Свет

Мали „амазони“ стануваат сериозна конкуренција на големиот „Амазон“

13 авг 2019

Исто како што „Гугл“ стана синоним за пребарување, во светот на купувањето преку интернет доминираат две имиња: американскиот „Амазон“ и кинескиот сервис „Алибаба“.

Од своите скромни почетоци и продажбата на книги пред 25 години, сега „Амазон“ е главно ориентиран кон малопродажба. „Алибаба“, пет години помладата компанија од „Амазон“, претходно функционираше повеќе како канал за големопродажба, а подоцна се сврте кон индивидуалните клиенти. Комбинираната вредност на двете компании е околу 1,5 трилион американски долари.

Сепак, ситуацијата не е толку едноставна - овие гиганти имаат голем број помали конкуренти, кои во последно време бележат импресивни стапки на раст и се шират на пазарите во голема мера надвор од дофатот на „Амазон“ или „Алибаба“.

Британскиот неделник „Економист“ истакна голем број вакви компании со висок раст кои делумно ја имитираат деловната стратегија на „Амазон“ при што водат политика, што понекогаш е причина за нивниот успех на штета на големиот онлајн трговец. 

Една од најпознатите такви компании е индискиот „Флипкарт“, основан во 2007 година со потенцијален пазар од над една милијарда луѓе. Десет години подоцна оваа компанија држеше 40 отсто од индискиот пазар за е-трговија. Минатата година потенцијалот го препозна американскиот гигант „Волмарт“, кој пред носот на „Aмазон“ презеде три четвртини од сопственоста на Флипкарт во вредност од 16 милијарди долари.

Слична е и приказната со Souq.com, платформа за тргување преку Интернет, основана во 2005 година во Обединетите Арапски Емирати која последователно се прошири на пазарот на Блискиот Исток. Нејзиниот успех го призна и „Амазон“, кој пред две и пол години го презеде Souq за повеќе од половина милијарда долари.

Во други делови на светот локалните трговци сè уште работат независно од трговските гиганти. Една од нив е „МеркадоЛибре“, трговска платформа која успешно доминира на пазарите на 18 земји од Латинска Америка.

Во Русија, каде што вредноста на пазарот за трговија преку Интернет се проценува на повеќе од 20 милијарди американски долари и се очекува да надмине 50 милијарди до 2023 година, водечки трговски синџир е „Озон“, кој работи со трговија на мало преку интернет. Оваа компанија покрај платформата за тргување нуди и други услуги како кредитирање на добавувачи и деловни картички за потрошувачите.

Овие мали регионални конкуренти на Амазон ги поврзуваат некои заеднички карактеристики. Прво, тие се развиени од локалните сили кои ги познаваат локалните пазари. Големите трговци на мало, како „Волмарт“, кој што се обиде да се прошири на пазарот во Германија или Бразил, во неколку наврати добија лекции за потребата од познавање на локалната култура и за тоа како понекогаш е невозможно да се копираат деловни политики и практики во нов регион. Друга заедничка карактеристика што ги врзува конкурентите на „Амазон“ е развој на сопствена инфраструктура - беа принудени да создадат сопствен систем на плаќање, а некои компании се приморани да склучуваат договори со локалните добавувачи наместо да се потпираат на поштенските услуги. Третото нешто што ги врзува е фактот дека повеќето од нив не продаваат своја стока, туку служат како платформа за поврзување на продавачите со купувачите. Четврта заедничка карактеристика е тоа што овие мали трговци на мало, за разлика од „Амазон“, сè уште работат со загуба, односно не остваруваат профит. Тоа е разбирливо, бидејќи во обид брзо да се зафати што е можно поголем дел од пазарот на компанијата, сите приходи брзо се реинвестираат во понатамошна експанзија.

Резултатите се видливи. Додека „Амазон“ постигнува стапки на раст од околу 10 отсто или повеќе, споменатите помали конкуренти растат многу побрзо. Ова е и причината зошто тие се многу привлечни за инвеститорите.

Но, додека „Амазон“ продолжува цврсто да ја држи својата деловна стратегија на развиените пазари, дури и да влегува во традиционална малопродажба преку класични продавници, помалите конкуренти на другите пазари брзо заземаат позиции од кои што веројатно нема да е лесно да бидат истиснати.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...