Анализи

Анализа ИГД: Подгответе се за идните промени

04 ное 2019

Прогресијата на решенијата за наплата имплицитно е поврзана со еволуцијата на методите за плаќање

Автор: Тоби Пикард, раководител за иновации и за трендови, ИГД

Во текот на последните неколку години трговците на мало направија значајни инвестиции за да им помогнат на купувачите колку што е можно полесно и побрзо да наплатат во физичките продавници. Како резултат на тоа, трговците експериментираат и воведуваат голем број нови технологии за да го направат купувањето поедноставно.

Традиционално, наплатата вклучува вработени што еден по еден ги скенираат производите на купувачот. Тоа може да создаде редици и да ги фрустрира другите купувачи додека чекаат. Оттука, не е изненадувачки што повеќе од половина од британските купувачи на прехранбени производи (52%) изјавиле дека би сакале супермаркетите да воведат технологии што ќе им овозможи да купуваат намирници без да чекаат во редици за наплата.

Секој малопродажен трговец нема да ја испроба секоја технологија, но разумно е секторот да биде свесен за сите најнови достигнувања и да размислува за подобрување на своите деловни активности во иднина.

Еволуција на начините за плаќање

Прогресијата на решенијата за наплата имплицитно е поврзана со еволуцијата на методите за плаќање. Како што се создаваа нови начини за плаќање на купените производи, така беа воведувани и нови начини за наплата.

Брзината на промените во оваа област се зголемува, а купувачите се префрлија од плаќање во готовина и со кредитни картички до бесконтактно, мобилно и биометриско плаќање за многу кратко време. Следниот чекор е плаќање со „препознавање на лице“, кое сè уште е во рана фаза.

Секој малопродажен трговец нема да ја испроба секоја технологија, но разумно е секторот да биде свесен за сите најнови достигнувања и да размислува за подобрување на своите деловни активности во иднина. Времето на премин на една технологија од лабораторија до масовна употреба сè повеќе се намалува, па неразумно е трговците да чекаат една нова технологија да се зацврсти пред да ја земат предвид. Сите нови технологии нема да бидат соодветни за одделни трговци, сепак, на трговците им преостанува да ги идентификуваат и да го проценат нивниот потенцијал.

Предности на новите решенија за наплата

Придобивките од паметните наплати за брендовите се јасни. Тие им овозможуваат на малопродажните трговци да споделуваат попроникливи податоци со нивните трговски партнери. На тој начин двете страни можат да го оптимизираат распоредот на производите во продавницата и да ја зголемат продажбата.

Паметните наплати, исто така, потенцијално ја намалуваат потребата од големи наплатни каси, а без нив постои можност ослободениот продажен простор да се пополни со други производи. Тој простор може да се искористи и како место за рекламирање на брендовите.

Освен тоа, трговците ќе можат и да ги намалат трошоците за работна сила и да го прераспределат персоналот што бил на наплатните каси, кој сега ќе има можност почесто да ги проверува и да ги надополнува полиците, да комуницира со купувачите и да ги охрабри да купат повеќе. И крајната придобивка за трговците е во тоа што ќе можат да услужат повеќе купувачи за пократко време, што неминовно води до зголемување на продажбата.

Подобрена наплата

Трговците на мало воведуваат нови начини на наплата, кои им помагаат да услужат повеќе купувачи и да бидат поефективни, а истовремено и да заземаат помалку простор во продавницата. Тие имаат тенденција да се фокусираат на побрзо скенирање и побрзо плаќање, а експериментите вклучуваат и препознавање на слика со помош на вештачка интелигенција, биометриски плаќања, продавници без персонал и употреба на технологија за автоматско пакување на купените производи.

Во обидот да се приспособи на предизвиците на е-купувањето, францускиот трговец „Казино“ ја отвори првата продавница без каси во близина на париската авенија Шанзелизе. Продавницата, наречена „Ле Казино 4“, има цел да го направи купувањето лесно и забавно... во кое било време од денот или од ноќта. Продавницата е на три ката и во неа нема касиери – купувачите ги прават набавките со помош на мобилна апликација и ги скенираат производите на самонаплатна каса.

Скенирај и оди (Scan & go)

Во изминатите 12 месеци се забележува значителен пораст на бројот на трговци што ја тестираат мобилната технологија „Scan & go“, обидувајќи се да го скратат времето за наплата. Оваа технологија на персоналот му овозможува да помине повеќе време на „сцена“ во продавницата. „Scan & go“ се појавува во различни форми, вклучувајќи мобилни апликации, мобилни апликации и картички, мобилни апликации и наплата итн.

Во Холандија, „Алберт Хеин“ користи картичка „Tap to Go“. Системот ги скенира електронските ознаки за производите на полиците, кои се интерактивни со картичките. Со допир со картичката врз ознаката потрошувачот го регистрира производот, го внесува во својата дигитална кошничка, го зема и го плаќа преку апликацијата на мобилниот телефон. Банкарската сметка на купувачот се прокнижува по 10 минути и тој добива порака да ја потврди продажбата.

Во 2013 година „Асда“ во Велика Британија тестира 360˚ ласерска наплата. За технологијата „Rapid Scan Till“, која имаше тест-период во форматот „Јорк“, трговецот тврдеше дека им овозможува на купувачите да ги скенираат купените производи за 300% побрзо од таблетите за самоскенирање.

Успехот и пошироката употреба на биометриското плаќање ќе се потпираат, пред сè, на довербата од купувачите, односно на начинот на кој трговците ќе управуваат со безбедносните проблеми.

Нови начини за наплата

Од безжични технологии и паметни телефони, начинот на наплата се движи кон биометриски решенија, кои дополнително може да го забрзаат процесот. Веруваме дека биометриското плаќање во малопродажба ќе се развива во иднина, но неговиот успех и пошироката употреба ќе се потпираат, пред сè, на довербата од купувачите, односно на начинот на кој трговците ќе управуваат со безбедносните проблеми.

Во Јужна Кореја „7 елевен“ го користи системот „HandPay“ за да препознава луѓе по вените на дланките. Трансакциите се поврзани со компанијата за кредитни картички „Лоте кард“, која е партнер на „7 елевен“ во Јужна Кореја. Во продавницата не се потребни готовина, картичка или телефон – купувачот ги става производите на пулт, тие се скенираат со скенер од 360 степени и цената се прикажува на екранот. Потоа купувачот ја скенира сопствената дланка и заминува од продавницата. Трговецот користи и други технологии, како што се електронски ознаки за цени и фрижидери со сензори што ги отвораат и затвораат вратите автоматски.

Импликации врз малопродажбата

Воведувањето нови технологии во продавниците треба да се направи со големо внимание. Тоа што е најважно – технологиите треба да бидат во функција на потребите и/или желбите на купувачите.

Постојат голем број прашања што треба да се разгледаат како дел од процесот на воведување нови начини за наплата. Најпрвин, потребни се значителни финансиски инвестиции, но и процес на запознавање на купувачите со придобивките што би можеле да ги имаат од користењето на новата технологија. Исто така, персоналот на продавницата најверојатно ќе има потреба од дополнителна обука за да ги реши техничките проблеми.

Се појавуваат и други предизвици – загриженоста дека новата технологија ќе го остави персоналот без работа, затоа што има потенцијал да ги замени традиционалните наплатни каси. Понатаму, самоскенирањето и самонаплатата можат да создадат проблеми затоа што купувачите можеби не ја користеле технологијата правилно или дури намерно избегнале да платат за одреден производ.

На крајот на краиштата, зголемената популарност на бесконтакното и мобилното плаќање покажува дека овие методи се тука за да останат. Технолошките достигнувања ќе продолжат да ги зголемуваат очекувањата на купувачите и да го трасираат патот. Најважно е дека трговците и производителите мора да бидат подготвени за идните промени.