IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 23.10.2018 || Тридневна дружба на вработените на „Макпрогрес“  |  „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |   ||
   

Мислење и коментари: Функционален линк меѓу образованието и компаниите

11.04.2018
Младинската невработеност и иселувањето како горливи проблеми со кои се соочуваат младите се посочуваат со години. Во едно од последните истражувања на „Делоит" за младите и нивните први чекори на пазарот на трудот, спроведено во земјите од Централна Европа (без Македонија), еден од заклучоците е дека 47% од младите повеќе сакаат да бидат експерти во својата област отколку да бидат на раководни позиции. Поголемиот дел од испитаниците нагласиле дека работата или праксата во областа во која студираат е многу ретка. Затоа, потребно е компаниите и универзитетите повеќе да соработуваат за да разберат каде се крие изворот на нивното незадоволство. 

Многу висок процент од младите кажале дека сакаат да работат во меѓународна компанија, а речиси 76,8% од испитаниците би ја напуштиле својата држава за добра работна можност. 

„Делоит" направи и профил на идеалниот работодавец: овозможува развој на вештини и напредувања, дозволува демократија во донесувањето на одлуките, промовира тимско работење, постојано задава интересни задачи, поттикнува понатамошно професионално образование и работи со универзитетите за развивање идни стручни лица. Со нашите соговорници зборувавме за тоа кои се клучните причини за ваквата состојба на младите во Македонија, во која насока треба да одат проектите за решавање на овој проблем, како и за тоа каде се детектира проблемот со вработувањето на младите во дистрибутивните компании и трговските синџири.

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

                                             Експертски став                                             
 
Mарија Топузовска Латковиќ, 
Вон. проф. д-р, Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, Универзитет „Св. Кирил и Методиј"
 
Стапката на невработеност на младите во Република Македонија на возраст од  15 до 29 години кумулативно изнесува 50 проценти и е двојно поголема од општата стапка на невработеност, која е исто така висока. Со оваа бројка нашата земја континуирано се рангира на првите десет места во светот, во однос на младинската невработеност. Причини за младинската невработеност има повеќе, како што се: економската и општествената криза, општата невработеност во земјата, пролонгираниот транзит од образование до работа, непостоењето на отворени работни места наменети за младите, малиот пазар, неповолната бизнис-клима, нестабилноста на приватниот сектор, политизираноста во јавниот сектор итн. Додека, пак, невработеноста на младите, ниските почетни примања, сиромаштијата, финансиската зависност од родителите и нискиот квалитет на живот се главни причини тие да размислуваат или да одлучат да ја напуштат земјата.
 
Неопходно е да се направи функционален линк меѓу образовниот процес преку модификација и адаптација на наставните програми и формални и задолжителни договори за соработка со компаниите.

За решавање на проблемот неопходно е да се направи функционален линк меѓу образовниот процес преку модификација и адаптација на наставните програми, квалификациите и компетенциите, со потребите на компаниите, преку формални и задолжителни билатерални договори за соработка, со што сите засегнати страни ќе имаат придобивка: образовните институции, компаниите и студентите. Понапредна можност е воведување дуален систем на образование, што подразбира дека учениците/студентите дел од студиите ќе ги поминат во образовната институција, а дел во компанијата-партнер, под менторство на обучен кадар. На сличен начин треба да се унапреди и практиканството. Според истражувачките сознанија, моментално компаниите креираат специјализирани програми каде што младите ги учат знаењата и вештините потребни за работното место, иако според дипломата за завршено формално образование, се очекува тие да ги поседуваат и да знаат да ги применуваат.
 
                                               Став од секторот                                              

Марина Михајловска,
менаџер за општи работи и човечки ресурси, „Кола"

За решавање на овој проблем, потребно е да се понудат многу повеќе разновидни услуги за развој на бизнисот. Се согласувам дека треба да се обезбеди и простор за колку што е можно повеќе едукација, развојни и едукативни центри од разновидни области каде што младите би се сретнале со развојни структури за мотивација и поттикнување, додека за поттикнување на компаниите за нивно вработување сметам дека влијаат повеќе фактори, од кои главен е глобалната ориентација на компаниите да ги оптимизираат своите процеси, а со цел да реализираат одредени заштеди во работењето. Токму затоа сметам дека програми за поддршка и стимулација на работодавците би дале одлични резултати. Треба да се воведе дополнителна практична настава. Праксата, обуката и волонтерството се одговори на секое прашање на младите за тоа како да се создаде квалификуван и одржлив кадар, а со нив ќе се зголеми и нивната самодоверба и храброста при соочување на пазарот на трудот.

Треба на глобално ниво да се преземат одредени чекори и да не се изостават професиите кои се и секогаш ќе бидат потребни. 

Навистина е голем ПРЕДИЗВИК кога треба да се бараат квалификувани работници, кога ќе треба работникот да се вклучи во организациската структура која го проширува учеството на редица чинители со ново учество. За жал, многу компании се соочуваат со тешкотии во наоѓање соодветен кадар во различни области. Во последно време актуелни се трендовските професии, но, според мене, проблемот е во тоа што треба на глобално ниво да се преземат одредени чекори и да не се изостават професиите кои се и секогаш ќе бидат потребни. 

 
                                             Став од секторот                                             

Вања Јованоска,
одговорна за човечки ресурси, ДОО „Рамстор Македонија"

Сè почеста е појавата кога нашите вработени заминуваат поради иселување; не успеваме да ги задржиме и покрај условите што се далеку подобри од просечните во нашата држава. Со цел да се најде решение на овој проблем, кој веруваме дека го имаат повеќето компании во нашата држава, првично треба да се стави фокус на образовниот систем. Многупати се среќаваме со кандидати што имаат високо образование, но ги немаат потребните квалификации за да ги задоволат барањата на работата. Главниот проблем што може да се посочи е недоволното практично искуство по дипломирањето. Доколку практичната обука биде задолжителна и би вклучувала проекти во компаниите со ментори-професори од факултетите, тие би биле многу попродуктивни. Друг проблем е и нискиот степен на специјализација што го имаат младите. На компаниите им се потребни специјалисти од одредени области, кои би имале општи познавања од областа, но наместо тоа, ни се нудат кадри што имаат средно познавање од многу области, а не се специјализирани во ниедна конкретна област. 

Главниот проблем е недоволното практично искуство по дипломирањето, што може да се подобри преку задолжителна практична обука во компаниите со ментори-професори од факултетите. 

Во „Рамстор" се трудиме на нашите колеги да им обезбедиме висок степен на специјализација и експертиза во рабoтењето преку обуки кои им го даваат соодветното знаење, потребно за адаптација и полесно извршување на работните задачи. Нудејќи позиции кои имаат јасно дефинирани работни обврски и барања, преку мерења на перформансите со јасно зададени цели, им овозможуваме на нашите вработени да учествуваат во развивањето на нивните вештини, а со тоа да ги развијат и нивните кариери. Нашите колеги ги испраќаме на обуки и семинари и во странство, каде што учат од најдобрите професионалци од соодветните области. Во тој поглед добиваме огромна поддршка од нашата мајка-компанија „Мигрос", која е лидер на турскиот пазар со искуство подолго од 60 години. 

Како што и претходно наведов, специјализацијата е клучната карактеристика што ни е потребна. Од друга страна, проблемот во FMCG сектoрот е најизразен во областите што бараат занаетчиска заднина. Имено, на пазарот се соочуваме со понуда на висококвалификувани кадри кои не се компетентни да ја извршуваат работата што ја нудиме за која се потребни високи квалификации, но се преквалификувани за други позиции каде што не се бараат високи квалификации. Во „Рамстор" недостигот од специјализација, но и доквалификација за одредени работни места го задоволуваме со постојани обуки на вработените. 





 
 
 
 
back to top