IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 26.09.2017 || „Таргет“ се вклучува во ценовната војна  |  Срѓан Златичанин е новиот генерален директор на „Фриком“  |  Извозот на вина и пијалаци се зголеми за 12%  |  „Алди“ ги отвора првите безнински пумпи  |  „Лидл“ ќе продава производи направени според стари семејни рецепти  |  „Кока-кола активна зона“ во Радовиш  |  „Шпар“ - прв меѓународен синџир во Белорусија  |  „Макпрогрес“ ја презема „Дониа“  |  Prohibition – нова безалкохолна верзија на Budweiser  |  „Браун-Форман“ ја зголеми продажбата  |  Oд понеделник во продажба Добриот леб   |  „Крафт-Хајнц“ заинтересирани да го преземат „Данон“  |  „Млекара Плана“ вторпат на продажба  |  „Перно Рикар“ најавува зголемување на продажбата  |  Првата пратка производи тргна за Москва  |  Најважна е поддршката на домашните компании  |  „Ахолд Делез“ е меѓу лидерите за одржливо работење  |  „Жито“ во Петровец, прв во таа општина  |  Нова сезона на „Полица за домашните“ во „Лидл“  |  Златни медали за вината на „Тиквеш“ во Кина   |   ||
   

ИГД: Пет малопродажни трендови во Западна Европа за 2017 година

05.04.2017
 

Кои се петте клучни трендови што ќе ја обликуваат стратегијата на западноевропските прехранбени пазари и ќе влијаат на малопродажните стратегии годинава?

Автор: Кешија Валвин, интернационален малопродажен аналитичар, ИГД

Фокус на малите продавници

Во 2017 година, се очекува малопродажните трговци да го насочат фокусот на близината (соседството) или на помалите формати на продавници. Веројатно, ќе се појават нови играчи во тој канал, додека постојните ќе се освежат со спектар од нови услуги.

Купувачите сè повеќе бараат практични опции во прехранбената трговија, што ги мотивира трговците на мало да бидат пофлексибилни кон малите формати на продавници. За да им излезат во пресрет на различните мисии и пригоди на локалните купувачи, трговците ќе ги приспособуваат асортиманот и понудата на локацијата, односно на локалната побарувачка.

Добар пример е „Реве", кој го зголемува присуството на своите мали продавници во Германија со концептот „Реве то гоу". Тој, исто така, влезе и во стратешко партнерство со операторот со гориво „Арал", од што произлегоа планови за отворање на повеќе од 1.000 продавници во рамките на бензинските станици, во следните неколку години.

Треба да се истакне дека годинава малопродажните трговци ќе инвестираат во сите канали во кои се присутни. И покрај тоа што го истакнуваме фокусот на малите формати на продавници, сепак се очекува трговците да продолжат да ги развиваат и нивните најголеми продавници, за да ја задржат релевантноста за постојните купувачи.

Во пресрет на вредносните очекувања на купувачите

Цената останува важен фактор, но купувачите сè повеќе бараат од малопродажните трговци да обезбедат асортиман со добра вредност. Тоа води чекор понатаму од едноставната понуда на најниска цена.

Некои од трговците реагираа со зголемување на акцентот на премиум асортиманот, веројатно, обидувајќи се на тој начин квалитетот да го доближат до тој на храната во рестораните, но по попристапни цени.

Трговците се обидуваат да ги привлечат купувачите и со понуда на поголема вредност во рамките на клучните категории. Понудите „вечера за вечерва" (dinner for tonight) и „оброк-решенијата" (meal solutions), се дел од асортиманот, кој спакуван во практично пакување, станува многу популарен и атрактивен за купувачите што се „под притисок на времето". Понудата од „добра вредност за парите" на свежо овошје и зеленчук е уште една тактика што станува тренд низ Западна Европа.

Добар пример за тоа е данскиот трговец „Рема 1000", кој со флексибилните промоции им овозможува на купувачите да имаат голем избор од соодветни оброци што лесно се приготвуваат (тестенини, пица, азијатска и вегетаријанска кујна и сл.) по пристапни цени.

Приватни трговски марки

Во текот на изминатите години, западноевропските трговци недоволно инвестираа во асортиманот на приватните трговски марки, но годинава се очекува тоа да се промени.

Во 2016 година, беше забележан тренд на вклучување на здравите производи во агендата на приватните трговски марки. Иако се очекува дека тој тренд ќе продолжи да биде важен и во 2017 година, и други сегменти ќе почнат да привлекуваат поголемо внимание.

Побарувачката бележи значителен пораст во сегментите органско, вегетаријанско и веганско, како и во сегментот на специјалните диететски производи. Малопродажните трговци почнаа да одговараат на тие барања, а годинава очекуваме понатамошен развој на овие области.

На пример, „Карфур" – Франција го проширува банерот „Карфур био", во чијашто понуда има околу 3.700 производи, од кои од 1.300 до 1.500 се приватни трговски марки. Како што е случајот и со другите формати на трговецот, банерот„Карфур био" би можел да се прошири и надвор од Франција во текот на годината.

Технологијата во функција на купувањето

За да им овозможат на потрошувачите побрза, поудобна и попријатна купувачка одисеја, трговците внесуваат бројни технолошки иновации.

Низ цела Западна Европа се зголемува бројот на лансираните апликации, кои се фокусирани на процесот на плаќање, односно на редукција на времето што купувачите треба да го поминат за чекање во редица. Освен за таа намена, технологија се користи и за зголемување на пристапот на купувачите до информации за производот.

Со користењето на технологијата на нови и инвентивни начини, трговците ја развиваат способноста за поголема комуникација со купувачите, со што ја зголемуваат нивната лојалност.

Добар пример за тоа е данскиот трговец „Нето", кој преку винската интернет-страница „Вивино", на купувачите што ја имаат апликацијата, им овозможува да ги скенираат вината и да ги споредат критиките, рејтингот и цените.

„Храна за носење" и „храна за подоцна"

Купувачите кои се во потрага по оброк-решенија со „добра вредност за парите", ги мотивираат западноевропските трговци да го прошират теренот на тој сегмент.

„Храната за носење" се развива и малопродажните трговци нудат сè поширок асортиман од опции, кои се во чекор со зголемената побарувачка на купувачите. Од суши и салати, до смутија и ладни кафиња, станува сè полесно да се добијат различни и возбудливи оброци за носење, без разлика дали тие се за појадок, ручек или за вечера.

Многу трговци, нудат и „оброк-понуда" (meal deal), односно ги поттикнуваат потрошувачите да купат повеќе од еден оброк.

Како успешен пример, може да се наведе „Теско", кој ја релансираше линијата „храна за носење" – Finest. Акцентот е на интересните комбинации храна со уште поинтересните видови леб.

Соочени со купувачи кои трагаат по продавници што целосно ќе ги задоволат нивните мисии и пригоди, малопродажните трговци од Западна Европа добиваат задача да ги развиваат петте трендови што ќе одиграат клучна улога за понатамошниот развој на пазарот. Ќе биде интересно да се види како тие трендови ќе продолжат да се развиваат и кои нови влијанија ќе сепојават на пазарот. 

 
 
 
 
back to top