IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Петок, 23.06.2017 || Нова аквизиција на „Лаваца“  |  „Диаџио“ доби одобрение за нова дестилерија  |  Bacardi е најпродаван рум во светот  |  „Мари Бризар“ оживува ликер од „Титаник“  |  „Данон“ го зголеми профитот за 20 отсто  |  „Амазон“ го купува „Хол фудс“ за 13,7 милијарди долари  |  Очекувајте го јунскиот број на InStore   |  „Дневни соби“ од Chipsy за студентите  |  Повеќе од 85 брендови пиво во Maxi  |  „Макпрогрес“ со пораст на извозот  |  Млеко, сирење и путер – само од животинско потекло  |  Нова инвестиција на „Империал тобако“  |  Лошата жетва може да влијае на поскапување на брашното и на лебот  |  Понеповолни очекувања во преработувачката индустрија  |  Прв отворен ден на GS1 Македонија  |  „Ероски“ ги намали загубите  |  „Алди“ затвора 32 продавници  |  „Теско“ тестира роботизирана достава  |  СКМ пристапи кон „Патот на свилата“  |  „Млекара Шабац“ гради фабрика во Русија  |   ||
   

Светска банка за Западен Балкан: Изгледите се позитивни, но со ризици

22.05.2017

Редовен економски извештај на Светска банка за Западен Балкан

Приреди: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Брзото закрепнување на производството во Србија и во Албанија доведе до економски пораст на регионот на Западен Балкан во 2016 година. Порастот во земјите од регионот – Македонија, Србија, Косово, БИХ, Црна Гора и Албанија, покажува два различни обрасци. Од една страна, економиите на Србија и на Албанија, кои сочинуваат околу 56 отсто од БДП во регионот, забележаа стабилно забрзување на порастот, бидејќи напорите за одржлива фискална консолидација и за структурни реформи го олеснија закрепнувањето во областите потрошувачка и приватни инвестиции, а поволното деловно опкружување, помогна да се зголеми извозот. Од друга страна, порастот е забавен во Македонија, Косово и во Црна Гора. И покрај релативно побавниот напредок на структурните реформи, економијата на БИХ стабилно се зголемува, поради ниските цени на увозот, кои го поддржуваат порастот на потрошувачката.

Зголемениот број на работни места и пониските цени помагаат за намалување на сиромаштијата, иако невработеноста и понатаму е голема. Се проценува дека од 2013 до 2016 година, просечната стапка на сиромаштија во Македонија, Србија, Црна Гора и во Албанија е намалена за речиси два процентни поени. Тоа значи дека околу 240.000 луѓе излегле од сиромаштијата. Проценките се дека во 2016 година, сиромаштијата е намалена во сите шест земји од Западен Балкан, освен во БИХ, која, со оглед на малиот пад на стапката на вработеност, се смета дека стагнираше. Порастот овозможи отворање на нови работни места и намалување на невработеноста во сите земји, со исклучок на Црна Гора, во која невработеноста се зголеми откако земјата воведе доживотен надомест на мајките со три или повеќе деца, што ги поттикна жените да ја напуштат работата. Порастот на вработувањата беше најголем во Албанија (8,5 отсто) и во Србија (7,2 отсто) во 2016 година. Албанија работеше на тоа да го намали неформалниот сектор (сивата економија), а во Србија вработеноста се зголеми благодарение на оживувањето на производството и на добрата земјоделска сезона. Вработеноста се зголеми и во Косово, а мали поместувања беа забележани и во Македонија и во Црна Гора.

Продолжувањето на фискалната консолидација и структурните реформи е неопходно за стабилизирање на должничката динамика во сите земји од Западен Балкан.

Надворешниот дефицит во 2016 година беше намален кај производителите - извозници, кои спроведуваа реформи што се „поволни за работењето". Србија забележа силен пораст на извозот во различни области, благодарение на приливот на странски директни инвестиции во производството. БИХ и Македонија имаа корист од ниските цени на нафтата и од зголемената надворешна потрошувачка, иако во Македонија значителниот обем на увозот го намали позитивниот ефект од зголемениот извоз. Овие земји имаа најмал надворешен дефицит во регионот во 2016 година – помал од 4 отсто од БДП. Наспроти тоа, зголемувањето на увозот, кој е поврзан со инвестициите и во комбинација со ниските цени на стоките, го зголеми надворешниот дефицит на извозниците од земјите од Западен Балкан. И покрај постепеното закрепнување на побарувачката на стоки од овие земји во ЕУ, ниските цени на производите ја намалија заработувачката од извозот во Албанија, Косово и во Црна Гора, а големите инфраструктурни инвестиции и понатаму бараат обемен увоз на капитални добра, што го зголеми дефицитот на тековната сметка на повеќе од 12 отсто од БДП.

Албанија и Србија ги зацврстија фискалните позиции со консолидација на потрошувачката и со подобрување на управувањето со државните претпријатија, а истовремено, невнимателната тековна потрошувачка во Македонија, Црна Гора и во Косово, делумно го неутрализираше зголемувањето на приходите. Во 2016 година, фискалниот дефицит беше намален во сите земји од Западен Балкан, со исклучок на БИХ, а начинот на кој тој се намалуваше, варираше во зависност од земјата. Во Албанија и во Србија, зголемените приходи и намалената тековна потрошувачка придонесоа за намалување на фискалниот дефицит. Приходите беа зголемени и во Косово и во Црна Гора, но измените на прописите значително ја зголемија цената на нивните нетаргетирани програми за надомест. Освен тоа, дојде и до потфрлање во извршувањето на буџетот за капитални инвестиции, а учеството на тековната потрошувачка е зголемено. Приходите во Македонија беа намалени како удел во БДП и вкупната потрошувачка беше намалена, со оглед на тоа што економијата ги почувствува ефектите од тешката политичка криза. Од тие причини, иако фискалниот дефицит беше намален во Македонија (на 2,6 отсто), во Црна Гора (на 3,9 отсто) и остана низок во Косово (1,3 отсто) во 2016 година, структурата на потрошувачката се сврте кон помалку продуктивни и стабилни области.

Структурните реформи треба да се фокусираат на пазарот на трудот, деловното опкружување, ефикасноста на јавниот сектор и глобалната интеграција, како и да обезбедат одржливо користење енергија и природни ресурси. 

Закрепнувањето на порастот од Западен Балкан беше забрзано во 2016 година, со охрабрувачки пад на стапката на невработеноста и на сиромаштијата. Порастот и вработувањата беа зголемени, особено во земјите што постигнаа напредок во намалувањето на фискалниот дефицит, решавањето на прашањето за наследство на големите и неефикасни државни претпријатија и во унапредување на опкружувањето за домашните и за странските инвестиции, оцени Елен Голдстин, директор на Светска банка за Западен Балкан.

Продолжувањето на фискалната консолидација и на структурните реформи е неопходно за стабилизирање на должничката динамика во сите земји од Западен Балкан. Иако неколку земји успеаја да ги стабилизираат или дури и да ги намалат должничките оптоварувања, сепак, расходите за плати, пензии и за социјални бенефиции и понатаму ги оптоваруваат буџетите на земјите од Западен Балкан. Законските измени во Црна Гора ги зголемија годишните расходи за тие буџетски ставки за 3,8 отсто од БДП. Се проценува дека во Косово, новата програма за надомест на ветераните ќе чини околу 0,7 отсто од БДП годишно. Во Македонија, пензиите кои се зголемуваа во последните пет години, достигнаа 9 отсто од БДП во 2016 година. Реструктурирањето на јавните комунални претпријатија, исто така беше клучно за намалување на фискалните обврски и за подобрување на конкурентноста. Повеќе внимание треба да се посвети на создавањето на ефикасна јавна управа, зајакнување на управувањето и владеењето на правото, како и за подобрување на квалитетот и на праведноста на јавните служби, како што се здравството и образованието.

Иако изгледите на регионалниот развој се позитивни, тие сепак се чувствителни на ризици и успехот зависи од тоа дали земјите можат да се преориентираат во насока на поодржлив модел на пораст.

Иако изгледите на регионалниот развој се позитивни, тие сепак се чувствителни на ризици и успехот зависи од тоа дали земјите можат да се преориентираат во насока на поодржлив модел на пораст. Се предвидува регионалниот пораст да се зголеми од 2,8 проценти во 2016 година на 3,2 проценти во 2017 година. Иако се очекува дека фискалното управување во Србија, Албанија и во БИХ и понатаму ќе биде внимателно, се предвидува дека експанзивните фискални политики во Косово, Македонија и во Црна Гора ќе доведат до зголемување на регионалниот дефицит. Надворешниот дефицит, исто така, ќе се зголемува во последните три наведени земји, зголемувајќи ја веќе високата надворешна чувствителност на Црна Гора и на Косово. Зголемената несигурност сугерира дека надворешните ризици ќе продолжат да ги комплицираат перспективите на порастот, меѓу кои се и брзата монетарна политика на САД и апрецијацијата на девизниот курс на доларот. Доколку САД ги усвојат протекционистичките политики, можно е забавување на економијата на ЕУ и променливост во динамиката на цените на стоките. Истовремено, политичките тензии, претстојните избори и отпорот на некои интересни групи во неколку земји од Западен Балкан, би можеле да го забават напредокот во фискалната консолидација и структурните реформи, што би ја поткопало довербата кај инвеститорите.

Продолжувањето на структурните реформи ѝ помогна на Србија да го зголеми извозот, особено на индустриските производи. Постојаните реформски напори во таа земја и во Албанија, помагаат за привлекување приватни инвестиции. Јавниот долг е стабилизиран и во двете земји, првпат од почетокот на глобалната финансиска криза. Повторното воспоставување на рамнотежата на порастот се одвива побавно во другите земји од Западен Балкан, што укажува на потребата тие да го забрзаат процесот на структурни реформи за да ги поттикнат приватните инвестиции и извозот. Освен со намалени можности за финансирање, тие земји се борат и да изградат кредибилитет на своите политики – проблемот е илустриран со намалување на оценката на кредитниот рејтинг за Македонија и за Црна Гора. Зголемените ризици во сите земји укажуваат на потребата од структурни реформи, за да се засили почетната преориентација од домашни на надворешни извори на пораст, како и поголемо потпирање на инвестиции. Ако треба да се прекине бавниот пораст и масовната емиграција на младите, потребно е да се консолидира користа од отворање нови работни места.

Одржувањето на порастот на Западен Балкан и решавањето на тековните предизвици од невработеноста, бара од земјите да останат на реформскиот пат. Освен тоа, неопходна е и понатамошна фискална консолидација и структурни реформи во сите земји за унапредување на ефикасноста на јавните сектори и за подобрување на конкурентноста на економиите. Целта е промовирање на развојот на приватниот сектор. Реформите треба да се фокусираат на пазарот на трудот, деловното опкружување, ефикасноста на јавниот сектор и глобалната интеграција, како и да обезбедат одржливо користење енергија и природни ресурси.

Клучни наоди од извештајот:

  • Стопанствата за Западен Балкан имаа побрз пораст во 2016 година, отколку во 2015 година. Зголемениот пораст во Србија и во Албанија и стабилниот пораст во БИХ ги компензираа послабата експанзија во Македонија и во Црна Гора и благото забавување на порастот во Косово;
  • Забрзувањето на економскиот пораст доведе до отворање на нови работни места. Иако невработеноста останува висока, сите земји од Западен Балкан, со исклучок на Црна Гора, ја намалија невработеноста. Порастот на вработувањата беше најголем во Албанија (8,5 отсто) и во Србија (7,2 отсто);
  • Надворешниот дефицит беше намален во Србија и во Македонија, со помош на значителната производствена база и реформите насочени кон приватниот сектор. Наспроти нив, надворешниот дефицит беше зголемен во Црна Гора и во Албанија, каде што големите инфраструктурни проекти го поддржаа порастот, но екпанзијата на увозот на капитални добра и ниските цени стоките, го поттикнаа надворешниот дисбаланс;
  • Јавниот долг беше стабилизиран во Србија и во Албанија, земјите кои продолжуваат да ја спроведуваат фискалната консолидација. Во другите земји, значителниот пораст на приходите во 2016 година, беше делумно намален со дискретниот пораст на тековната потрошувачка;
  • Среднорочните економски изгледи за Западен Балкан се позитивни, но состојбата е подложна на ризици од надворешни и од внатрешни (вклучувајќи ги и политичките) фактори. Одржувањето и подржувањето на порастот ќе бара континуирани напори во насока на намалување на фискалниот дисбаланс и одлучна имплементација на структурните реформи;



 
 
 
 
back to top