инвестиции на „Нектар“ од основањето досега изнесуваат 100 милиони евра.