Анализи

Делоит: Најголемите малопродажни трговци остварија силен пораст

09 апр 2019

Десетте водечки трговци оствариле 31,6 отсто од вкупните приходи на 250-те најголеми малопродажни синџири во деловната 2017 година. Трите водечки малопродажни синџири („Волмарт“, „Костко“ и „Крогер“) ги задржаа позициите во првите десет.

Извор: „Делоит“

Во финансиската 2017 година, која заврши во јуни 2018 година, 250-те најголеми малопродажни синџири оствариле вкупен приход од 4,53 трилиони долари, што претставува пораст за 5,7%, се наведува во извештајот „Глобалната сила на малопродажбата“ на консултантско-ревизорската компанија „Делоит“.

Десетте водечки трговци оствариле 31,6 отсто од вкупните приходи на 250-те најголеми малопродажни синџири во деловната 2017 година. Трите водечки малопродажни синџири („Волмарт“, „Костко“ и „Крогер“) ги задржаа позициите во првите десет, а „Амазон“ се искачи за две позиции и го достигна 4. место, забележувајќи највисок пораст на приходите од 25,3%.

„Волмарт“ ја задржа лидерската позиција со зголемен пораст на приходите од 3% во финансиската 2017 година. Главен двигател за порастот е преземањето на страниците за е-трговија (Jet.com, ModCloth, Shoes.com, Moosejaw и Bonobos), но и големите инвестиции во ремоделирање на продавниците и нивно интегрирање во дигиталното работење, како и вложувањето во платата на работниците. Неодамнешните иницијативи на „Волмарт“ вклучуваат и аквизиција на индискиот трговец за електроника „Флипкарт“, како и партнерство со јапонскиот „Ракутен“.

„Костко“ остана на 2. место на листата топ-10, забележувајќи зголемување на остварените приходи за 8,7%, во споредба со порастот од 2,2%, колку што оствари во фискалната 2016 година. Порастот е остварен, пред сè, благодарение на порастот на компаративната продажба, но и на порастот на цената на бензинот, кој позитивно се одрази на нето-продажбата и на отворањето складишта од 2016 до 2017. Освен тоа, трговецот го прошири бизнисот и на францускиот и на исландскиот пазар.

Со оглед на тоа што работи само на територијата на САД, порастот на приходите на „Крогер“ е последица од спојувањето со компанијата „Модерн ХЦ холдинг“. Продажбата на овој синџир супермаркети се зголемила благодарение на лансирањето на иницијативата „Restock Kroger“ во 2017 година. Оваа иницијатива се заснова врз маркетинг-стратегија за утврдување на цените, водена од податоци, персонализирана комуникација со потрошувачите и масовни промени во продавниците. Во февруари 2018 година компанијата го заокружи договорот за продажба на бизнисот со помали продавници на компанијата „ЕГ груп“ за 2,15 милијарди долари.

Порастот на продажбата на „Амазон“ за 33% во Северна Америка придонесе за силен пораст на приходите во фискалната 2017 година. Дополнително, продажбата е зголемена и поради континуираните напори на компанијата да ги намали цените, вклучувајќи ја и можноста за достава преку сервисот Amazon Prime. Аквизицијата со „Хол фудс“ исто така придонесе за повисок пораст на приходите, делумно воден од големата продажба на свежи морски плодови и други расипливи производи.

И покрај зголемениот пораст на приходите – 7,4% во 2017 година, наспроти 5,3% во фискалната 2016 година, „Шварц груп“ падна на петтата позиција. За порастот на продажбата придонеле силните перформанси на продавниците на „Лидл“ во Австрија, Шпанија и во Чешка. Неодамнешниот влез на компанијата на пазарот во САД беше обележан со отворање на само 50 продавници до крајот на фискалната 2017 година, помалку од првобитно планираниот број.

Трговецот за производи за домаќинството – „Д хоум дипо“ се наоѓа на шестото место. Веднаш зад него е „Волгринс бутс алајанс“, кој тргува со производи за здравје и благосостојба, во чии рамки работи мрежа од аптеки.

Стратегијата на силна експанзија на „Алди“ му помогна да оствари пораст на приходите од 7,7% во фискалната 2017 година, во споредба со порастот од 4,8% една година претходно и да остане на осмото место на топ-10 листата. Следејќи го влезот на американскиот пазар на својот најблизок конкурент, „Алди“ планира да инвестира 3,4 милијарди долари за отворање на 2.500 продавници до крајот на 2022 година и да стане третиот најголем трговец по број на објекти, кој ќе опслужува повеќе од 100 милиони потрошувачи месечно.

На деветтото место е компанијата што се занимава со дистрибуција на лекови „ЦВС хелт“. „Теско“, британскиот трговски гигант, влезе на листата топ-10 со продажба во износ од 74 милијарди долари, што го позиционира на 10. место. Компанијата забележа годишен пораст на приходите од 2,8%. Голем дел од порастот е предводен од растечкиот фокус на свежата храна и од повторното лансирање на повеќе од 10.000 производи од приватната марка. Операциите во другите земји беа погодени од одредени внатрешни промени, на пример, во Полска, каде што со закон е забрането работењето во недела или во Тајланд, од каде што трговецот одлучи да го повлече непрофитабилниот формат „кеш & кери“. Во март минатата година „Теско“ го заврши спојувањето со „Букер груп“, еден од најголемите британски трговци за големопродажба на храна. Дополнително, истата година „Теско“ и „Карфур“ најавија стратешко партнерство.

FMCG-секторот е клучен двигател за пораст на 250-те најголеми трговци со 138 компании (55,2%), кои оствариле 66,2% од приходите на вкупната малопродажба во фискалната 2017 година.

Топ-10 vs топ-250

Десетте водечки малопродажни синџири се насочени кон бизнисот на глобално ниво, во просек работејќи во 13 земји, додека преостанатите 250 најголеми работат во 10 држави, вели Жарко Мијовиќ, партнер во „Делоит“, и додава: Европските малопродажни трговци и понатаму се најактивни на светската сцена бидејќи бараат можност за пораст надвор од своите домашни зрели пазари.

И понатаму „Крогер“ е единствениот трговец меѓу најдобрите 10, кој засега не работи на меѓународниот пазар. Приходите од странските операции за првите топ-10 се намалија на 25,1% во 2017 година, во споредба со 27,3% во 2016 година. „Костко“, „Шварц груп“ и „Алди“ продолжуваат со проширување на влијанието во глобалната малопродажна мрежа.

Порастот од 6,1% на првите 10 го надмина порастот на најголемите 250, кој изнесуваше 5,7%. Сепак, вкупната профитна нето-маржа на првите 10 синџири е помала во споредба со една година претходно и во споредба со маржата на најголемите 250, што во голема мера е поради фактот што 8 од првите 10 синџири работат во FMCG-секторот (со исклучок на „Амазон“ и „Д хоум дипо“) со ниски маржи. Нивните маржи се под сè поголем притисок на зголемените трошоци, ниската ценовна моќ, зголемената конкуренција и транспарентност, како и потребата да се вложува во дигитална трансформација.

FMCG-секторот е клучен двигател за пораст на 250-те најголеми трговци со 138 компании (55,2%), кои оствариле 66,2% од приходите на вкупната малопродажба во фискалната 2017 година. Во споредба со другите сектори, FMCG-трговците имаат најголем просечен приход, кој во фискалната 2017 година изнесувал 21,7 милијарда долари. Иако тоа е најголемиот придонес во вкупните приходи од малопродажба на 250-те компании, FMCG-секторот е со најмала маржа и со најниска профитна нето-маржа од сите сектори (1,6% во 2017 година).

¹ Приходите и нето-профитот на матичната компанија или групацијата може да ги вклучуваат и резултатите од работењето на некои други сектори, освен продавниците

² Сложена годишна стапка на пораст

e = процена

g = бруто-промет што го соопштиле компаниите

n/a = податоците не се достапни

ne = не постојат (создадени со спојување или деинвестирање)

* Приходите ја одразуваат продажбата на големо

** Приходите ги вклучуваат продажбата на големо и на мало

Забелешка: „Карфур“ е исклучен од извештајот по сопствено барање.

Извор: Deloitte Touche Tohmatsu Limited. Глобалната сила на малопродажбата 2019. Анализа на финансиските резултати и операции за фискалната година што заврши во јуни 2018 година. Користени се годишните извештаи на компаниите, „Супермаркет њус“, листата на „Форбс“ за најголемите американски приватни компании и други извори.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...