IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Четврток, 23.11.2017 || Просечната нето-плата во септември – 23.229 денари  |  Голем пораст за приватните трговски марки на „Теско“  |  Амазон оди „во шопинг“  |  „Попова кула“ со добивка од 4,8 милиони денари  |  Задолжителна квота за жени во управувањето со компаниите  |  „Дониа“ наградена со јубилејно признание  |  „Алибаба“ со нова инвестиција од 2,9 милијарди долари   |  Почнува втората потрага по „Добри брендови“  |  „Хол фудс“ со поголеми снижувања за премиум членовите на „Амазон“  |  „Тиквеш“ го претстави годинашното младо вино  |  Argeta веќе се произведува и во САД  |  Поповолна економска состојба во преработувачката индустрија во октомври   |  Зголемен прометот во индустријата во септември  |  Деловни средби за нови партнерства  |  Унапредување на трговските односи меѓу двете земји  |  „Нестле“ ќе го реорганизира бизнисот со храна за бебиња  |  „Нимрод“ е втор снабдувач со дивеч во Европа  |  Крањските колбаси собраа 1.200 посетители  |  „Кооп“ воведува свинско без антибиотици  |  Месото најскапо во Швајцарија  |   ||
   

Посетивме: PLMA 2017 во Амстердам

15.06.2017
 
На најголемиот светски саем на приватни трговски марки PLMA во Амстердам, кој се одржа од 15 до 17 мај, учествуваа вкупно 2.481 излагач од сите краишта на светот. Магазинот InStore беше единствениот медиум од регионот на Југоисточна Европа што го следеше ова случување.
 
Приреди: Максим Ѓуровиќ, maksim@instore.rs

Од 15 до 17 мај во Амстердам се одржа најголемиот светски саем на приватни трговски марки PLMA, на кој учествуваа вкупно 2.481 излагач од сите краишта на светот. Организатор на саемот е Асоцијацијата на производители на приватни трговски марки (PLMA, www.plmainternational.com), непрофитна организација основана во 1979 година за да ги промовира приватните трговски марки (ПТМ). Станува збор за единствена организација од тој вид, која застапува повеќе од 4.000 компании од 72 држави во светот. Компании што членуваат во неа се од мултинационали компании до мали семејни фирми.

Производители и снабдувачи на стоки за широка потрошувачка од повеќе од 70 земји ги изложија своите производи на вкупна површина од 40.050 квадратни метри. Посетителите имаа можност да посетат 2.481 компанија излагач, на 4.450 различни промотивни штандови. Саемот се одржа во 14 хали, поделен во три комплекси. Комплексот „Европа" им беше посветен на прехранбените производи, во комплексот „Холандија" беа изложени непрехранбените производи, а комплексот „Парк" беше комбинација и од едните и од другите.

На саемот беа собрани повеќе од 13.000 професионалци од 110 земји, меѓу кои имаше застапници на трговски синџири од сите формати, од хипермаркети, супермаркети, средни и мали продажни објекти, дисконтери, аптеки и стоковни куќи, како и увозници и извозници, производители, консултанти, агенти за продажба, професионалци од областа на дизајнот, пакувањето итн.

Од регионот на Југоисточна Европа се претставија 17 компании од Србија, 13 од Хрватска, седум од Македонија, пет од Словенија, наспроти, за споредба, 330 од Италија, 314 од Германија, 141 од Полска, 78 од Грција, 59 од Австрија, 36 од Чешка, 34 од Унгарија, 33 од Бугарија и 17 од Романија.

Настанот траеше три дена. Првиот ден беше наменет за презентации и за семинари, а другите два за посета на саемот и за склучување бизнис-зделки.

Темата на годинашниот саем беше „Помош за потрошувачите", како начин да се истакнат вредноста и квалитетот што го нудат трговците преку своите асортимани на производи од ПТМ.

Сегментот на премиум и иновативни производи во годините што претстојат во голема мера ќе го зголеми порастот на приватните трговски марки. Ова беше главната порака на меѓународното трговско шоу PLMA 2017 - World of Private Label.

Првиот семинар почна со најава на наградите за иновативни производи PLMA International Salute to Excellence. Од страна на жирито, составено од професионалци од FMCG-индустријата, поранешни трговци, академици и новинари, беа избрани повеќе од 100 победнички производи од 39 трговци и 19 различни пазари. Наградените производи привлекоа многу посетители на специјално подготвениот Trade Show штанд, кој беше дел од павилјонот IDEA Supermarket.

Александр Котке, аналитичар на компанијата „Еуромонитор интернешенел", во текот на втората презентација истакна дека иднината и успехот на приватните трговски марки зависи од трговците и е поврзано со нудењето уште пософистицирани производи, со висок квалитет, кои ќе одговорат на потребите на потрошувачите кои постојано се менуваат. Успехот на приватните трговски марки, според него, се заснова на ефикасно сегментирање, иновативни производи, зацртан квалитет на производите, следење на трендовите и создавање вистинска перцепција кај потрошувачите.

Потрошувачите беа во фокусот и на вториот предавач, Ричард Коуп, советник за трендови во „Минтел". Тој верува оти е важно да се сфати дека двете значајни демографски групи – милениумците и повозрасните – имаат многу заеднички нешта. И двете групи бараат адаптирани производи и услуги и се зависни од технологијата за да бидат поврзани со другите. (Ако сакате да ги добиете презентациите, пишете ми е-мејл на maksim@instore.rs).

Според податоците на „Еуромонитор" за Западна Европа, уделот од продажбата на ПТМ во 2016 година по категории е следниот: 34 отсто хигиенски производи, 23 отсто спакувана храна, 18 отсто храна за куќни љубимци, 13 отсто безалкохолни пијалаци и 6 отсто козметички производи.

Според вредноста, износот на уделот на ПТА во Западна Европа изнесувал 25 отсто, односно 8 отсто во Источна Европа. Големата разлика се гледа во вредносната продажба, која во 2016 г., според податоците на „Еуромонитор", изнесувала 125 милијарди евра во Западна Европа, односно 10 милијарди евра во Источна Европа.

Според податоците на PLMA, вредносниот удел на ПТМ во 2016 година, одделно, според држава, бил следниот: Швајцарија 42,6 отсто, Велика Британија 41,4 отсто, Шпанија 43,9 отсто, Германија 35,6 отсто, Белгија 31,5 отсто, Португалија 29,9 отсто, Австрија 32,2 отсто, Франција 25,9 отсто, Холандија 27,4 отсто и Шведска 26 отсто. За нас се особено интересни податоците кои се однесуваат на следните држави: Унгарија 24,6 отсто, Словачка 22,9 отсто, Чешка 21,4 отсто и Грција 15,4 отсто.

Вредносниот и количинскиот удел на приватните трговски марки во Западна и во Источна Европа постојано се зголемува. Прашањето што се поставува пред домашните произведувачи е дали се во можност, покрај сопствените трговски марки, да произведуваат и количества што ќе ги задоволат потребите на светските малопродажни синџири. Позитивен одговор на тоа ни дадоа претставниците на компаниите од регионот што беа присутни на саемот. Вие што читате, ако сте производител, го знаете одговорот. Каков е Вашиот одговор?

На саемот имавме средби со повеќето водечки трговски компании од регионот, како и со регионалните производители што беа присутни на саемот. Наша желба е да имаме што повеќе домашни излагачи, но и посетители од нашите земји, кои ќе имаат можност да ја видат таа импозантна приредба и најновите трендови во развојот на приватните трговски марки.

На крајот, им упатуваме честитки на компаниите од нашиот регион што беа присутни на саемот, како и на посветеноста на нивните тимови за време на саемот. Тие компании се инспирација за сите други и имаме желба следната година да ги има во уште поголем број.

Македонските производители и PLMA

На годинашното издание на саемот на приватни трговски марки (PLMA) учествуваа вкупно седум производители од Македонија: преработувачката индустрија „Бест фуд" и млекарницата „Ѓорѓиеви" од Радовиш, „Магрони", „СМС груп" и „Виталиа" од Скопје, „Макс Струмица" од Струмица, и „Виа Пром" од Охрид. Ви ги пренесуваме впечатоците што со нас ги споделија некои од нив.

Крсте Ѓоргиев, генерален директор, „Бест фуд" и млекарница „Ѓоргиеви"

Првпат учествувавме на саемот. Приватните трговски марки се растечки тренд и од таа гледна точка решивме да направиме дополнителен напор, да ги видиме ефектите од учество на специјализиран саем за приватни трговски марки.

Со „Бест фуд" се претставивме со нашиот асортиман полнети производи и „класични" преработки за Македонија – ајвари и лутеници. Како „Млекарница Ѓоргиеви" ја претставивме млечната програма со која работиме надвор од Европа.

Задоволни сме од посетеноста. Сега ни останува – резултати. Имаме најави за извоз на нови пазари. Со млечната програма имавме заинтересираност од Обединетите Арапски Емирати, за нова програма производи. Од прекуокеанските земји, имаме заинтересираност за извоз во САД. Исто така, во земјите со кои веќе работиме со млечната програма, има заинтересираност и за конзервираните производи.

Со приватни трговски марки работиме уште од почетокот. Надвор од Македонија, соработуваме со супермаркети и со поголеми дистрибитивни куќи. Во Македонија, произведуваме приватни трговски марки за два синџири супермаркети.

Саемот е одлично искуство, кој е највпечатлив по својата организираност. Големата посетеност и концентрираноста на програмата, прават учеството да биде малку понапорно, но е голема шанса, како претставување пред луѓе професионалци. За нас е нова шанса, ново искуство, можност да ни се отвораат нови пазари и пристап до нови клиенти, со кои сме немале соработка.

Бојан Младеновиќ, менаџер за нарачки и надворешна трговија, „Магрони"

Четврти пат сме на саемот како излагачи. Имавме заинтересирани купувачи од земјите од соседството, од западноевропските пазари, но и од другите континенти. Годинашниот саем понуди изложувачи од педесетина земји, големи дистрибутивни компании и познати малопродажни синџири. За нас, како компанија која е сѐ повеќе извозно ориентирана, саемот придонесе за унапредување на базата на контакти, кои во претстојниот период ќе се обидеме да ги материјализираме во барем една нова извозна дестинација, што е и наша примарна цел од овој саем. Поголемиот дел од производството го пласираме под брендовите Dobra Voda и Ladna, но во значителен процент произведуваме и под приватна марка. Како светски тренд, потрошувачите се сè повеќе ориентирани кон производи што промовираат здрави животни навики, така што најголемо внимание од нашиот асортиман кај посетителите привлекоа нашите „функционални води". Земајќи го предвид сèпоголемиот интерес, очекуваме наскоро нашите производи да бидат присутни на нови пазари.

Впечаток што се наметнува е дека можеби треба да се преземе инцијатива за здружување на нашите изложувачи во павилјон, како што го направија тоа годинава компаниите од повеќе од 20 земји, меѓу кои и земјите од поблиското опкружување. Со ваква форма на организирано изложување може да се остварат повеќе придобивки, а во прв ред зајакнување на преговарачката позиција при одредување на локацијата на штандот.

Искра Ветаџокоска-Муцунска, управител и косопственик, „Виталиа"

„Виталиа" е водечка компанија во областа на задравата храна во регионот, со широка извозна мрежа од 55 држави во светот, како ЕУ, Канада, Кина, САД, Хонг Конг, ОАЕ, Израел, Бангладеш, Тајван, Палестина, Куракао, Малезија, Естонија, Саудиска Арабија и многу други.

Стратегијата за развој на компанијата опфаќа редовно присувство на најдобрите светски саеми за храна, меѓу кои највпечатлив се одвојува токму саемот PLMA „World of Private label fair" во Амстердам. На овој саем производителите ги презентираат своите потенцијали не само преку сопствениот бренд туку и преку промоцијата на сервисот за приватна марка, која е тренд кај големите супермаркети. „Виталиа" оваа година се претстави, традиционално, по седми пат, при што како посебен успех ја забележуваме поканата на организаторот за презентација на нашите најнови здрави продукти во специјалниот простор „Show Room of Innovation". Специјална атракција на овој саем беше Idea Supermarket, каде што „Виталиа" за својата иновативност доби признание и специјално место за презентацијата на своите најнови здрави продукти од категоријата безглутенски, протеински, без додаток на шеќер, како и линијата health snacking, кои пленија со својата функционалност и дизајн. Новите продукти на „Виталиа" предизвикаа огромен интерес помеѓу посетителите ширум светот, со што се загарантира зајакнувањето на позицијата на брендот на светската мапа на респектабилни призводители на здрава храна.

Сабит Умер, сопственик и генерален директор, „СМС груп"

Ова ни беше првпат да учествуваме на саемот. Задоволни сме од интересот што го покажаа посетителите на нашиот штанд. Учеството на македонски излагачи беше позитивно изненадување за странските клиенти и цениме дека општиот впечаток што го оставивме беше добар.

Најголем интерес од нашите производи покажаа за сунгерот 2+1 во картонско пакување. Нашата најголема шанса за соработка во форматот приватни трговски марки ја гледаме во квалитетот и во цената што ги нудиме.

Учеството на саемот остави силен впечаток на нас и во него гледаме голема шанса за нашата компанија. За нашата компанија ова беше големо искуство. Поучени од тоа и благодарение на конактите што ги стекнавме на саемот, имаме големи очекувања за периодот што претстои.

Александра Димитриеска, менаџер за продажба, „Виа пром"

Четврти пат се претставуваме на PLMA. „Виа пром" сè повеќе се насочува кон продизводство на приватни трговски марки, така што за нас PLMA е од исклучително значење. Впечатоците за саемот од година во година се сè подобри. PLMA го посетуваат помал број посетители, но, главно, тоа се сериозни купувачи, кои бараат конкретен производ за кој се решени да најдат снабдувач. На наше изненадување, оваа година имавме заинтересираност за сите производи. Врз основа на претходните искуства, очекувавме една до две категории бисквити да бидат водечки, а другите да привлечат помал интерес. Како одлично искуство би ја издвоила фокусираноста на посетителите, кои пристапуваа со претходно разработен материјал, со конкретни барања за одреден продукт, со разработени продажни и маркетиншки концепти, поткрепени со сериозни истражувања на пазарот.

На еден ваков саем, колку што ќе вложи една фирма во своето претставување, толку и ќе добие. Се обидуваме со секое учество на саемот да се претставиме подобро од претходниот пат и согледуваме дека купувачите, особено тие што редовно го посетуваат саемот, го забележуваат тоа и го ценат. Нашиот бизнис, како и многу други, бара макотрпна работа, огромно трпение и силен претприемачки дух. Доколку овие три елементи успешно се одржуваат, успехот е неизбежен. Тоа би го издвоиле како поука од годинашното учество на PLMA, што ќе нè води низ идните саемски претставувања.


 
 
 
 
back to top