Свет

Како мала продавничка прерасна во еден од најголемите трговски ланци во светот

11 мар 2019

Нашите основни принципи се тесна палета на производи и ниски цени, и тоа сигурно не може да се одвои, рече едно време за работењето „Алди“ неговиот ко - основач Карл Албрехт. Овие принципи сосема случајно станаа основа за бизнисот на еден од најпознатите трговски дисконтни ланци во светот, пишува весникот „Гардијан“. 

Името на синџирот всушност е акроним од зборовите Албрехт и Дисконт, кој првично беше само мала продавница зад аголот на улицата во Есен, Германија, во сопственост на Ана Албрехт. Нејзе ѝ помагаа синовите Карл и Тео до почетокот на Втората светска војна, кога беа мобилизирани во армијата. Кога се вратија од војната во 1946 година, тие ја презедоа трговијата од својата мајка и ја проширија во синџир на мали продавници.

Но, поради недостатокот на капитал, овие продавници имаа многу ограничено снабдување со производи кои ги нудеа браќата Албрехт по ниски цени. Токму тоа се покажа како рецепт за успех. Така, и покрај првичната намера да ја збогатат понудата на нивните продавници, Карл и Тео одлучија за нова стратегија на компанијата. Веќе во 1953 година во Германија имаше десетина од овие продавници, а по 30 години работа се поделија на Aldi Süd и Aldi Nord. Имено, во 1960 година, браќата го разделија Aldi во овие два дела поради несогласување околу вклучувањето на цигарите во понудата на продавницата. Карл го презеде биснисот југозападно од Германија, САД, Велика Британија, Австралија и Источна Европа, додека Тео го презеде северниот дел, односно оној во Западна Германија и Западна и Јужна Европа.

Денес повеќе од десет илјади продавници на „Алди“  работат низ целиот свет, со просечна годишна заработка од околу 60 милијарди долари.

Според Business Insider, во „Алди“ од самиот почеток се нудат производи по ниски цени поставени врз дрвени палети. Информациите за сопствениците на овие компании се исто толку ограничени како асортиманот на нивните продавници. Тоа отсекогаш било така, особено по киднапирањето на Тео Албрехт во 1971 година. Семејството целосно се повлече и никогаш не даде никакво интервју или каква било изјава. Но, она што е познато е дека семејството Албрехт тежи 38,8 милијарди долари.

Сепак, и покрај нивното богатство, тие беа непоправливи штедачи. Семејство не поседува викендици, приватни авиони, јахти или нешто слично. Се раскажува анегдота дека Тео Албрехт ги трошел моливите додека можеле да се држав во рака и секогаш бил облечен во евтини костуми. Тој почина во 2010 година. „Алди Норд“, вреден 16,7 милијарди долари, го остави на своите два сина, Бертолд и Тео Џуниор.

Сопругата на Бертолд, Бабета, е единствениот член кој ги прекрши правилата на семејството во смисла на приватноста и на скромноста. За време на нејзиниот брак потроши милиони долари за скапи автомобили и на уметнички дела.

Карл Албрехт почина во 2014 година, четири години по неговиот брат. Неговите син и ќерка, Карл Џуниор и Беате, го наследија својот дел од богатството и моментално се на чело на компанијата. Строго ја чуваат приватноста на семејството.

(Извор: The Guardian)