Регионално

Владимир Грујичиќ, сопственик и директор, „Пирамида 72“

16 ное 2018

Постоиме бидејќи потрошувачите ни веруваат 

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Fresh и Linea Casa се на пазарот повеќе од 20 години – кога приготвувате оброк, кога чекате гости, кога славите родендени, ја средувате куќата или го бањате бебето, кога патувате, кога ќе настинете... Тоа се двата најголеми бренда на српската компанија „Пирамида 72“

Компанијата „Пирамида 72“ од Шабац настана како мала фирма што се занимава со трговија, а по неколку години се разви во локален дистрибутер на стоки за широка потрошувачка. Анализирајќи ја тогашната состојба на пазарот, сфатиле дека постои простор во категоријата хартиена галантерија. Во 2003 година почнаа да произведуваат салфети и хартиени марамчиња, за од 2008 година, исто така под брендот Fresh, да  произведуваат и влажни марамчиња. Неколку години подоцна, константно развивајќи го портфолиото и инвестирајќи во нова опрема, отворија и погон за козметика. Денес имаат производствени погони на повеќе од 12.000 квадратни метри, повеќе од 200 вработени и околу 300 различни производи под брендовите Fresh и Linea Casa.

На пазарот во Србија има доста производители и производи во категоријата лична хигиена и козметика. Што ја издвојува „Пирамида 72“ од конкуренцијата?

Истражувајќи што е тоа што нашите потрошувачи го сакаат и следејќи ги трендовите и новите стандарди во производството кога се наведените категории во прашање, му нудиме на пазарот домашен производ кој со својот квалитет може да застане рамо до рамо со големите светски брендови. Континуирано работиме на унапредување на нашите производи, како во поглед на квалитетот, ширината и длабочината на асортиманот, така и во поглед на развој на амбалажата и на пакувањето. Затоа Fresh и Linea Casa се на пазарот повеќе од 20 години – кога приготвувате оброк, кога чекате гости, кога славите родендени, ја средувате куќата или го бањате бебето, кога патувате, кога ќе настинете... Постоиме затоа што нашите потрошувачи ни веруваат секој ден. Уверени сме дека имаме јасен концепт и на тој начин „покриваме“ различни целни групи, од најрана животна доба преку линијата Fresh baby, потоа жените и мајките, низ целиот сет на производи за нега на тело, па до домаќинките со нашиот Linea Casa бренд. Некои празнини во блиска иднина ќе ги пополниме со нови брендови.

Тоа дали сте домашен или интернационален бренд престанува да биде важно во моментот кога ќе му го дадете или нема да му го дадете на потрошувачот тоа што го очекува.

Претпоставувам дека за таа различност придонесува и неодамнешниот стандард BRC за непрехрана, кој ви беше доделен. Кажете ни нешто повеќе за него.  

Британската комора за малопродажба (BRC-British Retail Consortium) разви и претстави технички стандард, оригинално за испорачувачите на брендирани прехранбени производи во малопродажбата. Но потоа BRC прерасна во глобален стандард и сега се однесува на речиси сите области во работата, меѓу другите, и на предметите за општа употреба, во кои спаѓаат нашите производи. Го развија стручни лица од разни индустрии за да произведат сигурни производи, во согласност со барањата за квалитет, кои потрошувачите ги бараат. Стандардот дава рамка за управување со сигурноста на производите, интегритетот, законитоста, квалитетот и оперативни контроли за овие критериуми, така што суштински ги раздвојува производителите со интегритет од оние другите. Подготовките траеја три години и со помош на надворешен консултант, успеавме да ги исполниме сите барања. Нема баш многу фирми во Србија што можат да се пофалат со овој стандард, посебно не кај предметите за општа употреба. Горди сме што „Пирамида 72“ на некој начин е лидер и е единствена во тоа.

Што за вас, како компанија, значи овој стандард?

Во постојан контакт со купувачи од западноевропските земји се укажа потребата и желбата од наша страна да добиеме BRC стандард и да покажеме дека и во Србија постојат компании што можат да произведат врвен квалитет и јасно да се дистанцираме од „no name“ производителите кои со ниска цена и со лош квалитет повремено го загрозуваат пазарот, не само кога станува збор за „Пирамида 72“ туку и за другите производители што работат слично како нас.

Што е пресудно за една компанија да излезе на пазарен натпревар со големите интернационални брендови?

На ова прашање нема универзален одговор. Во целиот синџир на снабдување постојат неколку „квалификациски“ натпревари во кои производителите ја оценуваат секоја следна алка во тој синџир, било да е тоа добавувач, банка, дистрибутер било купувач. Токму тие оцени се она што на крајот ве издвојува. Тоа дали сте домашен или сте интернационален бренд престанува да биде важно во моментот кога на потрошувачот ќе му го дадете или нема да му го дадете тоа што го очекува.

Успешната компанија ја прават главно луѓе со идеи, енергија, мотивација и со свест за заедничката цел, на своите потрошувачи да им дадеме најдобар производ. Затоа покрај деловниот успех, еднакво ни се важни и позитивната работна атмосфера и задоволството на нашите вработени.

Кои се во моментов водечките трендови во производството и пакувањето и дали ги применувате?

Користејќи ги современата опрема и технологија, како и внимателно избрани суровини, „Пирамида 72“ ги одржува највисоките стандарди, при што производството не ја загадува животната средина. Најновиот проект, кој сега го привршуваме, е воведување роботоизирана рака на пакувањето која значително ќе го зголеми квалитетот на производот и ќе го намали времето на негова изработка, што ќе нè направи уште поконкурентни на пазарот.

Колкаво е годишното производство, колкав дел оди за извоз и каде се извезува?

Како што се развивавме како компанија, така растеше и извозот. На почетокот во фокус беа пазарите од опкружувањето. Последните години развиваме и приватни трговски марки. Овој сегмент порасна на 25 отсто од вкупното производство, па почнавме значајни резултати да постигнуваме и на пазарите во Централна Европа, САД и во Обединетите Арапски Емирати.

Колкаво е пазарното учество? Што ќе направите за да го зголемите тој дел?

Со оглед на тоа дека работиме во неколку категории, ни нашето пазарно учество не е секаде исто. Најдобри резултати постигнуваме во категоријата влажни марамчиња, каде што сме еден од лидерите на пазарот со препознатливото Fresh марамче. Во категоријата козметика има голем метеж, но и покрај некои светски брендови, успеавме со квалитетот да се позиционираме на завидно место – на пример, со течниот сапун.   

Каде ја гледате компанијата за 25 години?

Ние во „Пирамида 72“ цврсто веруваме во своите вработени – во нивната стручност, искуство и посветеност. Успешната компанија ја прават главно луѓе со идеи, енергија, мотивација и со свест за заедничката цел, на своите потрошувачи да им дадеме најдобар производ. Затоа, покрај деловниот успех, еднакво ни се важни и позитивната работна атмосфера и задоволството на нашите вработени. Тоа е одговорот каде ја гледам компанијата за 25 години - во опкружување на нашите стручни, искусни и посветени луѓе, кои произведуваат висококвалитетен домашен производ без да ја загадуваат животната средина. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...