Регионално

Петар Ќорлука, „Виолета“: Силно сме поврзани со пазарот во Македонија

23 апр 2019

Компанијата „Виолета“, еден од водечките производители во БиХ и во регионот, годинава дополнително ќе инвестира во производство, а во тек се договори за пласман на нејзините производи на странските пазари. На ниво на групацијата во 2018 година компанијата остварила пораст од 8%, а во првиот квартал од 2019 година - пораст од 15%. Со сопственикот на компанијата, Петар Ќорлука, отворивме многу значајни теми за развојот на компанијата во регионот и во Македонија, како и за најавените вложувања, плановите за иднина...

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Ако се вратите на почетоците на создавањето на брендот Violeta, со какви предизвици се соочувавте, особено при лансирањето на брендот на македонскиот пазар?

На почетокот е секогаш малку потешко бидејќи тогаш првпат се соочувате со некои предизвици, меѓутоа, почетниот ентузијазам и позитивната енергија се важни, а со нив сè што е далечно, е полесно достижно.

При влезот на македонскиот пазар се соочивме со различна конкуренција, од познати глобални брендови до некои помалку познати турски, кинески и сл. Полиците се премногу натрупани со премногу различни производи во некои категории и тука никој не е во добивка, особено не трговците.

Сепак, благодарение на добриот дистрибутер, желбата и на енергијата, продолживме да се развиваме и да се унапредуваме, а тоа е причина што денес сме таму каде што сме.

Во кој сегмент од менаџирањето имате најмногу предизвици?

Машините, технологијата, пазарот и навиките на потрошувачите се нешта што секојдневно се унапредуваат и менуваат, така што и ние треба еднакво брзо да се менуваме за да можеме да следиме сè и да бидеме успешни.

Промената е клуч и тоа е единствената константа на која инсистираме кај нас, нашите луѓе и кај партнерите.

Затоа би кажал дека најголемо внимание посветуваме на развојот на нашите луѓе и создавање кадри кои управуваат, водат и на тој начин прават дополнителна вредност. Создаваме состав и опкружување кое го следи ваквиот вид развој, а потоа и луѓето можат да бидат самостојни, одговорни и максимално ангажирани.

Освен инвестициите во проширувањето на погоните во Груде, кое е во тек, кои други инвестиции треба да се реализираат во текот на годинава?

Што се однесува до производството и нашата дистрибуција, ние дејствуваме преку три фабрики и 14 дистрибутивни центри во Хрватска и БиХ, така што постојано работиме на неколку проекти и инвестиции.

Во Груде го прошируваме производствениот погон за нови 6.500 м² и го поврзуваме производството со складиштето преку автоматизирани ленти и роботи, исто така и во Сараево се прошируваме за дополнителни 2.000 м², а во Бихаќ изградивме нов дистрибутивен центар.

Инаку, сите наши логистички центри функционираат преку WMS (Warehouse managment system), а минатата година инвестиравме во дигитализација и софтвери кои го следат производството и известуваат во реално време, што ни овозможува голема заштеда во пари и време.

Што се однесува до производството инвестиравме во нова машина за влажни марамчиња со која двојно ќе се зголеми капацитетот што ни е реална потреба, бидејќи во целиот регион значително ни растат уделите, а планираме и пробив на нови пазари, за што треба да бидеме подготвени.

Тоа што е новитет е новата машина која наскоро почнува со работа во Загреб, а е наменета за производство на големи џамбо ролни бришачи и медицински ролни хартија кои се употребуваат во здравствените установи, спа-центри, козметички салони и сл. За овие производи постои пазар и сигурни сме дека со нив целата категорија ќе добие дополнителна вредност и пораст.

До крајот на годината почнува и производството на хигиенските влошки на нова машина каде што, исто така, подготвуваме некои иновации, главно сме свесни дека треба постојано да се развиваме и менуваме за да може да ги следиме потрошувачите и пазарот.

Во рамките на групацијата „Виолета“ постои и посебна фирма која се занимава со туризам и во тој дел имаме голем број отворени проекти и инвестиции, хотели во Башка Вода и Макарска, Загреб и др.

Промената е клуч и тоа е единствената константа на која инсистираме кај нас, нашите луѓе и кај партнерите.

Планирате ли дополнителни вложувања за зајакнување на позицијата на македонскиот пазар? Во која насока сакате да се движи Вашиот бренд во Македонија?

Освен вообичаениот маркетинг преку медиумите, имаме добра соработка и со породилиштата, во кои секое новороденче добива пелени и влажни марамчиња Violeta. Годинава ја проширивме соработката со уште три породилишта во Македонија и броејќи ги, имаме вкупно 67 породилишта во Јадранскиот Регион, каде што ги даруваме мајките и бебињата и навистина се радуваме на секој нов живот бидејќи децата се нашата иднина.

На пазарот во Македонија постоиме веќе 15 години и имаме стабилен и континуиран пораст, што ни зборува дека нашите потрошувачи нè препознаваат и ни веруваат. Во Македонија работиме преку дистрибутер, но сме силно поврзани со пазарот и со потрошувачите и се трудиме секоја година тоа да биде повеќе и позначајно.

Споменавте колку Violeta е општествено одговорен бренд. Што Ве поттикнува да бидете општествено одговорна компанија и колку тоа влијае врз препознатливоста на брендот?

Ние сме дел од ова друштво и амбиент и се обидуваме да дадеме свој придонес за да бидат што е можно попозитивни. Веќе ја споменав соработката со повеќе од 60 породилишта, а освен тоа активни сме и преку многу други проекти кои најчесто се насочени на помош на децата, жените и на оние на кои им е најпотребно.

Инаку, сите наши вработени што ќе добијат бебе од компанијата добиваат пелени и влажни марамчиња, така што се растоварени од еден голем месечен трошок, а нам ни е драго да се раѓаат дечиња, семејството да се шири и да остане во државата.

И нашите вработени споделуваат исти вредности и култура, а тоа што неодамна ме направи среќен и горд е иницијативата на нашите вработени-жени кои на Денот на жената се откажаа од традиционалните прослави и подароци во корист на безбедните куќи во БиХ, а проектот го нарекоа „Violeta од жени за жени“.

Досегашното искуство ни покажало дека трендовите од Запад имаат големо влијание и врз нашиот регион и дека во иднина ќе дојде до консолидација и окрупнување на трговијата.

На кои надворешни пазари е достапна Violeta? Кои се одлучувачките фактори за избор на држава во која ќе инвестирате во сопствена фирма или развојот на брендот ќе ѝ го доверите на партнерска фирма?

Сопствени фирми имаме во Хрватска, Словенија и во Босна и Херцеговина, каде што се наоѓа и управата на компанијата. На другите пазари каде што извезуваме имаме дистрибутери, а некои од тие пазари се Србија, Црна Гора, Македонија, Катар, Шведска, Унгарија, Германија, Австрија, Албанија, Косово итн. Во план ни е до крајот на годинава да оствариме влез на бугарскиот, полскиот и на грчкиот пазар, каде што веќе преговараме.

Ширењето на новите пазари го правиме само преку дистрибутери, а одлуката на кои пазари излегуваме ја носиме врз основа на длабоки анализи на пазарот, конкуренцијата и на навиките на потрошувачите.

Колку политичката состојба на државата влијае врз плановите за инвестирање и донесување важни деловни одлуки?

Секако дека политичките одлуки влијаат и врз нашите планови и развој. Настојуваме да се приспособиме на секоја новонастаната ситуација, да се почитува законодавството за на најдобар начин да бидеме во чекор со промените.

Колкава е процентната разлика во продажбата на Violeta на македонскиот пазар ако ги споредиме 2017 и 2018 година? Колкав е уделот на брендот на нашиот пазар во категориите? Какви се резултатите од продажбата во другите земји во Јадранскиот Регион?

Во Македонија остваривме пораст од 15% кога ќе ги споредиме 2018 и 2017 година. Нашите учества во Македонија се движат од 15 до 30% во зависност од трговската група, што е успех земајќи ја предвид високата присутност на голем број брендови во нашите категории.

Во принцип, задоволни сме со резултатите во целиот регион, на повеќето пазари во Јадранскиот Регион го држиме првото или второто место, што ни е цел.

Полиците се премногу натрупани со различни производи во некои категории и тука никој не е во добивка, особено не трговците.

Според Вашето мислење, во која насока ќе се развива трговијата во Јадранскиот Регион, дали ќе се фрагментира или окрупнува? Дали може да се очекува поголем развој на онлајн-трговијата со оглед на тоа дека на некои пазари дисконтерите имаат голем удел?

Што се однесува до трендовите во Западна Европа, нема веќе држави во кои од три до четири најголеми трговски синџири не сочинуваат повеќе од 50% удел во вкупната трговија. Досегашното искуство ни покажало дека трендовите од Запад имаат големо влијание и врз нашиот регион и дека во иднина ќе дојде до консолидација и окрупнување на трговијата.

Покрај тоа, дигитализацијата е значаен предвесник на порастот и развојот на трговијата во глобални размери. Очекуваме во иднина да заживее онлајн-трговијата и кај нас и дека со процесите на комплетната дигитализација пред трговците постојат големи предизвици. Онлајн-трговијата бележи континуиран пораст и сметаме дека нашиот регион нема да заостанува, ќе се вклучи во процесот на дигитализација во трговијата и воведување и примена на мултиканални стратегии каде што е многу значаен односот на трговијата и потрошувачите.

Во Македонија, но и во Босна и Херцеговина многу голем проблем е заминувањето на младите во странство. Дали се соочувате со недостиг на работници и како успевате да ги задржите работниците и да ги направите задоволни?

Факт е дека многу млади луѓе се одлучуваат за живот во странство и тоа ја погодува економијата во сите нејзини сегменти. Меѓутоа, поради зголемувањето на обемот на работење, секоја година го зголемуваме бројот на вработени и досега немавме поголеми предизвици по тоа прашање.

Дел од работниците што заминаа во Германија се вратија. Вистина е дека примањата се поголеми, но и трошоците се многу поголеми и кога ќе се пресмета сè, секој знае дали се исплати да се отиде или не. Секоја година се трудиме да ги унапредиме условите за работа на нашите вработени, меѓутоа, како што и производите се на пазар, така и работодавците, па работниците може да одбираат каде им е најдобро.

Со какви резултати ја завршивте 2018 година и кои се Вашите прогнози за 2019 година?

На ниво на групацијата во 2018 година имавме пораст од 8%, а во првиот квартал од 2019 година веќе бележиме пораст од 15%. Со новите инвестиции очекуваме дека ќе останеме на овој тренд.

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...