Регионално

Марко Пипуниќ, претседател на Управата на „Жито група“

18 фев 2019

Поттикнуваме нов почеток и нови добра  

Разговараше: Јелена Домовиќ, jelena@b2bmedia.org

Во „Жито група“ одржливиот развој го препознаа како еден од основните елементи на деловното управување, т.е. како нужен предуслов за својот раст. Протнувајќи го одржливиот развој низ секојдневното управување, осигурено е дека барањата за заштита на здравјето и сигурноста на вработените и заштитата на околината ќе бидат вградени во сите деловни процеси.

Можете ли да ни се претставите себеси и Вашиот претприемачки пат?

Во претприемништвото сум повеќе од 28 години. Почнав уште во поранешна Југославија, за време на експанзијата на претприемачи, и имав една желба - да заработувам за подобар живот. Работев како трговец со резервни делови за земјоделски машини. За жал, се случи војната и морав да ја напуштам својата родна Босанска Посавина и да почнам од почеток во 1992 година во Осиек, Славонија.

Ги препознав ресурсите и потенцијалите што ги има овој регион и ги вклопив во состав кој ги поврзува сите свои дејности. Денеска „Жито група“ е водечки регионален производител на храна чии крајни производи се наоѓаат на секоја семејна трпеза. Развиваме нови проекти и настојуваме да воведеме нови трендови во исхраната, но и во начинот на живот. Човекот посакува и фантазира додека е жив. Многу сонови остварив, но фантазирам и создавам и понатаму.

Често кај своите вработени набљудувам како се развиваат нивните односи. Ако имате пет гении што не можат да функционираат заедно, нема да можат ни да го спроведат во дело тоа што е замислено.

Со оглед на одговорноста и работните обврски, како изгледа еден ден во Вашиот живот?

На работа не доаѓам прв, но често останувам до доцна навечер. Подраго ми е луѓето да ме доживуваат како водач, а не како строг шеф. Важно ми е да се биде ефикасен, да се најде вистинската мерка во работата и да биде семејството на прво место. Тоа се вредности што ги носам во себе и настојував да им ги пренесам на моите вработени и на моите деца.

Денес сте сопственик на десетина фирми што успешно работат. Со кои од нив најмногу се гордеете и зошто?

Повеќето фирми ги купивме кога се распаѓаа, ги саниравме, реконструиравме и направивме успешно да работат. Жито група“ денеска е подобра копија на поранешниот „ИПК Осиек“. Не сме никакви гении, само работиме логично и се обидуваме да бидеме подобри од другите. Иако сум горд на секоја аквизиција и на секој проект, посебно би го истакнал оној во месната индустрија со кој покренавме еден нов циклус на добра енергија. „Веруваме во Славонија, веруваме во ДОБРО“ е повеќе од проект во месната индустрија. Во согласност со називот „ДОБРО“ сакаме со својот пример да ги поттикнеме луѓето секогаш да одбираат добро, и кога е тоа потешкиот пат. Сакаме во Славонија да поттикнеме нов почеток и создавање нови добра, нови работни места и деловни услови.

Во последно време соработувате со факултетите за да вработите способни млади луѓе. Колку се подготвени да останат во Славонија и дали ја гледаат својата шанса во Вашите компании? Успевате ли да привлечете млади од другите делови на Хрватска?

Нема волшебен рецепт за успех. Полесно е да се дојде до капитал отколку до кадри во кои треба да се вложува. Вистина, голема улога во мојата работа и во новите проекти имаат младите вработени. Мене ми е важно тие да имаат чувство на припадност кон Славонија и кон компанијата, и да ги радува чувството кога се создава нова вредност. Кога тоа ќе го препознам во луѓето, ги одбирам за соработници.

Дали Вашите компании се општествено одговорни?

Како претприемач, моја цел е создавање нови вредности. Секој би требало да биде одговорен кон средината во која живее, но ние претприемачите имаме дополнителна задача, а тоа е да издвоиме од своите средства за да го подобриме животот во нашата околина. Често се водам од уверувањето дека тоа што човек ќе го направи за себе заминува со него, а тоа што го правиме за други, живее и после нас.

Еднаш рековте дека Вашата мисија е да постигнете луѓето да остваруваат приход од кој ќе можат да живеат и дека идејата Ви е да направите поинаква Славонија. Од каде црпите толку позитивна енергија?

Имав среќа и привилегија да сум одгледан во христијанско католичко семејство, каде што родителите ме исполнија со позитивност и ме научија да правам добри дела. Кога како мал ме прашуваа што сакаш да бидеш, одговарав: директор и добар човек. Некогаш е тешко да се спроведе тоа бидејќи сме во свет кој баш и не ја цени добрината, па таа уште знае и да чини. Но, кога правам добро, се чувствувам добро. Не можам да го променам светот, но можам да правам добри работи, а тука се и отворање нови работни места и вложување во Славонија.

Нема волшебен рецепт за успех. Полесно е да се дојде до капитал отколку до кадри во кои треба да се вложува.

Произведувате од нива до трпеза во целосно контролиран процес. Претставете ни ги Вашите најнови погони.

Новите погони на нашата месна индустрија се најсовремени во овој дел на Европа. Направени се по најстрогите светски стандарди и имаат развиена висока контрола на квалитет во сите фази на производство. Проектот за производство на пршута и трајни месни производи во Славонија е гринфилд-инвестиција вредна 500 милиони куни и беше завршен за само 13 месеци. Целиот процес на производство на сировина, сточна храна, одгледување на свињите и производство на трајни месни производи е во круг од 90 километри, со што осигуруваме целосна следливост и контрола. Три фабрики годишно произведуваат 6.500 тони, или 150.000 пршути, 3.000 тони салама, 2.200 тони стока на парче. Четвртата тоа од нив го купува, пакува, вакуумира, дистрибуира и продава.

Колку капацитети во моментот користите за извоз, а колкав е нивниот вкупен потенцијал?

Производите на месната индустрија се направени така што можат да се консумираат од Европа до Азија. Работевме производ 100 отсто за извоз, но веруваме дека дел од продажбата нема да биде занемарлив и во Хрватска. Би биле среќни ако половина од производството се продава во Хрватска бидејќи тогаш би знаеле дека домашните купувачи го препознаваат квалитетот. Сега, нашите производи се во сите големи и средни малопродажни центри. Активно развиваме и прошируваме ХОРЕКА-канал, водечки хотелски синџири, се пробиваме на странски пазари...

Каква е стратегијата на комуницирање со Б2Б купувачите? Кои трендови и маркетиншки алатки ги користите во својата работа?

Соработката со нашите Б2Б купувачи се заснова на коректен деловен однос, заемна доверба и одговарање на нивните потреби. Поминавме многу техники и иновации во продажбата и релациите со клиентите, но денес се потпираме на својот маркетиншки и продажен тим кој ги следи модерните алатки. Големо значење во Б2Б односот има и интернетот и огласувањето на интернет, но јас тоа им го препуштив на младите стручњаци.