IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 25.11.2017 || Budweiser ќе испраќа јачмен во вселената  |  Весел почеток на соработката меѓу „Вела“ и „Орбико“  |  Пораст на е-продажбата на dm  |  „Карфур“ лансира одржлива приватна трговска марка  |  Просечната нето-плата во септември – 23.229 денари  |  Голем пораст за приватните трговски марки на „Теско“  |  Амазон оди „во шопинг“  |  „Попова кула“ со добивка од 4,8 милиони денари  |  Задолжителна квота за жени во управувањето со компаниите  |  „Дониа“ наградена со јубилејно признание  |  „Алибаба“ со нова инвестиција од 2,9 милијарди долари   |  Почнува втората потрага по „Добри брендови“  |  „Хол фудс“ со поголеми снижувања за премиум членовите на „Амазон“  |  „Тиквеш“ го претстави годинашното младо вино  |  Argeta веќе се произведува и во САД  |  Поповолна економска состојба во преработувачката индустрија во октомври   |  Зголемен прометот во индустријата во септември  |  Деловни средби за нови партнерства  |  Унапредување на трговските односи меѓу двете земји  |  „Нестле“ ќе го реорганизира бизнисот со храна за бебиња  |   ||
   

InStory: „Кораб Трница“ – некогаш и денес

16.10.2017

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Месноста Трница се наоѓа во рамките на националниот парк Маврово, по патот од Маврово кон Дебар, на седум километри од Маврови Анови. Регионот од многу одамна е карактеристичен по одгледувањето овци. Во срцето на тој регион е лоцирана „Кораб Трница", компанија со традиција од 1945 година. Уште пред 70 години, во овој крај се произведувал познатиот Кораб кашкавал, Трничко сирење и Кисело млеко. Низ годините, компанијата бележи пораст и проширување на дејноста, а во 1974 година, отвора ресторан и мотел на истото место каде што и денес се наоѓа комплексот – „Кораб Трница". 

Од Трница, со љубов од 1945

Постарите генерации како и луѓето што живеат или гравитираат во Горнореканскиот Регион, живо се сеќаваат на некогашниот полн сјај на овој комплекс, го почнуваме разговорот со Борис Дабевски, еден од сопствениците на „Кораб Трница". Продолжуваме со темата транзиција меѓу генерациите, за која младиот и енергичен магистер по економски науки резимира: Не се работи само за транзиција меѓу генерации, туку и за транзиција на политички системи. Од 1945 година до 90-тите години на минатиот век, во земјава сите компании функционирале во социјализам и во задругарство. Од 90-тите години до две илјади и некоја година е периодот на промена на системот кон пазарна економија и приватизација на компаниите, при што поради повеќе фактори, многу од компаниите како што е  „Кораб Трница" неуспешно ја спровеле таа транзиција. Третиот период е од денот на внесувањето на новиот свеж капитал, проследен со големи инвестиции и со поставување нов менаџмент со нови идеи.

Концептот „од природа до трпеза" е најголемата конкурентска предност, но и најголем предизвик. Со тој концепт сме единствени во производството на природни производи и сметаме дека во тој сегмент – немаме конкуренција.

Во 2015 година почнува големиот циклус на инвестиции, односно враќање на сјајот на брендот „Кораб Трница". Традиционалниот дух и концепт „од природа до трпеза" е задржан, но дејностите на претпријатието се модернизираат и се прошируваат. Неколкуте единици од кои се состои комплексот се ресторан, два сместувачки објекти, фарми за овци, кози и за говеда, мандра, кланица, пасишта и продавници (една во комплексот во Трница и две во Скопје – во ТЦ „Бисер" во Аеродром и на пазарчето Буњаковец).

Поседуваме  високомлечни шталски овци и кози, од чиешто млеко во текот на целата година во мандрата се произведуваат млечни производи, со висок и постојан квалитет. Покрај млекото, нашите овци и кози се одликуваат и со висок квалитет на месо. Поседуваме и сопствена фарма за говеда од сименталска раса, чијашто одлика, исто така, е високиот квалитет на месо. Во топлите делови од годината, говедата се носат на пасишта на планината Кораб, каде што има сочна трева. За производство на месо располагаме со сопствена кланица со сите високи критериуми и стандарди за производство. За да бидеме поблиску до природата, обезбедивме и сопствен пчеларник, кој дава 100 проценти природен мед, вели Борис.

Под брендот Кораб Трница се крие широка палета производи – овчи кашкавал (Кораб), овчо сирење (Трничко), козјо сирење, мешано овчо и козјо сирење, овчо и козјо кисело млеко, овча и козја урда, биено сирење и козја сурутка, потоа телешко,  јагнешко, јунешко и јарешко свежо месо, како и природен мед. Сите производи се достапни во продавниците на „Кораб Трница", а се служат и во ресторанот на комплексот.

За задоволување на потребите на потрошувачите и на гостите во сите единици, се грижи тим од 82 вработени, кои работат во различни сектори од производството, продажбата и услугите.

Квалитетот, пакувањето и конкуренцијата

Кораб Трница го има зачувано автентичниот традиционален изглед и вкус на производите. Годинава, почнавме со модернизација и со приспособување на пакувањата на производите во согласност со модерното време, вели нашиот соговорник и додава дека изгледот на производите, односно пакувањето, многу придонесува за конечната одлука за купување. Сите производи Кораб Трница имаат ист печат и иста линија, современ, атрактивен и препознатлив дизајн, кој е различен од конкуренцијата. На сите наши производи се запишани пораките „Од Трница, со љубов од 1945" и „Природно, со вкус", бидејќи навистина произведуваме и продаваме  производи полни со љубов и со вкус, истакнува Борис.

Според него, квалитетот е препознаен од потрошувачите, а за тоа сведочат и секојдневните позитивни коментари за брендот.

На тема конкуренција, нашиот соговорник самоуверено одговори: Концептот „од природа до трпеза" е најголемата конкурентска предност, но и најголем предизвик. Тоа значи дека нашите крави, овци, кози и пчели консумираат храна од недопрената природа, богата со различни билки, цвеќиња и чаеви и пијат чиста планинска вода. Со тој концепт сме единствени во производството на природни производи и сметаме дека во тој сегмент – немаме конкуренција. Концептот е тежок, но решени сме да произведуваме само висококвалитетни и природни производи.

Тој вели дека најдобриот и истовремено, најекономичниот маркетинг е кога потрошувачите самите го рекламираат брендот, а приказната се пренесува од уста на уста. А, за гласот побргу да се прошири – голема е моќта на социјалните мрежи, за чиешто водење имаат ангажирано професионална агенција.

Стратегијата на „Кораб Трница" е прецизна – производите да стигнат до крајниот потрошувач преку сопствените продажни објекти, што значи дека нема да бидат присутни на полиците на големите маркети.

Иновации и планови

Според Борис, во секоја област секогаш може да се научи и да се воведе нешто ново. Тој открива дека во план е проширување на палетата производи со тестенини, печурки и со шумски плодови. Планираме неколку видови тестенини, збогатени со различни вкусови кои ќе бидат од наше сопствено производство. Во однос на печурките и на шумските плодови, имаме регистрирано откупен центар, преку кој досега вршевме откуп на помали количества, а во иднина планираме поголем, вели тој.

На прашањето за потенцијалното проширување на дистрибуцијата на производите надвор од сопствената трговска мрежа и извозот, Борис е дециден на прецизно поставената стратегија – производите да стигат до крајниот потрошувач преку сопствените продажни објекти: Тоа значи дека нема да бидеме присутни на полиците на големите маркети. Што се однесува на извозот, сè уште е премногу рано.

Пред крајот на разговорот, го прашавме која е најзначајната одлука што предизвикала пресврт во неколкуденецинската приказна на „Кораб Трница", на што тој ни одговори: Најзначајниот момент беше во 2014 година, кога е донесена одлуката да се модернизира компанијата, паралелно со процесот на инвестирање и на усвојување на новата стратегија. Тоа вклучуваше прифаќање на сите добри работи од претходното работење и воведување нови сегменти.

До крајот на годинава, Борис очекува да се заокружи производствениот процес со тестенините и да се усоврши хотелскиот сегмент од работењето. А, од аспект на економската ситуација во земјава, тој е непоправлив оптимист: Заедно со целиот тим, премногу ја сакаме Македонија и сметаме дека е многу убава и полна со прекрасни природни богатства, кои можат на различни начини да им бидат презентирани и достапни на македонските граѓани и на странците од целиот свет. Колку побргу и повеќе се направи трансфер на луѓе и на капитал од урбаните во руралните средини, толку повеќе земјава ќе оди напред во сите сегменти.



 
 
 
 
back to top