IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Четврток, 23.11.2017 || Просечната нето-плата во септември – 23.229 денари  |  Голем пораст за приватните трговски марки на „Теско“  |  Амазон оди „во шопинг“  |  „Попова кула“ со добивка од 4,8 милиони денари  |  Задолжителна квота за жени во управувањето со компаниите  |  „Дониа“ наградена со јубилејно признание  |  „Алибаба“ со нова инвестиција од 2,9 милијарди долари   |  Почнува втората потрага по „Добри брендови“  |  „Хол фудс“ со поголеми снижувања за премиум членовите на „Амазон“  |  „Тиквеш“ го претстави годинашното младо вино  |  Argeta веќе се произведува и во САД  |  Поповолна економска состојба во преработувачката индустрија во октомври   |  Зголемен прометот во индустријата во септември  |  Деловни средби за нови партнерства  |  Унапредување на трговските односи меѓу двете земји  |  „Нестле“ ќе го реорганизира бизнисот со храна за бебиња  |  „Нимрод“ е втор снабдувач со дивеч во Европа  |  Крањските колбаси собраа 1.200 посетители  |  „Кооп“ воведува свинско без антибиотици  |  Месото најскапо во Швајцарија  |   ||
   

Совети за трговците: Пренесете им знаење на купувачите

21.08.2017

Најважно е да се воведат едукативни програми за потрошувачите, кои би се состоеле од давање општи совети за безбедноста на производите што потрошувачите ги купуваат на одреден оддел во супермаркетот 

Автор: Проф. д-р Владимир Какуринов, „Клуч"

Во претходниот број на InStore беше истакнато дека секој супермаркет мора да направи напори за да ги задржи повеќе време потрошувачите и да им покаже дека се грижи за безбедноста на храната што се продава. Оттука произлезе и мојот предлог: најдобар начин за исполнување на таа цел е воведување едукација за потрошувачите во однос на безбедност на храната.

Најважно е да се воведат едукативни програми за потрошувачите, кои би се состоеле од давање општи совети за безбедноста на производите што потрошувачите ги купуваат на одреден оддел во супермаркетот. Во продолжение следуваат примери за совети и едукација за млечните производи, сирењата и за јајцата, кои вработените би можеле да им ги пренесат на крајните купувачи.

Совети за безбедно ракување со млечни производи, сирења и со јајца

§  Млечните производи треба да се купуваат на крај, за да не дојде до нивно загревање;

§  При избор на млечни производи и јајца, потрошувачите треба да се осигурат дека тие се доволно оладени;

§  Треба да се провери дали пакувањата на млечните производи и на јајцата се оштетени и дали протекуваат;

§  Потрошувачите да го проверат рокот на траење и неговата ознака. Вработените да им укажат дека постојат три типа на означување:

o    Ознаката sell by (најдобро за продажба до) е последниот датум до кој производот може да се продава. По тој датум, производот ќе биде безбеден за употреба, но нема да го поседува декларираниот квалитет (можеби ќе има полош вкус, мирис или изглед);

o    На некои производи пишува best if used by (најдобро ако се употреби до). Тоа е датумот до кој производителот смета дека производот ќе биде добар за консумација;

o    Најважна е ознаката best before(најдобро до) која ја има на замрзнати, конзервирани и на други производи. По тој датум, производот не е безбеден за употреба, без оглед дали е правилно складиран и дали мириса и изгледа добро.

§  По купувањето, потрошувачот директно да оди дома и веднаш да ги смести прехранбените производи во фрижидер. Ако патува повеќе од 30 минути (особено летно време), да му се укаже дека е би било добро млечните производи, сирењето и јајцата да ги смести во транспортно фрижидерче;

§  По употребата на млечниот производ, секогаш да се затвора садот во кој е производот;

§  Да не се дозволи млечните производи и јајцата да стојат на собна температура (од 23 до 28°C) повеќе од 2 часа;

§  Некои типови сирења треба постојано да се разладуваат (да бидат во фрижидер), а за некои тоа не е потребно.

Млечни производи

Млечните производи се пастеризираат, со што се отстрануваат неспорогените бактерии и производите се побезбедни за употреба. По пастеризацијата, важно е сите млечни производи да се чуваат во фрижидер (од 0 до 4°C) со што ќе се спречи порастот на опасните (патогени) бактерии. На потрошувачите треба да им се укаже секогаш да го имаат предвид тоа.

Други совети што вработените во супермаркетот треба да им ги дадат на потрошувачите:

§  Да не пијат какви било пијалаци и да не јадат каква било храна, што се произведени од непастеризирано млеко;

§  Млекото и млечните производи мора да се чуваат во фрижидер;

§  Трајното (стерилизирано) млеко може да се чува и на собна температура пред отворање, поради посебниот начин на производство, но по отворањето, мора да се чува во фрижидер;

§  Да не го враќаат неупотребените млечни производи во оригиналното пакување;

§  Во фрижидерот, путерот мора да се покрие со капак;

§  Пред замрзнување на путерот, секое парче (коцка) мора да се спакува цврсто во фолија или во пластика.

Сирења

Иако постојат многу различни типови сирења, на сите може да се применат општите правила за безбедност: 

§  Сè додека не е отворено, тврдото сирење треба да се чува во фрижидер во оригиналното пакување. По отворањето, цврсто да се запакува во пакување што не пропушта влага (на пример, фолија) или да се стави во сад што не пропушта воздух;

§  Ако на тврдото сирење се појави мувла, може да се отстрани заедно со 1 сентиметар од сирењето. Исклучок се сирењата подготвени со помош на габи, како, на пример, камамбер, рокфор, сини сирења итн. Кога на мекото сирење ќе се забележи мувла, тогаш најбезбедно е да се фрли;

§  Сирењата со висок процент на влажност (на пример, рикота или моцарела) не смеат да бидат надвор од фрижидер повеќе од 2 часа.

§  Тврдите сирења може да се замрзнуваат ако се цврсто обвиткани со пластично пакување. Најбезбедно е да се замрзнуваат парчиња од 450 грама и помалку или парчиња дебели до 2,5 сантиметри. Парчињата може да се чуваат од 6 до 8 недели. Сирењата треба да се одмрзнуваат во фрижидерот и потоа да се употребат за неколку дена, најдобро како додаток во јадења;

§  Агенциите за безбедност на храна им препорачуваат на трудниците, старите луѓе и на луѓето со послаб имунолошки систем да избегнуваат јадење на меки сирења (фета, бри, камамбер, рокфор и сини сирења).

Најдобар начин да се задржат повеќе време потрошувачите и да им покаже дека супермаркетот се грижи за безбедноста на храната што се продава, е воведување едукација за безбедноста на храната.

Свежи јајца

Исто како рибата, црвеното и пилешкото месо, и јајцата може да содржат патогени бактерии, кои имаат брз пораст на собна температура. Затоа, вработените во супермаркетите треба да им укажат на потрошувачите дека треба да се почитуваат препораките за складирање, ракување и за приготвување.

Купување и складирање на јајцата

§  Во супермаркетите, јајца мора постојано да се чуваат во фрижидер;

§  Купувачите да проверат дали јајцата се чисти и дали се напукнати;

§  Дома, потрошувачите да ги чуваат јајцата во оригиналното пакување – не во преградите на вратата од фрижидерот, каде што температурата обично е повисока од 4°C;

§  Да се избегнува миење на јајцата;

§  Најдобар квалитет свежите јајца имаат ако се употребат од 3 до 5 недели од производството;

§  Јајцата може да се замрзнуваат (во рамките на една година), но да не се замрзнуваат додека се во лушпа. Најдобро е да се изматат и потоа да се замрзнат.

Готвење со јајца

§  Пред и по контакт со свежи јајца, потрошувачите треба да ги измијат рацете, приборот и работните површини со топла вода и со детергент;

§  Свежите јајца мора да се чуваат одвоено од другата храна, особено ако таа се користи во свежа состојба;

§  Кога се подготвуваат колачи или торти, да не се пробува кремот од свежи јајца;

§  За рецепти во кои јајцата мора да се свежи или малку варени (на пример, прелив за цезар-салата или домашно подготвен сладолед), да се употребуваат јајца со пастеризирана лушпа или пастеризирани јајца;

§  Најбезбедни се тврдо варените јајца.

Безбедно сервирање на јајцата

§  Приготвените јајца и јадењата што содржат јајца, треба веднаш да се послужат;

§  Јајцата и јадењата со јајца може да се служат и подоцна ако се стават во фрижидер, но пред сервирање мора да се загреат до температура од 75°C;

§  Тврдо варените јајца (со или без лушпа) може да се послужат најдоцна 1 недела од приготвувањето;

§  Јадењата што содржат јајца може да се јадат најдоцна 3 до 4 дена од денот на приготвувањето;

§  Не е препорачливо да се јадат јајца што биле надвор од фрижидер повеќе од 2 часа.

Со воведувањето едукативни програми за потрошувачите, супермаркетот ќе биде не само место каде што се купува храна, туку и место кое се грижи за здравјето на своите потрошувачи и нуди можност да се научи нешто повеќе.

--------------

проф. д-р Владимир Какуринов е извршен директор на консалтинг и тренинг-центарот „Клуч", кој се занимава со едукација, издаваштво, организација на настани и со тренинг.
Автор е на многу научни трудови. Тој е прв автор на првиот
европски „Речник на поими и изрази за квалитет и безбедност на храна" и е автор на поглавје во првата светска„Енциклопедија за безбедност на храна".
Проф. д-р Какуринов е акредитиран тренер и консултант во областите безбедност на храна, хигиенско инженерство и дизајн. Досега на неговите тренинзи присуствувале повеќе од 1.000 претставници од повеќе од 500 компании во целиот свет.
Е-пошта: kakurinov.vladimir@key.com.mk
Веб-страници: www.key.com.mk; www.jhed.mk; www.keyevent.org



 
 
 
 
back to top