IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 23.10.2018 || Тридневна дружба на вработените на „Макпрогрес“  |  „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |   ||
   

ИГД: Инвентивни начини за уникатност

12.10.2016
Омилените продавници во 2016 година

Што е потребно за една продавница да ја издвоите и да ја прогласите за ваш фаворит? Аналитичарите на ИГД трагаа по најинспиративните продавници низ целиот свет – за нивниот избор, прочитајте во продолжение

Извор: ИГД

Германија: „Алди Зид", Минхен
Продавницата во Еглхартинг, предградие на Минхен, со новиот концепт, е една од трите „продавници на иднината". Таа го претставува новиот фокус на „Алди Зид", кој му дава приоритет на принципот „управување од потрошувачите", пред оперативната ефикасност.

Што ќе видите?
Во овој маркет, брендовите имаат многу поголема улога во споредба со другите продавници на „Алди", а угостителството се користи како начин за зголемување на лојалноста кон нив. Продавницата располага и со голем простор за непрехранбените категории, како и со значителен простор за специјалниот оддел (Specialbuys), кој ја има улогата на фактор на диференцијација.
(Избор на малопродажниот тим на ИГД за дисконти: Прија Чандарана, Милош Риба и Кешија Валвин)                


Кенија: „Накумат", Најроби
Со продавницата „Вилиџ маркет", водечкиот кенијски трговец „Накумат" покажува зошто токму тој е малопродажниот лидер за инвентивност во земјата.

Што ќе видите?
Во малопродажното тргување во Супсахарска Африка, во различни еволутивни фази, разбирањето на разликите е клучно. Концептот „продавница во продавница" ги истакнува автентичните детали, изглед и убавина, а истовремено постои и соодветен простор за ексклузивните увезени брендови, како и за приватните трговски марки, кои ја зголемуваат лојалноста на купувачите.
(Избор на Џон Рајт, регионален менаџер за Европа, Средниот Исток и за Африка)                                               

САД: „Волмарт суперцентар", Роџерс, Арканзас
„Волмарт" ја преобликуваше оваа продавница, избирајќи ја како локација за воведување на свежиот изглед и за експериментирање со нови технолошки пристапи, услуги, производи и распоред.

Што ќе видите?
Се задржуваат клучните елементи на „Волмарт суперцентар", но продавницата има многу поинаков изглед и нуди нови емоции преку начинот на обележување на категориите и со графиките, кој ја пренесува пораката на современиот имиџ на повисоко ниво.
Акцентот е на свежата и на приготвената храна, вклучувајќи го и проширениот избор од органски производи. Ниското позиционирање на свежите производи придонесува да се доживее сликата на традиционалниот, пазарен изглед.
(Избор на Стјуарт Семјуел, програмски директор, ИГД – Канада)                                                                      

Филипини: „Маркетплејс бај Растанс" во „Роквел центар", Манила
Овој премиум супермаркет, лоциран во голем трговски центар во филипинската финансиска престолнина Манила, има уникатна понуда, која ги таргетира купувачите со средна и со висока куповна моќ.

Што ќе видите?
Извонредниот избор од свежа храна, уникатни и ексклузивни увезени производи и брендови, како и практикување на концептот „продавница во продавница", се одредниците што ја прават „Маркетплејс бај Растанс" поинаква и интернационално атрактивна. 
(Избор на Џени Ли, сениор аналитичар за малопродажба за Азија)                                                                             

 
Шведска: „Стура коп вестберја", Стокхолм
„Коп" – Шведска ги рационализира продавниците во три различни банери, во зависност од нивната големина. Ова е првата продавница што е конвертирана во поголем формат.

Што ќе видите?
„Коп" има намера да биде првиот избор за семејствата со деца. Тоа јасно се забележува со бесплатното овошје, пуштањето цртани филмови на екраните и низа други активности, кои имаат цел да бидат атрактивни за малите купувачи. Покрај тоа, трговецот воведе и интересен концепт на „продавница во продавница", посветен на здравјето и на убавината, кој дополнително ги привлекува потрошувачите.
(Избор на Хариет Коен, сениор аналитичар за малопродажба)                                                                           

Велика Британија: „Лондис", Санингхил
Воден од идејата да обезбеди персонализираност и одлична понуда за локалните потрошувачи, овој формат на продавница е еден од најдобрите.

Што ќе видите?
Ентериерот на одделот за њујоршки деликатеси „Њујорк корнер дели", со чувството за традиција и за носталгија, создава средина каде што купувачите сакаат да го поминуваат времето, но и да се вратат. Убавината доаѓа од спојувањето на продавницата со локалните трговци, односно со понудата на месо од локалниот месар или на печива и на колачи од локалната пекарница.
(Избор на Тим Билсон, сениор аналитичар за малопродажба во мали формати на продавници)                         
   

Аргентина: „Карфур Монро", Буенос Аирес
Хипермаркетот „Карфур Монро" е еден од дигитално најнапредните продажни објекти во Јужна Америка.

Што ќе видите?
Карактеристиките, како што се дигиталните екрани и системите за управување со решенија за чекањето во редица, го прават купувањето побрзо и поедноставно. Дигиталните решенија се дополнуваат со бројните традиционални аспекти во хипермаркетот, како што се посебните места „el mercado", односно традиционалните пазари, кои на специфичен начин ги комбинираат одделите за свежи производи, како што се месарницата, пекарницата, одделот за суши и слично. 
(Избор на Гавин Ротвел, манеџер за малопродажна анализа, и на Кетрин Елвуд, аналитичар за малопродажба)               


Австралија: „Алди", „Манли Ворф", Сиднеј
„Манли Ворф" покажа дека новиот формат на „Алди" во Австралија ги надминува границите на уредувањето на традиционалните хард-дисконти, за да комуницира со потрошувачите на поинтересен и посовремен начин.

Што ќе видите?
За да ги убеди купувачите во силната вредност на пораката што ја испраќа, потпомогнат од дизајнот на продавницата, „Алди" користи нови знаци на комуникација со цените на производите. Освен тоа, овој формат го акцентира и квалитетот, со големи висечки ознаки над категориите, кои укажуваат на потеклото и на патот на производот до полица.
(Избор на Ник Мајлс, одговорен на областа Азија-Пацифик)                                                                             

Интернет: Заедничката виртуелна продавница на „Е-беј"и „Мајер"
Партнерството меѓу интернет-трговецот „Е-беј" (eBay) и австралискиот „Мајер" ја создаде првата светска виртуелна трговска куќа, која нуди повеќе од 12.500 производи.

Што ќе видите?
Со користењето слушалки за виртуелна реалност, купувачите го разгледуваат асортиманот со задржување на погледот на производите, при што добиваат повеќе информации за нив. Со кликнување на иконата „додади во кошничката", тие го остваруваат купувањето. Купувачите имаат можност однапред да ги одредат омилените сектори или производи, односно имаат можност за персонализирано и за ефикасно купувачко искуство. Оваа иновација е од голема помош за оживување на интернет-купувањето.
(Избор на Тоби Пикард, аналитичар за повеќеканална малопродажба и за иновации)                                         


Сите типови продавници што беа опишани, функционираат и се развиваат со една цел – да се разликуваат од конкуренцијата и да успеат. Тоа го постигнуваат на различни начини: преку инвентивни производи, преосмислување на ентериерот во продавницата, оптимизација на движењето, нови алатки за комуникација...



 
 
 
 
back to top