IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 25.11.2017 || Budweiser ќе испраќа јачмен во вселената  |  Весел почеток на соработката меѓу „Вела“ и „Орбико“  |  Пораст на е-продажбата на dm  |  „Карфур“ лансира одржлива приватна трговска марка  |  Просечната нето-плата во септември – 23.229 денари  |  Голем пораст за приватните трговски марки на „Теско“  |  Амазон оди „во шопинг“  |  „Попова кула“ со добивка од 4,8 милиони денари  |  Задолжителна квота за жени во управувањето со компаниите  |  „Дониа“ наградена со јубилејно признание  |  „Алибаба“ со нова инвестиција од 2,9 милијарди долари   |  Почнува втората потрага по „Добри брендови“  |  „Хол фудс“ со поголеми снижувања за премиум членовите на „Амазон“  |  „Тиквеш“ го претстави годинашното младо вино  |  Argeta веќе се произведува и во САД  |  Поповолна економска состојба во преработувачката индустрија во октомври   |  Зголемен прометот во индустријата во септември  |  Деловни средби за нови партнерства  |  Унапредување на трговските односи меѓу двете земји  |  „Нестле“ ќе го реорганизира бизнисот со храна за бебиња  |   ||
   

Игор Милас: Настојуваме да бидеме најдобриот сосед на Далматинците

16.10.2017

Игор Милас, директор на трговскиот синџир „Рибола", Хрватска

Разговараше: Јелена Домовиќ, jelena@instore.hr

Игор Милас е директор на „Рибола", што подразбира одговорност за целокупното работење, порастот и долгорочниот развој на компанијата. Покрај секојдневните оперативни работи, позицијата опфаќа и изработка на годишни планови, заедно со членовите на управата, насочување на функциите на фирмата во корист на остварување на поставените цели, контрола на остварените резултати, како и претставување на компанијата пред институциите и компаниите со кои соработува.

 

Можете ли накусо да ни ја преставите компанијата „Рибола"?

„Рибола" е еден од најголемите трговски синџири во регионот Далмација. Сè почна пред 25 години, со отворање мала семејна фирма, со прв дуќан во Каштел Камбеловaц. Нашата мрежа денес го покрива просторот од Шибеник до Заострог, како и Далматинска Загора и големите среднодалматински острови. Основната дејност се менуваше од самиот почеток. Станува збор за трговија на мало, претежно со храна и со пијалаци, која настојува и понатаму да биде во духот на најдобар сосед, секогаш достапен за нашите купувачи и за нашите снабдувачи. Благодарение на промислената стратегија на работење и на постојаните вложувања во квалитетот на услугите и на понудата, во последните години остваруваме просечен пораст од 18%. „Рибола" е финансиски стабилна компанија, без кредитни задолжувања. Во текот на минатата година инвестиравме околу 5.350.000 евра, кои ги обезбедивме од тековната добивка, а своите обврски за најголемиот дел од испорачаната стока, од околу 80% од нашите снабдувачи, го намируваме авансно.

Неодамна го прославивме нашиот 25. роденден заедно со купувачите, работниците и со деловните партнери, со изобилство од добра храна, песни и смеење. На тој начин симболично го одбележавме досегашниот успех, а сега тргнуваме кон понатамошни развојни проекти.

На кој начин работат вашите трговски објекти и како е организирана вашата малопродажна мрежа? Добитници сте на високото признание „Газела" на Хрватската стопанска комора. Што придонесе за тоа?

Од 2005 година компанијата е 100% во сопственост на компанијата „Нирд" и оттогаш бележи значителен пораст на пазарниот удел во малопродажбата. Најгладна за инвестиции беше 2013 година, кога презедовме 13 трговски објекти од синџирот „Диона", опремивме и пуштивме во употреба откупен центар за овошје и зеленчук, сакајќи, на тој начин, да го зголемиме квалитетот на нашите производи и да пласираме производи од многу хрватски семејни земјоделски стопанства, локални пекарници и мали производители. Малопродажната мрежа е составена од 77 трговски објекти со вкупна површина од 16.500 квадратни метри. Статусот на успешна компанија „Рибола" го изгради врз стратегијата за одржлив и управуван развој, остварувајќи промет кој во минатата година изнесуваше околу 67 милиони евра. Континуирано инвестираме во квалитетот на услугите и во проширување на асортиманот и се трудиме да бидеме компанија што придвижува позитивни промени во опкружувањето преку соработка со локалната заедница, како и со други фирми и со институциите.

Каков е асортиманот што го нудите во продавниците?

Во моментов во понудата имаме 11.000 артикли. Од нив во објектите од среден формат (објекти со површина до 300 квадратни метри) се застапени околу 5.000. Повеќе од 95% од артиклите ги набавуваме од домашните производители и дистрибутери, а мал дел набавуваме од увоз преку групацијата „Ултра грос", во која членуваме.

Врз основа на досегашните планови и плановите за претстојната година, очекуваме пазарниот удел и прометот да се зголемуваат и понатаму.

Сметате ли дека како членка на „Ултра грос" имате можност да си обезбедите добри погодности при набавката на стоки?

Членувањето во поголема трговска групација секако го олеснува работењето, особено во комплексниот пазарен натпревар во малопродажбата, а основната цел на здружувањето е да оствариме зголемување на конкурентноста на домашните трговски куќи - членки на здружението. „Ултра грос" е национално здружение на трговски куќи, со 25 членки и со околу 1.400 малопродажни објекти, во кои остваруваме промет од околу 533 милиони евра. 

Какви маркетиншки активности преземате? Организирате ли промоции и акции во вашите трговски објекти, делите ли промотивни летоци, користите ли маркетиншки активности на интернет?

Во последните неколку години развиваме, за наши услови, нови формати трговски објекти. Станува збор за објекти со продажна површина од 500 до 1.000 квадратни метри, изградени на сопствено земјиште. Истовремено со инвестирањето, го модернизираме и визуелниот идентитет, односно ги стандардизираме понудата и услугата, што ги прави новите објекти препознатливи во регионот во кој работиме. Свесни сме дека маркетиншките активности се нужни за успех на конкурентниот пазар во времето во кое живееме. Во секоја продавница на „Рибола" секојдневно можете да забележите различни производи по акциски цени, како и истакнување одбрани производи преку разни промотивни алатки.

Со помош на промотивни летоци, каталози, плакати, објави на медиумите, на интернет и преку социјалните мрежи, ги огласуваме сите наши акции за време на викендите, како и сезонските можности за придобивки.

Двапати во месецот објавуваме каталог на акциски понуди, еднаш месечно го објавуваме летокот на „Рибола". Воедно, ги имаме и посебните понуди од снабдувачите, а секој викенд - и викенд-акциите. Сите промотивни материјали ги пласираме во трговските објекти и ги дистрибуираме до домаќинствата. Соработуваме со сите локални и регионални медиуми, а активностите ги објавуваме и на нашата интернет-страница и на социјалните мрежи. Отворањето нови објекти и празничните периоди ги следиме и со настани во некои од објектите. Одделението за маркетинг се грижи секојдневно за видливоста на нашиот бренд.

Во последните години постојано ја зголемуваме понудата од малите, локални производители. Веруваме дека нашите купувачи го препознаваат поттикот што им го даваме на домашните производители, што го зголемува локалното производство, а на купувачите им дава можност да купуваат домашни производи.

Што е тоа што ја прави „Рибола" поинаква од сличните трговски синџири во вашиот регион? Каква е формулата за вашиот успех?

Зад резултатите на „Рибола" се крие многу труд, доследност во работењето и во систематскиот пристап кон сите операции во компанијата. Исто така се важни познавањето на пазарот, флексибилноста и упорноста. Клуч за успехот на „Рибола" се широкиот асортиман на пристапни производи и квалитетната услуга, во комбинација со помали формати на трговски објекти, интегрирани во квартовскиот живот на заедницата, максимално вклопени во околината во која се наоѓаат. Секако, успехот не би бил тука да не беа квалитетните луѓе, кои со својата љубезност и пријателски пристап им овозможуваат на купувачите пријатно купување.

Планирате ли да се проширите и подалеку од Средна Далмација или некои нови инвестиции? Какви се вашите планови и очекувања за иднината?

Секако, планираме нови инвестиции и ширење на пазарот. Во оваа фаза од развојот, фокусирани сме само на хрватскиот брег и тоа го сместуваме во своите инвестиции, иако не ја исклучуваме можноста за дополнително проширување. Планираме инвестиции во нови продажни објекти (околу 750.000 евра на објект) и во развој на асортиманот и на услугите. Иако состојбата во стопанството ни создава разно-разни бариери во развојот, „Рибола" и понатаму ќе остане фокусирана на порастот и на развојот, за да имаме задоволни купувачи, и на развој на локалните заедници, поддржувајќи спортски, културни и друг вид здруженија, како и на членовите на граѓанското општество.


 
 
 
 
back to top