Анализи

Еуромонитор: Топ-10 потрошувачки трендови за 2019 година

18 фев 2019

Глобалните потрошувачки трендови во 2019 година се однесуваат на враќањето на контролата и на (себе)афирмирањето.

Извор: „Еуромонитор интернационал“

„Еуромонитор“ ги анализира новите трендови што ќе се развиваат годинава, обезбедува увид во промената на вредностите и приоритетите на потрошувачите и истражува како однесувањето на потрошувачите се менува и влијае врз бизнисот на глобално ниво. Во продолжение се прикажани 10-те топ-трендови за 2019 година, нивните специфични карактеристики и начинот на кој ќе се манифестираат на глобалниот бизнис.

  1. Агностици во однос на возраста

Повозрасните сакаат да се чувствуваат, однесуваат и да бидат третирани како помлади

Границите на староста сè повеќе се поместуваат. Луѓето живеат подолго, подобро се грижат за здравјето, изгледот и благосостојбата. Возрасните веќе немаат пасивен однос кон стареењето, што особено важи за тие од развиените земји со пристојни здравствени системи и социјални услови. Бејби-бумерите (родени меѓу 1946 и 1964 година) се генерацијата што најмногу ја игнорира својата возраст. Тие не мислат дека се стари и не сакаат да бидат ословувани со тој термин. Побогатите бејби-бумери се опседнати со технологијата, ги следат најновите апликации и паметни уреди, како и милениумците. Возрасните сакаат производи и услуги што им помагаат да останат што е можно помлади во умот и во телото. Тие не се обидуваат да ги променат работите – само сакаат да изгледаат и да бидат најдобрата верзија од себе.

Емоционален третман на стареењето. Бизнисите треба да одговорат на демографското стареење со суптилни и нијансирани пристапи, оддалечувајќи се од сегментирањето и маркетингот како кон стара генерација. На пример, здравствените производи и дигиталните апликации за следење на активноста и на диетата се возрасно неутрални.

  1. „Назад кон корените“  на ниво на статус

Помалку е повеќе

Потрошувачите ја отфрлаат масовната продукција и ги претпочитаат поедноставните производи и тие со подобар квалитет. Бараат автентични, диференцирани производи и искуства, кои им овозможуваат да ја искажат својата индивидуалност. Терминот „тероар“ повеќе не е ограничен на виното и на кафето, туку станува сè поважна карактеристика, поттикнат од зголемувањето на очекувањата и софистицираноста на потрошувачите.

Потрошувачите ги преиспитуваат навиките за трошење, се оддалечуваат од материјализмот и бараат едноставност, се оддалечуваат од генеричките и бараат поквалитетни производи. Популарноста на хиперлокалната храна се зголемува поради голем број причини: поддршка на локални бизниси, свежина и подобар вкус, намалено влијание врз животната средина, а може да понуди и подобра вредност за парите, поттикнувајќи ја сезонската побарувачка.

Во потрага по едноставноста. Со оглед на тоа што секојдневниот живот станува сè постресен, се зголемува и желбата на потрошувачите за едноставност. Се забележува зголемен интерес за лековите на природна база, традиционалните хербални лекови и природните алтернативи со здрави состојки. Брендовите реагираат на побарувачката со минимизирање на бројот на состојките во рецептурите на производите. Едноставноста станува суштинска филозофија.

  1. Освестени потрошувачи

Внимателни при купувањето

Освестените консументи се внимателни потрошувачи, бараат начини да донесат позитивни одлуки за тоа што го купуваат и бараат решенија за негативното влијание што консумеризмот го има врз светот. Овој пристоен и сочувствителен пристап кон консумеризмот го префрла фокусот на другите луѓе, животните и на животната средина. Веганизмот, како практика на воздржување од консумација на производи од животинско потекло, некогаш се сметаше за екстремност, но денес е прифатен од голем број луѓе низ целиот свет. Мотивите за прифаќање на веганизмот се најразлични, а социјалните мрежи го позиционираа на прво место во умот на потрошувачот.

Етичкото станува мејнстрим. Потрагата по поголема транспарентност и по повисоки вредности ги принудува козметичките компании да се свртат кон користењето производи и суровини во кои потрошувачите веруваат. До неодамна, поголемиот број од компаниите од индустријата за убавина користеа состојки добиени од животни, но етичката „состојка“ добива сè поголема важност. Денес, тие ги преформулираат рецептурите со вегански стандарди и ги истражуваат многубројните неискористени алтернативи за состојките од животинско потекло.

  1. Дигитално заедно

Далечината не е пречка

Во последната деценија технологијата еволуира од поедноставување на комуникацијата до овозможување мултидимензионални интеракции и колективни искуства. Оваа еволуција ќе продолжи да го обликува начинот на кој потрошувачите ќе се поврзат и ќе соработуваат со пријателите, колегите и со сè повеќе странци – создавајќи и доживувајќи ги искуствата дигитално заедно, иако се на големи далечини.

Виртуелната реалност ги поместува границите. За следната генерација дигитални технологии, главниот предизвик ќе биде да се пронајде рамнотежата меѓу едноставното користење и техничките можности. Очекуваме да видиме едноставни форми на аугментирана и виртуелна реалност. Откако ќе биде целосно развиена, технологијата за манипулација со просторот на екранот ќе биде многу значајна за купување, обуки и состаноци.

  1. Секој е експерт

Знаењето е моќ

Во време кога сè е достапно со едно притискање на копчето, потрошувачите ја сметаат хипердостапноста како нормална појава. И, се разбира, сакаат врвен квалитет по најниска цена. Трендот „секој е експерт“ означува промена на позицијата на моќта меѓу трговецот и потрошувачот. Додека претходно купувачите се потпираа на одреден бренд или извор на информации за да го добијат тоа што го сакаат, сега компаниите мора постојано да бидат иновативни, да ги намалуваат цените и да ги естетизираат своите понуди. Наместо да бидат заведени од маркетингот на брендовите, потрошувачите бараат совети едни од други за тоа што да купат и каде, односно како да го добијат најдобриот производ за своите пари.

Овластени да пренесуваат искуства. Пренасочувањето кон искуството, изборот и знаењето е промена што ја водат милениумците и генерацијата Z. Потрошувачите денес се потпираат на стручноста на своите врсници за да се осигурат дека ќе го добијат најдоброто. Внимателно ги проверуваат коментарите и оставаат повратни информации. Потрошувачите си земаат дополнителна „работа“ пред, за време и по купувањето, бидејќи се чувствуваат „овластени“ да го пренесат своето знаење и на другите.

  1. Барајќи го ЈОМО

Радост од пропуштање нешто

Границите меѓу работата и животот, меѓу приватната и социјалната сфера се испреплетуваат. Социјалните мрежи создаваат илузија дека сите треба да правиме нешто возбудливо и тоа да го објавуваме. Стравот од пропуштање нешто – ФОМО (Fear of missing out – FOMO) ѝ го отстапи местото на радоста од пропуштеното – ЈОМО (Joy of missing out – JOMO). За да ја заштитат менталната благосостојба, потрошувачите сакаат да го почитуваат своето време, да си постават граници и да бидат поселективни во активностите. Го намалуваат времето поминато на интернет и социјалните ангажмани, во корист на вистинските искуства.

Персонализацијата како јадро. Барањето начини да се намали користењето на социјалните медиуми, апликациите и е-поштата не значи и целосно исклучување. Наместо тоа, потрошувачите си поставуваат граници и издвојуваат ментален простор и време за фокусирање на активностите во кои уживаат.

  1. Можам да се грижам самиот за себе

Исклучување на посредникот

Фокусот на овој тренд е на превентивните мерки против болести, несреќи и непријатности, што потрошувачите можат да ги преземат без да се консултираат со професионалец. Трендот се карактеризира со форми на персонални ограничувања и со самонаметната „чистка“ на непотребните работи од животот, што доведува до флексибилност и до поголем избор. „Можам да се грижам самиот за себе“ како тренд е реакција на импулсивниот и ригиден начин на консумеризам, кој е олицетворение на инстантните естетски промени на телото и исцрпувачките диети.

Потрошувачка контрола. Во свеста на потрошувачот се јавува и се развива идејата да биде  самодоволен. Голем број страсни купувачи чувствуваат возбуда при купувањето, експериментирајќи со нови производи и вкусувајќи нова храна, односно се „надвор од контрола“. На можноста да се „грижат сами за себе“ се гледа како на луксуз што не може да си го дозволат сите, а кој им овозможува на „избраниците“ да бидат сестрани. Во услови кога потрошувачот има преголем избор, тој сака да ја врати целосната контрола врз сопствената (физичка и ментална) состојба.

  1. Свет без пластика

Акции за елиминирање на пластичниот отпад

Идеалот за општество без пластика забележа значителен напредок во изминатите 12 месеци, а годинава тој стремеж се очекува да продолжи. Пластиката во најразлични форми е под зголемена контрола поради огромното количество отпад што завршува во природниот свет. Свеста кај луѓето за зачувување на природата сè повеќе се зголемува и тие преземаат најразлични акции преку кампањи и проекти.

Што наместо пластика? Никогаш досега пластиката не била толку високо на јавната агенда. Сепак, важно е да не се заборават и придобивките од пластиката. Таа се користи во медицината, градежништвото и транспортот, а се одликува и со одредени заштитни и ефикасни ефекти за чување на храната, продолжување на нејзиниот животен век и намалување на отпадот од храна. Затоа, наместо „свет без пластика“, подобра би била целта „свет без пластичен отпад“. Усвојување на пристапот на циркуларната економија и искористување на тековната рефлексија на пластиката како начин за напредок во развојот.

  1. Го сакам веднаш!

Ефикасен животен стил

Денешните потрошувачи се многу зафатени. Тие очекуваат повеќе од компаниите и сакаат да ги испорачаат производите и услугите што е можно побргу и поедноставно. „Го сакам веднаш!“ е тренд што е поврзан со животниот стил на потрошувачот, кој му овозможува да посвети повеќе време на професионалниот и општествениот живот. Потрошувачите се свртуваат кон апликациите што може да им помогнат за организирање на својот живот и се особено заинтригирани за иновациите што ќе им помогнат да ги избегнат редиците, да го намалат времето на чекање и да ги синхронизираат информациите и предностите.

Подем на суперапликациите. Суперапликациите им овозможуваат на корисниците пристап до поголем број функции што обично им се достапни преку повеќе самостојни апликации. Платформите за суперапликации го олеснуваат мобилното искуство и за компаниите и за потрошувачите. Компаниите можат да ги контролираат почетните екрани преку апликацијата, а корисниците имаат пристапат до повеќе услуги истовремено.

  1. Самечки живот

Уживање во живеењето како самец

Бејби-бумерите се генерацијата што го редефинира трендот на живеење самечки живот. Оваа група самци (обично над 50 години) се поимотни и додека некои се самци цел живот, голем дел од нив се разведени или вдов(и)ци и имаат возрасни деца. Сепак, оваа генерација не е единствена во соло-стилот на живот – голем дел од припадниците на помладите генерации го отфрлаат бракот, па дури и заедничкото живеење.

Отпорност кон врзување во јазол. Поради уверувањето дека тоа се различни поединци во поголемите групи, компаниите може да продолжат да ги игнорираат самечките домаќинства, но факт е дека зголемениот број самци ја менува таа практика. Овие потрошувачи се одликуваат со повисока свест за буџетот, веројатно поради диспропорционалниот дел од заработката што мора да ја одвојат за домување. Брендовите треба да ги прифатат самците, да соработуваат со нив и да го развиваат нивниот независен начин на живот.

Заклучок

Светот годинава се чувствува надвор од контрола. Во тек се многубројни политички пресврти на развиените пазари и брзи, неочекувани промени на пазарите со економии во развој. „Враќањето на контролата“ е фраза на голем број политички движења, а луѓето бараат повеќе дејствување и (само)определување. Соодветно на тоа, и глобалните потрошувачки трендови во 2019 година се однесуваат на враќањето на контролата и на (себе)афирмирањето.

Во пресрет на превирањата и неизвесноста, потрошувачот се чувствува помоќен од кога и да е досега. Тој има можност да се врати кон основите и да јаде јајца што ги неси неговата кокошка или да избере да бара утеха далеку од дигиталниот свет, без целосно да се отсече од него. Потрошувачот сака да го добие производот или услугата беспрекорно и лесно... Сака да направи промена во светот, купувајќи посвесно... Сака да се грижи за себе и да ги избегне експертите... Да се чувствува помоќен среде хаосот...



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...