IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Понеделник, 22.05.2017 || Второ ниво - Напредно преговарање со „тешките“ купувачи  |  Голем хуманитарен гурмански пикник  |  Вискито на „Алди“ меѓу најдобрите  |  „Тиквеш“ најнаградувана винарница во Југоисточна Европа  |  InStore на саемот PLMA во Амстердам  |  Пораст на продажбата во „Агроплод“  |  Сребро за Alexandria Rose на мундијал во Франција  |  Паркиралишта за велосипеди од „Кока-кола“  |  Златни медали за Hina во Нови Сад  |  Нема криза во „Млекопродукт“  |  „Универекспорт“ најдобар во категоријата  |  „Дон дон“ најави нов погон во Зајечар  |  VodaVoda ќе го освојува пазарот во Сингапур  |  Успешен почеток на „Синагога“  |  Нов дистрибутивен центар на „Нели“  |  Јубилеј на „Карлсберг“ - Србија  |  Занаетчиското пиво, бизнис во подем  |  Успешно реализиран третиот FMCG-самит во БИХ  |  Претставена акцијата „BH. korpa“  |  „Бинго“ е новиот сопственик на „Дита“  |   ||
   

ИГД: Глобалните малопродажни трендови во 2017

18.04.2017

Испораката ќе биде клучно бојно поле

За малопродажните трговци повеќе не се репер само географски најблиските конкуренти. За да бидат релеватни и актуелни, нивните очи треба да бидат свртени и широко отворени кон светот.

Автор: Тоби Пикард, сениор аналитичар за иновации и за трендови, ИГД

Kои се петте точки што ќе бидат највпечатливи во обликувањето на глобалната прехранбена и малопродажна индустрија во текот на 2017 година, но и по неа.

1. Физичкото станува дигитално

Како што купувањето преку интернет продолжува да се зголемува, а светот станува сè подигитализиран, очекуваме да видиме како физичките продавници сè повеќе ќе ги усвојуваат новите дигитални технологии за да обезбедат релевантност и конкурентност.

Засега, кога станува збор за задоволување на потребата на купувачите „да го добијат производот во моментот", физичките продавници имаат предност. Очекуваме да видиме како продавниците ќе се развиваат во насока да им овозможат на купувачите полесно да ги лоцираат производите во продавницата или да дојдат до повеќе информации за нив.

За да го поедностават купувачкото „патување", малопродажните трговци ќе иновираат технологии, кои првенствено ќе го развиваат управувањето со залихите и овозможувањето брза и едноставна услуга, особено при наплатата.

Како пример ќе го наведеме „Амазон гоу", каде што искуството „Just Walk Out" им овозможува на купувачите кога ќе влезат во продавницата, со едноставна употреба на апликацијата Amazon Go, да го земат производот што им е потребен и да излезат. За кратко време, „Амазон" ќе ја пресмета сметката и ќе му ја испрати на купувачот, без тој да чека во ред.

 

 

 „Амазон гоу" го нуди искуството „Just Walk Out" („земи и оди си")

Со користењето на технологиите на нови и иновативни начини, малопродажните трговци ќе ја подобрат способноста за ефикасна комуникација со купувачите и ќе го направат купувањето поедноставно.

2. Прикладноста е одлучувачка

Забележуваме огромна промена во очекувањата на купувачот, од аспект на тоа што тој сака да добие и кога сака да го добие тоа. Приемот на нарачаните производи на најприкладниот можен начин е од извонредна важност.

За да ги задоволат потребите на различните купувачи, малопродажните трговци ќе треба да имаат пофлексибилен пристап кон стратегиите за развој на продавниците и да го приспособат асортиманот според локацијата.

Очекуваме концептите „храна за носење" и „храна за подоцна" да продолжат да се развиваат, а за да им помогнат на купувачите да живеат покомфорно, трговците ќе ги засилуваат понудите и во физичките и во интернет-продавниците.

Испораката ја гледаме како клучно „бојно поле" за малопродажните трговци. Во заложбите да бидат колку што е можно порелевантни, тие ќе почнат да експериментираат со решенија, кои се соодветни на промената на очекувањата на купувачите.

Испораката ќе биде клучното „бојно поле" за малопродажните трговци, а за да бидат порелевантни, ќе експериментираат со различни решенија.

„Сеинсберис" ја лансираше апликацијата Chop Chop, која им овозможува на купувачите од делови од Лондон да нарачаат производи од најблиската продавница и да ги добијат на домашна адреса за еден час. Нарачките се доставуваат со велосипеди, од дистрибутерски компании со кои соработува трговецот.

 

 

 Апликацијата Chop Chop на „Сеинсберис"

3. Свежа перспектива

Трендовите за одржување на доброто физичко и ментално здравје ќе продолжат да бидат важни за малопродажните трговци и за купувачите, така што очекуваме да се зголемат инвестициите на индустријата во таа област.

Брановите од иновации им нудат уникатна можност на компаниите да позајмуваат идеи од најдобрите и да создаваат нови победнички формули.

За да им помогнат на купувачите и на консументите да живеат поздрав живот, трговците го прошируваат асортиманот на приватните трговски марки, дизајнираат делови од продавниците, развиваат нови формати со фокус на свежите производи, имаат повеќе „скроени" понуди, производи со додадена вредност, услуги преку интернет...

На пример, „Окадо" на веб-страницата го претстави предлогот Calorie Saver – кога купувачот се приближува кон наплатната каса, алатката ги покажува понекалоричните алтернативи за избраните производи.

 

 

Calorie Saver на „Окадо" ги покажува понекалоричните алтернативи

Понудите наречени „подобро за вас" (better for you) и приватните трговски марки ќе продолжат да бидат меѓу најрастечките сегменти, кои ќе бидат клучни во фокусот на трговците.

Така, на пример, финската „С груп" ги намали цените на зеленчукот од домашно потекло, за да ги поттикне купувачите да јадат повеќе здрава храна.

4. Технологија за инстант нарачување

Живееме во свет кој сè повеќе е „по барање" (on-demand), затоа што потрошувачите очекуваат лесно и приспособено купувачко искуство. Во тој свет, кликнувањето или гласовната нарачка се одговорот на таа потреба.

Во тој контекст, „Амазон" ги лансираше безжичниот уред Dash Button и уредот што се управува гласовно – Alexa. Тоа поттикна и други компании да размислуваат и да се обидуваат да воведат инстант системи за нарачување, како, на пример, системи за нарачување преку кликнување и за гласовно нарачување.

Со помош на тие системи за нарачка, компаниите ги „врзуваат" купувачите и на тој начин создаваат лојалност. Брендовите што станале „бренд на избор", го имаат потенцијалот да ја елиминираат конкуренцијата.

IoT (Internet of Things, интернет на нештата) ќе им помогне на тие системи да бидат поприфатени и пораспространети, но подоцна може да ги направи и непотребни, кога технологиите за автоматско нарачување ќе ги надминат нарачувањето со клик и гласовното. 

Паметниот фрижидер Woolworths нарачува автоматски

Како добар пример, овде може да се наведе партнерството на „Самсунг" со австралискиот трговец „Вулвортс", од кое произлезе апликацијата Woolworths за паметни фрижидери. Фрижидерот ги надгледува резервите на храна, поврзан е со списокот за купување, а може и автоматски да нарачува.

5. Поместување на границите

Малопродажните трговци го прошируваат својот досег преку соработка со компаниите за е-трговија. Во тој контекст, годинава очекуваме да видиме забрзан равој на партнерствата и на иновациите. Партнерството е со релативно понизок ризик и чини помалку, а е огромна можност за зголемување на глобална привлечност на трговците, но и за стекнување на добра заработувачка на локалниот пазар.

Како пример би го навеле „Волмарт", кој ја лансираше интернет-продавницата „Волмарт глобал" на платформата „ЈД ворлдвајлд" на JD.com.

Компаниите за е-трговија ја промовираат прекуграничната електронска трговија и влијаат на најголемите случувања во малопродажбата на глобално ниво. Очекуваме тие е-гиганти да го издигнат искуството на корисникот и да експериментираат со најновите технолошки иновации, како што е виртуелната реалност.

За време на „Денот на самците" (Singles’ Day), кој се прославува на 11 ноември (11.11), „Алибаба" експериментираше со уреди за виртуелна реалност, преку кои, купувачите можеа да прошетаат по виртуелната продавница „Мејсис" во Њујорк и да купат производи, иако трговецот нема физичка продавница во Кина.

„Алибаба" експериментира со уреди за виртуелна реалност

Чекорите што следуваат

Како одговор на брановите од иновации што се случуваат на глобално ниво, трговците и производителите треба да ги преиспитаат постојните начини на работа и досегашните бизнис-модели. Брановите од иновации им нудат уникатна можност на компаниите да позајмуваат идеи од најдобрите и да создаваат нови победнички формули.

За малопродажните трговци повеќе не се репер само географски најблиските конкуренти. За да бидат релевантни и актуелни, нивните очи треба да бидат свртени и широко отворени кон светот.

 



 
 
 
 
back to top