IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Среда, 13.12.2017 || „Марс“ е малцински сопственик на „Кајнд“  |  Аqua Viva со две глобални признанија  |  АХВ: Не се увезени небезбедни производи на „Лакталис“  |  „Хајнекен“ гради фабрика од 85 милиони евра  |  Храната за доенчиња Celia Expert 2 повлечена од пазарот  |  „Гомекс“ отвори маркет во Бајмок  |  Тони Балажич преминува во „Панвита“  |  Во „Амазон“ работат 120.000 роботи  |  Нова фабрика на „Ла линеа верде“ до крајот на годинава  |  Основан е Клуб на извозници  |  „Теско“ претстави вина со понизок процент на алкохол  |  Незначително намалување на цените на храната во ноември  |  „Ист оф Ингланд ко-оп“ ќе продава храна со поминат рок  |  Стопиран увозот на крекери и кекси од Србија и од БИХ  |  Агенцијата „Берин“ одбележа 25 години работење  |  „Конзум“ и хрватските доставувачи со заедничка акција  |  „Бимилк“ прославува 65 години  |  Деловни резултати на „Кофола“  |  „Оркла“ ја купува „Хелт анд спортс нутришн груп“  |  Октомвриски индекси на прометот во секторот трговија  |   ||
   

InSight: Крај или нов почеток за маалските продавници?

16.11.2017
 
Заминуваат ли маалските продавници во историјата, или сè уште не се исцрпени можностите да зајакнат, да си помогнат меѓусебно, едни на други?

Приреди: Васко Марковски, vasko@instore.mk

Подготвувајќи ја рубриката „Маалска продавница", сè потешко се наоѓа продавница што би ја претставиле во рубриката. Често се случува примероци од списанието InStore да ни се вратат од Пошта со забелешка: „Продавницата е затворена". Разговарајќи со трговците се случува да ги слушнеме истите воздишки. „Ќе издржиме уште неколку години и ќе затвориме". „Не сме организирани, немаме здружение". „Имаше само еден обид тоа да се направи, со Велија Рамковски. До некаде се постигна нешто, но сега и тоа го нема". Влијанието од големите трговски синџири го чувствуваат речиси сите, но често како главна причина ја посочуваат нерамномерната сила на пазарот, како последица на тоа што не се организирани, за да можат да настапат здружено. Многумина, пак, се жалат дека прометот значително им бил намален откако биле воведени лиценците за продажба на алкохол и ограничено работно време за продажба на алкохол.

Од друга страна, сè повеќе е забележлив стремежот на големите светски трговски синџири да се приближат кон форматот на маалска продавница, со брза услуга, кои се обраќаат на помала, маалска средина. Предизвикот што си го задаваат е да ја постигнат непосредноста и срдечноста на вработените со локалното население, на начинот по кој се препознатливи традиционалните маалски продавници.

Влијанието од големите трговски синџири го чувствуваат речиси сите, но често како главна причина ја посочуваат нерамномерната сила на пазарот, како последица на тоа што не се организирани, за да можат да настапат здружено.

Нова страница, подем и неизвесност

Бранот на отворање на малите приватни продавници почнува во годините непосредно пред осамостојувањето на Република Македонија и промената на државниот систем на уредување. Историјата на многу маалски продавници, кои успеале да се одржат стабилно до денешен ден, често се поврзува со времето на последната влада на поранешна Југославија – „времето на Анте Марковиќ", „повисок животен стандард" – а, во многу случаи, е поврзано со затворањето на поранешните општествени трговски синџири „Центро" и „Славија".

Статистичките податоци од осамостојувањето до денес, прикажуваат период на подем, од 10.000 продавници во 1989, до 23.000 продавници за трговија на мало во 1996-та.

Податоците од анализата „Попис на продажните капацитети во трговијата на мало во Република Македонија 2016" на Државниот завод за статистика, укажуваат дека сѐ помалку има мали локални продавници со еден до двајца вработени, а сѐ повеќе има маркети што имаат потреба од поголем број вработени. Во опсервираниот период, се зголемил бројот на вработени во продажбата, но се намалил бројот на продажни места. Искажано во бројки, во 2008 имало 22.332 продавници, со 32.021 вработени. Во 2016 имало 18.250 продавници, со 41.057 вработени.

Искуства од регионот и од подалеку

Со притисокот од поголемите, како и со тешкотиите од обврските кон државата, се соочуваат малите трговци и во регионот. За македонските трговци некои од нив се веќе поминати, но некои можат и да навестат трендови кои би можеле да ги очекуваме набргу и кај нас.

Српските медиуми на крајот од август објавија дека на малите трговци не им се исплаќа плаќањето со картички и дека обврските кон банките, за трансакциите преку картичка, им земаат дел од заработувачката. Ова е само еден од тековните примери.

Трговската компанија „Универекспорт" од Војводина, неодамна го промовира моделот Univerexport partner, со кој им дава можност на малите продавници да влезат во системот на компанијата. Партнерот самостојно управува со својот објект, по стандардите на компанијата, а на пазарот настапува под брендот Univerexport, со што добива поголема видливост, препознатливост и пренесено знаење и искуство.

Од друга страна, со влегувањето во партнерски однос, „Универекспорт" го зајакнува сегментот на мал формат и добива пристап на пазарот и кон потрошувачите на понепосреден, срдечен и соседски начин, вели Борис Чолиќ, раководител за франшизи во „Универекспорт".

Сличен е и примерот со „Шпар" во Словенија, каде што од втората половина на 2015 се отворени 14 партнерски продавници брендирани со банерот Spar partner.

Францускиот трговски синџир „Ошан" гледа голема шанса за ширење на својата мрежа во Русија токму во малиот формат продавници. Според Вилхелм Ибнер, извршен директор на „Ошан" и поранешен директор на компанијата за Русија, на територијата на Русија гледаат потенцијал за отворање 10.000 продажни места од мал формат.

Трендовите се насетуваат и се искусени во блиските средини. Во кој правец ќе продолжи да се движи иднината на македонските трговци, зависи најмногу од самите нив.

Здружените маркети не се далеку

Притисокот од големите светски трговски синџири, за малите трговци од Хрватска бил аларм да се здружат, за да преживеат и да си го најдат својот пат да напредуваат. Еден од примерите е групацијата НТЛ (Narodni trgovački lanac), во која се здружени девет трговски куќи, со повеќе од 1.400 продажни места.

Друг пример е „Ултра грос", групација на трговци основана во 2001 година. Со влегувањето на странските трговски синџири, како што велат, станало јасно дека малите трговци ќе можат да опстанат само со здружување. Групацијата работи со повеќе од 1.300 продажни места, во различни формати, со 6.740 вработени. Во понудата на продавниците има повеќе од 450 производи од приватната марка Ultra plus, која има 10% удел во прометот. Своите трговски марки, членките на групацијата ги нудат и во големопродажба, со што дополнително остваруваат приходи и преку трговија на големо.

Се враќа ли „Хедис"?

Предноста на пазарувањето во мали продавници, каде што пазарувањето одзема помалку време, а искуството од пазарувањето е со печатот на срдечност и пријателство, покрај на маалските продавници, сè повеќе им е позната и на големите синџири во Македонија. На крајот од 2014 година „Рамстор" го отвори првиот Ramstore Express.

Како што беше подвлечено на отворањето, идејата со новиот формат е на купувачите да им овозможи побрзо пазарување, во објекти на помали површини, со асортиман со категории кои им се најнеопходни за потрошувачите. Во август годинава, во Охрид беше отворен петтиот „Рамстор" од овој формат.

Во втората половина од октомври, како спонзорирана објава на Фејсбук се појави страница со наслов „Хедис здружени маркети". На страницата беше споделен текст кој потсетува на историјата и се навестува враќање на некогашните здружени маркети „Хедис". Во системот на „Хедис", како што се подвлекува, до 2010 година биле здружени 1.267 маркети. Во моментот, кон иницијативата биле придружени 457 маркети, а до крајот на ноември се очекува здружување на околу 1.000 маркети.

InStore се обиде да стапи во контакт со иницијаторите. Во телефонскиот контакт, сознанијата од објавите на Фејсбук не беа негирани, но за деталите бевме замолени да почекаме, дека е сè уште рано да се откриваат. За јавноста сè уште останува непознато кој правен субјект ќе застане зад иницијативата и како ќе се одвива во практика здружениот настап на трговците. Дополнително, на страницата беше објавено дека од почетокот на 2018 година производите на „Хедис" ќе им бидат повторно достапни за потрошувачите. Објавени беа и очекувања на некои од поранешните соработници.

„Мислам дека враќањето на Хедис – здружени маркети ќе овозможи заеднички да направиме здружение што ќе се бори за нашите права, кои, реално, не можеме да ги добиеме како поединци. Задоволен сум и од претходно сработено со Хедис, кога и нешто повеќе се заработуваше. Очекувам да се вратиме на старите патеки, како обединети маркети", вели Ристо Петрушевски од маркет „Рисал", Горно Лисиче.

Трендовите се насетуваат и се искусени во блиските средини. Во кој правец ќе продолжи да се движи иднината на македонските трговци, зависи најмногу од самите нив. Ќе се организираат или ќе бидат проголтани од големите риби и од трговијата преку интернет?

Потпирајќи се на регионалната сила и долгогодишното следење на случувањата во FMCG-секторот во Македонија, регионот и светот, InStore почнува серија анализи на актуелни теми и случувања на македонскиот пазар.

 
 
 
 
back to top