IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Четврток, 23.11.2017 || Просечната нето-плата во септември – 23.229 денари  |  Голем пораст за приватните трговски марки на „Теско“  |  Амазон оди „во шопинг“  |  „Попова кула“ со добивка од 4,8 милиони денари  |  Задолжителна квота за жени во управувањето со компаниите  |  „Дониа“ наградена со јубилејно признание  |  „Алибаба“ со нова инвестиција од 2,9 милијарди долари   |  Почнува втората потрага по „Добри брендови“  |  „Хол фудс“ со поголеми снижувања за премиум членовите на „Амазон“  |  „Тиквеш“ го претстави годинашното младо вино  |  Argeta веќе се произведува и во САД  |  Поповолна економска состојба во преработувачката индустрија во октомври   |  Зголемен прометот во индустријата во септември  |  Деловни средби за нови партнерства  |  Унапредување на трговските односи меѓу двете земји  |  „Нестле“ ќе го реорганизира бизнисот со храна за бебиња  |  „Нимрод“ е втор снабдувач со дивеч во Европа  |  Крањските колбаси собраа 1.200 посетители  |  „Кооп“ воведува свинско без антибиотици  |  Месото најскапо во Швајцарија  |   ||
   

Маалска продавница – претставуваме: „Магнолија“

22.05.2017
 

Иако е мал по површина, во маркетот „Магнолија" во скопско Козле секогаш има сè што му е потребно на едно домаќинство за да го помине денот. Пријателскиот, срдечен однос со купувачите е тоа што го прави препознатлив.

Разговараше: Васко Марковски, vasko@instore.mk

Маркетот „Магнолија" е секојдневна попатна станица за жителите на скопско Козле, од маалото во близина на студентскиот дом „Гоце Делчев" и на ТЦ „Олимпико". Свртена кон сончевата страна, кон Водно, во приземјето на зградата број 149, на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, продавницата е место каде што за дневните потреби ќе испазариш со едно одење, кое ги привлекува луѓето со својата ненаметливост, искреност и срдечност. Така ќе ви каже секој што ќе намине, а ќе ве забележи дека сте дошле да ја чуете нивната приказна.

Приказната на маркетот „Магнолија" почнала пред речиси триесетина години, во некогашната самопослуга на „Центро" во Козле, каде што во тоа време работела Горица Блажеска, основач на семејниот бизнис на Блажески. Кога работите со поранешниот имот на „Центро" се искомплицирале, а синовите веќе го научиле занаетот, семејството решило да отвори два дуќана: едниот за родителите („Магнолија"), еден за синовите (поранешна „Магија" во населбата Јане Сандански).

Со ова се занимаваме уште пред 1990 година. Кога се расформира „Центро", мајка ми ја зеде таа самопослуга. Уште оттогаш, заедно со брат ми — Јовица — како средношколци, почнавме да помагаме во самопослугата. Така го учевме занаетот, покрај родителите. Заедно со брат ми работевме до 2001 година, по што јас се префрлив овде, а по некоја година брат ми реши да го затвори дуќанот и да се посвети на градежништвото, се сеќава Игор Блажески, денес сопственик на „Магнолија", каде што работи заедно со неговата мајка.

Продавницата е на површина од 24 квадратни метри, без магацински простор. Асортиманот опфаќа околу 2.000 артикли и е граден, како што вели Блажески, да ги задоволи секојдневните потреби на едно домаќинство. Муштериите, како што можевме и самите да се увериме, особено го ценат тоа што во продавницата во секое време има свежо, квалитетно овошје и зеленчук.

Се трудам да имам сè што ќе побараат муштериите. Пријатно сум изненаден кога ќе се случи да побараат нешто со неверување дека би можело да го имам, а го имам. На пример, жица за сушење алишта. Што е потребно, самото ќе ти се каже и од секојдневниот живот во едно семејство. Се водам од тоа што ми е потребно и мене дома. Муштериите тоа го ценат, вели Блажески.

Во 24 квадратни метри, сè да ставиш, не можеш. Но, се бориш. Внимаваш што им е  потребно на муштериите и секогаш да ги пречекаш срдечно и пријателски.

Структурата на потрошувачите е комбинирана. Најчести муштерии се луѓето од околните згради и од куќите во маалото, а од неодамна, со уредувањето на блискиот парк, и посетителите на паркот. Во непосредната околина на „Магнолија" има неколку маркети од големите трговски синџири, но, како што вели Блажески, тоа не е пречка за нивната продавница стабилно да опстојува.

Во 24 квадратни метри, сè да ставиш, не можеш. Муштериите, нешто што знаат дека немаш, ќе си купат од друго место. Но, се бориш, гледаш да бидеш во тек со новитетите. Внимавам секогаш да имам свежи производи, да имам акциски цени кога можам тоа да си го дозволам, но исто толку е важен и односот со муштериите, вели Блажески.

Лесно ќе го забележите посебниот однос што го негуваат со купувачите и лесно се забележува дека е тоа врска која е негувана со години.

Се знаеме со години. Си го знаеме муабетот. Околу 70-80 отсто од муштериите знаат што можат да најдат во продавницата. Има луѓе што се во години, што не можат да носат тешко. Го имаат мојот број, ќе порачаат што им треба - кога ќе ми заврши смената, ќе им однесам. Само со добар однос со муштериите, пријателски. Тука е нашата предност во однос  на големите маркети - можеш да бидеш пофлексибилен, ни рече Блажески.

Срдечен и отворен им е односот и со комерцијалистите. Секој, како што вели, се бори за својата работа и ја заслужува шансата, а со голем дел од нив се познаваат одамна. Вчера работел за една компанија, денес дошол од името на друга, довербата и пријателството продолжуваат понатаму.

Како мал дуќан, немаат потреба да ги користат социјалните мрежи. Таквите дуќанчиња, самите се социјална мрежа.

 
 
 
 
back to top