IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 13.12.2017 || „Марс“ е малцински сопственик на „Кајнд“  |  Аqua Viva со две глобални признанија  |  АХВ: Не се увезени небезбедни производи на „Лакталис“  |  „Хајнекен“ гради фабрика од 85 милиони евра  |  Храната за доенчиња Celia Expert 2 повлечена од пазарот  |  „Гомекс“ отвори маркет во Бајмок  |  Тони Балажич преминува во „Панвита“  |  Во „Амазон“ работат 120.000 роботи  |  Нова фабрика на „Ла линеа верде“ до крајот на годинава  |  Основан е Клуб на извозници  |  „Теско“ претстави вина со понизок процент на алкохол  |  Незначително намалување на цените на храната во ноември  |  „Ист оф Ингланд ко-оп“ ќе продава храна со поминат рок  |  Стопиран увозот на крекери и кекси од Србија и од БИХ  |  Агенцијата „Берин“ одбележа 25 години работење  |  „Конзум“ и хрватските доставувачи со заедничка акција  |  „Бимилк“ прославува 65 години  |  Деловни резултати на „Кофола“  |  „Оркла“ ја купува „Хелт анд спортс нутришн груп“  |  Октомвриски индекси на прометот во секторот трговија  |   ||
   

InStory: Развојниот пат на „Жито пром“

13.03.2017

Во јужниот дел од земјава, во гевгелиската стопанска зона Блокотехна, во 1997 година беше основан мал семеен бизнис – „Жито пром", кој првите чекори ги направи во мелничката индустрија, односно во производството на брашно. Компанијата го доживеа првиот пресврт во 2010 година, кога го отвори новиот производствен капацитет за кроасаните 4U, а минатата година беше одбележана и со вториот – целосен редизајн на брендот. Од разговорот со сопственикот Зоран Танев дознавме нешто повеќе за почетоците, развојот, освојувањето на домашниот и на странските пазари и за идните планови...

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

(Р)еволуција на брендот

На почетокот од разговорот, Танев се присетува на почетоците и кратко резимира: Влегувањето во мелничката индустрија беше следствен чекор на стручната област во која избрав да се едуцирам како технолог-микробиолог. Приказната почна со голема љубов и волја, кога паралелно со младоста, работите се градеа со упорност и со убава енергија на создавање нешто ново. Како продолжение на идејата за користење на основната состојка на поголем дел од прехранбените производи – пченицата, од „Жито пром" одлучиле да влезат во нов предизвик – производство на кроасани.

Скромниот број од осуммина вработени почеток, кои сè уште се дел од организацијата, денес е зголемен петпати. Кога го прашавме нашиот соговорник колку пазарот се промени од почетоците на работењето до денес, тој ни одговори дека македонскиот пазар станува сè поголем предизвик: Континуираните промени и турбуленции не дозволуваат стабилизација на пазарот, но, од друга страна, купувачите, за разлика од порано, имаат изграден вкус и желба за производите што ги консумираат. Без разлика на потеклото на производите, главниот критериум за купување останува квалитетот, истакна тој и додаде дека денес, да се биде конкурентен на домашниот и на странските пазари, во секоја сфера на работење, првиот предизвик е професионалноста на организација. Ако до вчера тоа и не беше од исклучителна важност, денес сме сведоци дека многу надежни компании згаснаа поради овој недостаток. Вакуумот го пополнија нови и надежни организации, кои знаат да се приспособат на новите услови на работа.  Верувам дека и „Жито пром" е една од нив, вели Танев.  

Како сите почетоци, и патот на кроасаните 4U до посакуваниот квалитет и изглед бил исклучително тежок: Сплет на околности, професионални соработници и многу (не)успешни проби, беа чекорите потребни за да го донесеме вкусот и изгледот на производот на денешното ниво. Според Танев, човек никогаш не треба да мисли дека има завршно скалило на совршенство во производството, затоа што секој ден е нов предизвик за одржување на постојниот квалитет, но и шанса за надградба: Додека првото брендирање на производот беше потрадиционално, налик на другите, во следната етапа се одлучивме за соработка со докажан тим од графички дизајнери, за да дојдеме до повпечатливо пакување, кое ќе отскокнува од конкуренцијата, а воедно и ќе раскаже цела приказна.

Тој гордо истакнува дека редизајнот на пакувањето на 4Uбил еден од првите проекти на ќерката Татјана, која пред една година се придружила на менаџерскиот тим: Мотото од кое се водеше таа во процесот беше „Не е доволно добро додека не е целосно револуционерно!"

Ребрендираните производи, проследени со подобрувањето на квалитетот, добиле одлични оценки од малите и од големите трговци и биле исклучително позитивно дочекани од македонските потрошувачи.

Конкуренцијата на пазарот за кроасани е голема. Освен традиционално доминантните брендови, изминатата година се појавија и нови производители. Пазарот на кроасани е сèпоголем и во него има место за сите производители што посветено работат на производот. Дел од нив успеаја да го најдат своето место, а верувам дека и ние сме еден од тие брендови, вели Танев и додава дека од доминантните брендови може многу да се научи – од една страна, тие го ограничуваат влезот на нови производи, но од друга, ги мотивираат помалите производители.

Според него, предизвикот на македонските брендови во Македонија е поголем отколку за странските: Македонскиот производ буди сомнеж кај потрошувачот, па потребно е двојно повеќе работа за да биде еднакво прифатен како странските брендови. Сепак, Танев додава дека условите за улистување во трговските синџири се приближно еднакви, аорганизацијата треба да биде подготвена за инвестиција и за преговори.

Долгите години во производство и во пласман на брашно и на житни производи на македонскиот пазар му помогнале на „Жито пром" во следните чекори при ширењето на производството и на извозот на кроасани. Извозот почнал пред четири години, а од минатата година 4U се присутни на вкупно девет странски пазари – Грција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, БИХ, Хрватска, Романија и Италија.

На сите пазари, го развиваме брендот преку дистрибутери што ексклузивно ги застапуваат нашите производи, затоа што тие добро знаат како функционира одреден пазар и ги имаат контактите за преговарање. Секој од деветте пазари беше различна приказна и бараше индивидуален фокус. Првичниот фокус ни беше да настапиме со брендот 4U, а дополнително, произведуваме и приватни трговски марки за неколку синџири, вели Танев.

Со оглед на тоа што „Жито пром" ги има сите потребни стандарди за квалитет, повеќе странски трговски синџири покажале интерес за соработка. Како пример, нашиот соговорник ја истакна „Реве груп", односно маркетите „Била", за кои произведуваат различни видови кроасани под приватна трговска марка.

Градење на свесност за брендот

Танев вели дека користењето на социјалните медиуми за маркетинг-цели е корисно и пристапно за компании со ограничен маркетинг-буџет: Работата со фејсбук-страницата 4U Croissants, се покажа како полн погодок. Неодамна се надоврзавме и со инстаграм-страница, како дополнителна алатка за комуникација со крајниот потрошувач. Како најсвеж пример, тој ја наведе потрагата по маскота за брендот 4Uпреку наградна игра, која се одвиваше на социјалните мрежи, но додаде дека ќе следуваат и низа други активности.

Го прашавме дали ќерката Татјана, која е поранешно „славејче", била иницијатор за дружбата со „Златно славејче". Одговорот беше потврден: Огромно е задоволството да се помогне на најстариот детски фестивал во државата, кој бил и сè уште е дел од животот на многу деца. Од минатата година, сме еден од главните спонзори на фестивалот и планираме да ја продолжиме таа традиција.

Освен детската песна, „Жито пром" поддржува и спортски здруженија (планинарското друштво „Кожуф") и настани (пливачкиот митинг „13 ноември"), затоа што веруваат дека секоја индивидуа преку личен пример треба да придонесе за општото добро и таа енергија да ја пренесе и на работното место: „Жито пром" ја има вградено општествената одговорност во секојдневното функционирање, а тоа е видливо преку поддршката на различни луѓе и организации. Отворени сме за помош таму каде што е потребно и веруваме дека можеме и многу повеќе, истакна Танев.

Инвестиции и планови

Примарната цел за „Жито пром" годинава е отворањето на новиот производен погон, целосно опремен со најновите машини и технологии од областа на пекарството, кој ќе му помогне за зголемување на капацитетот и за подобрување на производствениот процес.

Идеите во областа на производството на храна немаат крај и човек треба будно да ги следи трендовите за да може да остане конкурентен на пазарот. Планот е годинава да продолжиме со развивање на нови кроасани, со нови впечатливи вкусови. Паралелно работиме и на развој на неколку нови производи, па до крајот на годината ќе видиме кои од идеите ќе станат реалност, вели Танев.

Разговорот го привршуваме со прашањето за очекувањата на компанијата годинава, од аспект на економската состојба во земјава, за што Танев ни одговори дека без оглед на условите, „Жито пром" се труди да работи со полна пареа. За домашниот пазар веруваме дека секогаш постои простор за квалитетен прехранбен производ, додека во однос на странските, фокусот ни е на зголемување на извозот. Очекуваме 2017 година да биде поуспешна во однос на сите параметри од 2016 година, нагласи тој.

Примарната цел за „Жито пром" годинава е отворањето на новиот производен погон, целосно опремен со најновите машини и технологии од областа на пекарството, кој ќе му помогне за зголемување на капацитетот и за подобрување на производствениот процес.

 


 
 
 
 
back to top