IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Недела, 22.04.2018 || „Млин и пекара Љубаче“ со нова инвестиција  |  Natur Premium пристигнува на македонскиот пазар  |  „Монделез“ вложува 90 милиони евра во „фабрика на иднината“  |  „Рамстор“ го отвори 25.маркет  |  „Хенкел“ отвори нова фабрика Somat во Крушевац  |  „Сан Пелегрино“ со приход од 895 милиони евра  |  „Карфур“ ги отвори првите пунктови испорака за пешаци  |  „Персу“ ги повика локалните производители да соработуваат  |  „Кимберли Кларк“ ќе го проширува капацитетот во Алабама  |  „Витамин“ на саемот во Мостар  |  Владимир Косијер нов генерален директор на „Пивара Скопје“  |  „Амазон“ е во преговори со авио-превозникот „Азул“  |  „Домаќа трговина“ со ново место за пазарење  |  Клучно одобрување на „Бајер“ за „Монсанто“  |  „Витаминка“ го рестартира производството на Брилијант  |  Во Сплит отворен првиот супермаркет „Шпар гурмет“  |  Розовиот Kit Kat пристигнува и во Европа  |  „Млекарнa Целеиа“ забележа пораст од 9%  |  „Ошан“ лансира нов формат во Украина  |  „Мирана“ ја купи „Аронија здрава храна“  |   ||
   

Маалска продавница – претставуваме: „МС маркет“

10.04.2018
 
Почнале во 1995 година во некогашна трафика на „Тутун". Со постепеност и со постојано реинвестирање на добивката денес се маалски маркет за жителите на Ново Село и за многубројните минувачи од блиските села и викендички.
 
Разговараше: Васко Марковски, vasko@instore.mk

Не е можно да поминеш низ скопско Ново Село, а да не ги забележиш. Местото е како создадено за маалска продавница, кај кривината влево, кон пругата пред Волково. Тоа е средиштето на случувањата, како што кажува и адресата: Улица 1, број 1. И да е ноќе, пак ќе ги забележите, по големиот ЛЕД-дисплеј, што ѝ го покажува името: „МС маркет".

А зад името „МС" се кријат букви од презимето што стои зад семејниот бизнис. Мицевски, староседелци во Ново Село. Приказната ќе ни ја раскаже Дејан Мицевски, некогашен угостител, кој видел шанса во трговијата.

Добар муабет, беспрекорна услуга, да биде чисто, педантно, да бидеш добро снабден – тоа му е најважно на муштеријата. И, секој муштерија си е на своето место.

Почнав со трафика, во 1995-та, на истово место. Во 1999 отворивме дуќан, под кирија, овде, отспротива. Колонијал. По некоја година, се префрлив тука, до нас, во бараката - порано беше дуќан на „Жито лукс". Од минатата година, на Петровден, сме овде, во нов објект, и тука ни се дуќанот и трафиката, ни рече Дејан.

Зад бизнисот стои фирмата „МС Јуниор ПММ". Од петмина вработени, четворица се членови на семејството, а и петтиот им е како од семејството – другар на Дејан од детството.

Истата екипа сме од кога почнавме. Ако има работа, пак ќе земам некого од семејството. Еден внук веќе е на пат.

Зад името на фирмата стои визија: семејниот бизнис воден од следната генерација: Петер и Мила Мицевски.

Годините од трафиката до денешниот маркет (132 m2, со 132 m2 магацин) поминале во посветеност и растење, малку по малку. Сè што ќе го заработеле вишок, реинвестирале. Само така, вели, може да останеш стабилен и постепено да растеш во трговијата на мало.

Се снаоѓав. Почнавме, од нула, што се вели. Ништо нагло. Полека-полека, полека-полека - и така. Се завртело некое париче, пак ќе го вложиш тука. Работиме речиси со сите фирми во Македонија и немаме проблем – со снабдувањето, со плаќањето. Што ме водело? Тука сум роден, народот го знам и денот без храна не може да помине. Човек денеска не мора да купи облека, ама мора да јаде и да пие. Сите сме од тука, од блиску – не ни треба превоз, ќе заштедиме. Местото е убаво. Фреквентно. За пет души, редовно платени – придонеси, плати – се излегува на крај. Нема богатење, ама живуркање има, раскажува Дејан.

Низ годините успеале и на муштериите од поблиското опркужување да им овозможат поголема понуда (5.000 артикли), по поволни цени, но и да стекнат за муштерии многумина од луѓето што се на поминување, кон соседните села и викендици. Големите трговски синџири се веќе пред прагот, но, како што вели, за секого има место под сонцето. „Кој дошол, добро дошол!".

Ние сме маалска продавница. Кој дошол, добро дошол! Добар муабет, беспрекорна услуга, да биде чисто, педантно, да бидеш добро снабден – тоа му е најважно на муштеријата. И, секој муштерија си е на своето место. Ако треба, од нешто ќе имам три парчиња на рафт, ама да ги имам. Овде имам муштерија и за „Џек Даниелс" и за „Мерси" и за „Бајадера", за узо, за „Чивас". И муштеријата тоа си го знае. Ќе дојде заради тоа, ама поради тоа ќе купи и нешто друго. За некои артикли имам „заробено" големи пари, ама, им доаѓа денот, слушаме од искуството на Мицевски.

Кога би имал доволно пари, желба му е да може да бидат моќни да си дозволат поголеми набавки, за да можат да работат со поповолни цени. Затоа, малку по малку, постојано ги зголемуваат постојните набавки, за да дојдат до што поголеми количини во договарањето.

Или, би направил мини-производство за переци, ѓевреци, банички – и да си ги пласирам тука, топли. Друго, не би правел, ништо.

Исполнети со убави впечатоци, посакавме да ја чуеме неговата формула за тоа како да се опстане со маалска продавница, во услови на жестока конкуренција од големите. Нè испраќа со зборови што влеваат надеж.

Без работа, формула никој нека не бара. Нема пари без работа. И, треба да се вложиш. Ако е добро кај другите, ќе биде добро и кај тебе. Кај сите.



 
 
 
 
back to top