IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 13.12.2017 || „Марс“ е малцински сопственик на „Кајнд“  |  Аqua Viva со две глобални признанија  |  АХВ: Не се увезени небезбедни производи на „Лакталис“  |  „Хајнекен“ гради фабрика од 85 милиони евра  |  Храната за доенчиња Celia Expert 2 повлечена од пазарот  |  „Гомекс“ отвори маркет во Бајмок  |  Тони Балажич преминува во „Панвита“  |  Во „Амазон“ работат 120.000 роботи  |  Нова фабрика на „Ла линеа верде“ до крајот на годинава  |  Основан е Клуб на извозници  |  „Теско“ претстави вина со понизок процент на алкохол  |  Незначително намалување на цените на храната во ноември  |  „Ист оф Ингланд ко-оп“ ќе продава храна со поминат рок  |  Стопиран увозот на крекери и кекси од Србија и од БИХ  |  Агенцијата „Берин“ одбележа 25 години работење  |  „Конзум“ и хрватските доставувачи со заедничка акција  |  „Бимилк“ прославува 65 години  |  Деловни резултати на „Кофола“  |  „Оркла“ ја купува „Хелт анд спортс нутришн груп“  |  Октомвриски индекси на прометот во секторот трговија  |   ||
   

Мислења и коментари: Поврзаност и поттик на сите потенцијали на регионот

16.11.2017
 
На 16 и на 17 октомври, Скопје беше домаќин на „Самит 100 за бизнис-лидери од Југоисточна Европа" и центар на бизнис-настаните во регионот. Главната тема годинава беше „поврзаноста", и во тој контекст, нашите соговорници ги прашавме за главните заклучоци од значењето на слободниот протек на луѓе, стоки и на идеи за регионот, условите за е-мобилити и за дигитализацијата во бизнисот.

Приреди: Данче Драгинова, dance@instore.mk

Институционален став

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

Од економска гледна точка, слободниот протек на луѓе и на стоки е од круцијална важност за постигнување повисок степен на надворешна трговска соработка, која ќе резултира со пораст на извозот и на националната економија. Ова прашање е остварливо – во моментов во регионот многу активно се работи за да се постигне таа цел. Имено, со одржувањето на четвртиот „Самит на Западен Балкан" во Трст, владините претставници од ЕУ и од Западен Балкан (ЗБ) ги дефинираа стратегиите и програмите за забрзување на порастот и за интеграцијата во регионот. Сега, концентрацијата е насочена во иницијативи за отстранување на пречките за мобилност на висококвалификувана работна сила, како и за спроведување на агендата за поврзување преку интегрирање на транспортните и на енергетските системи во регионот и во ЕУ. Главна поддршка на бизнис-заедницата во регионот, задолжена за реализација на заеднички проекти што ќе бидат дел од повеќегодишниот план за регионална економска област на ЗБ, е Коморскиот инвестициски форум.

Голем дел од активностите вклучуваат обезбедување на слободно движење на стоките и на услугите во целиот регион, за да се намалат трошоците и да се зголеми конкурентноста на стоките и на услугите на глобалниот пазар. Се работи во насока да се постигне унифицирање на сите царински декларации, процедури и стандардизација на сите инспекции на регионално ниво, во согласност со стандардите на ЕУ, така што секоја земја ќе ги признае истите декларации, документација за одреден тип производи од сертифицирани лаборатории и агенции. Со тоа ќе имаме минимално време за чекање на границите. Од друга страна, акциониот план предвидува и слободно движење на луѓето од регионот за да патуваат, да работат и да студираат, без дополнителна документација и без многу административни процедури. Тоа би му овозможило на заедничкиот пазар на труд до одредена мера да ги реши проблемите со невработеноста во регионот. За да се постигне тоа, потребно е да се овозможи склучување мултилатерални договори за социјално осигурување и пензиски фондови, отстранување на пречките за мобилност на студентите, научниците и академиците, укинување на барањето виза за туристите што го посетуваат регионот, како и подготвување на регионална стратегија за хармонизација на образовниот систем со предвидените потреби на пазарот на трудот.

Не е можно квалитетно развивање на деловни односи со странски партнери и користење на е-автомобили, кога имаме недоволно развиена транспортна мрежа, односно недоизградени патишта и железнички пруги. 

Генерално, регионот е далеку од е-поврзаност, што беше и главната констатација на таа тема на „Самит 100".

Како комора, долго време укажувавме на потребата за подобра инфраструктурна поврзаност со земјите во регионот. Не е можно квалитетно развивање на деловни односи со странски партнери и користење на електрични автомобили, кога имаме недоволно развиена транспортна мрежа, односно недоизградени патишта и железнички пруги на двата главни коридори што поминуваат низ земјава. Затоа, инфраструктурата мора да биде во преден план. Дури потоа може да размислуваме за воведување нови иновативни решенија, кои би оделе во прилог на заштита на животната средина, стабилност на енергетскиот систем, како резултат на користење на електрични автомобили.

Дигитализацијата во голема мера го менува начинот на кој се води бизнисот и деловната комуникација, односно го отвора пристапот до дигиталната економија со интегрирање на регионот во паневропскиот дигитален пазар. Со употреба на дигиталните технологии, може да се генерираат значителни предности во однос на брзината, ефикасноста и транспарентноста преку границите во многу различни сектори, но и да се искористат потенцијалите за снабдување иновативни и конкурентни услуги за потрошувачите и за бизнисите, со висока вредност на работните места и енергично општество базирано на знаење.

Како дел од Коморскиот инвестициски форум, заедно со властите од земјите на ЗБ, ќе дејствуваме за креирање заедничка стратегија за дигитална трансформација, која ќе води кон економски пораст, создавање работни места, подобра конкурентност и деловен просперитет. Тоа вклучува изработка на стратегии за дигитализација, соодветна регулаторна средина, подобрување на инфраструктурата, широкопојасен пристап и дигитална писменост.


Стручен став

Станка Пејановиќ, член на управниот одбор на „Самит 100 за бизнис-лидери од Југоисточна Европа" и претседателка на Српската асоцијација на менаџери

Најголемиот потенцијал за поврзување на регионот се луѓето што живеат и работат на овие простори и кои се споени со заедничката визија – граѓаните да имаат повисок животен стандард, компаниите да работат во подобар деловен амбиент и да се зголеми конкурентноста на целиот регион. Затоа, сите заедно мора да работиме на отстранување на бариерите што го кочат ефикасниот бизнис во регионот, на заедничка промоција на целиот регион и на поттикнување на неговите потенцијали. Чекор поблиску до целта е потпишаниот Меморандум за соработка меѓу регионалната платформа „Самит 100" и Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, што ќе помогне во поврзувањето на регионот преку прометот на стоки и на услуги, транспортот, енергетиката и преку другите области.

Неопходен услов за воспоставување и за развивање на е-мобилити, првенствено е решеноста на државите за тоа, како и развојот на неопходната инфраструктура. Минатата година беше претставена европската стратегија на мобилност со ниски емисии, за да се забрза преминот на алтернативни горива. Членките на ЕУ веќе изработуваат национални рамки со конкретни цели и активности за развој на тој пазар. Во регионот, на големо се работи на развој на е-мобилити, но потребно е уште многу за да се обезбедат услови за примена на концептот и да се фати чекор со ЕУ. Освен воспоставувањето на инфраструктурата, што веќе и се случува во сите земји од регионот, неопходни се и поттикнувачки мерки од државите за да се влијае на достапноста на електричните автомобили за потрошувачите.

Размислувањето за иднината на бизнисот и за идните трендови, како и усовршувањето на кадрите и на иновациите, се патот до одржливо работење.

Дигитализацијата може и мора да биде платформа и акцелератор на пораст на економијата во регионот. Особено е важно компаниите, ако веќе не почнале, веднаш да почнат во приспособување кон новите трендови и користење на дигитални технологии за сопствен пораст и развој. Прифаќањето на современите технологии и дигитализацијата се процеси, со кои компанијата им се приближува на потрошувачите. Размислувањето за иднината на бизнисот и за идните трендови, како и усовршувањето на кадрите и на иновациите, се патот до одржливо работење, како и пат за заздравување на компаниите, кои се борат за опстанок на пазарот.


Аналитички став

Зенел Батагељ, партнер во истражувачката агенција „Валикон"

Во регионот, сè уште живеат „измите", кои не потекнуваат од блиската историја, туку уште од Втората светска војна, па и од претходно. Најпрвин, културата и музиката ги преминаа границите, а во последно време и бизнисот. За политиката ќе почекаме. Вистина е дека оваа тематика е важна за целиот регион, но во контекст на глобализацијата и на дигитализацијата, можеби и не е во вистинскиот фокус. Ова е комплициран регион и можеби би било поедноставно да се размислува за алтернативни пристапи – развој на прототип на некој локален пазар, од каде што веднаш ќе се прошири на поголемите пазари. Уште подобро, новите технологии, како што е „блокчеин", овозможуваат две работи – глобален пристап на капиталот и глобален пристап на потрошувачите. Значи, постои алтернатива за старата парадигма и сметам дека земјите од регионот треба повеќе да се фокусираат на тие можности.

Е-мобилити не е решена на ниво на ЕУ, а бидејќи нашиот регион е и регулаторно нехомоген, проблемот со е-мобилити овде е уште поголем. Технолошките фирми во ЕУ најчесто прават некој т.н. „доказ за концептот" (proof-of-concept) на ниво на сопствената земја, добиваат капитал, се селат во Силиконската Долина и го прошируваат бизнисот во САД. Таков пример е словенечката компанија „Флавиар". Како Европеец, имам голем проблем со тој пристап – ЕУ, па и нашиот регион развиваат најдобри кадри, вложуваат во нив, и на крај – кадрите ги искористуваат американските компании. Тоа не е добро за Европа. Стариот Континент мора да го најде патот и најдобрите кадри и глобални проекти да ги развива и да ги задржи овде.

Заборавете го регионот, веднаш тргнете глобално!

Дигитализацијата е широк поим, кој честопати се сфаќа претесно, а во регионов, само базично – дали имаме добра веб-страница, фејсбук-профил, колку „лајкови" имаме и сл. Сите тие се само алтернативи за класичното медиумско планирање од минатиот век. Вистинската дигитализација значи целосна промена на бизнисот, односно расцеп (disruption). Тоа значи дека врз основа на технологија што ја користат потрошувачите, а и на луѓето во заднина, кои ги прават компаниите поефикасни – настануваат нови бизнис-модели. Најчесто тие модели заживуваат во средини што не се оптоварени со минатото, во облик на свежи услуги на мобилните уреди. Најдобрите примери се во банкарството – Н26 и „Револут". Прашањето е како да се овозможи тие свежи идеи да заживеат во регионов, или уште подобро – во нашите компании? Од Југоисточна Европа единствено словенечкиот пазар е нападнат, бидејќи Словенија е во ЕУ, а и во еврозоната. Тие услуги полека пенетрираат на пазарот и ги менуваат навиките на потрошувачите.

Мојот заклучок би бил истиот како и на конференцијата на InStore – заборавете го регионот, веднаш тргнете глобално!


 
 
 
 
back to top