IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Сабота, 18.08.2018 || Законот за петокраката може да го забрани Heineken  |  „Констелејшн брендс“ вложува 5 милијарди долари во марихуана  |  Скопско ги враќа маалските дружби во Карпош  |  Нов начин на пакување на бананите  |  Наскоро ќе се знае судбината на „Равница“  |  Во Србија храната се купува на одложено  |  „Унилевер“ има нов логистички партнер  |  Реновиран „Рамстор“ во Ново Лисиче  |  „Шпар“ ќе отвори уште 80 објекти  |  Успешно прво полугодие за „Баерсдорф“  |  Осмислена првата паметна кошница за мед  |  ЕУ одобри извоз на млеко од БиХ  |  Спорните соини шницли на „Виталиа“ содржат ГМО  |  За домашната ракија ќе се плаќа акциза  |  „Лидл“ го намалува прехранбениот отпад  |  Ќебапи и плескавици со пилешко се продавале како свински и говедски  |  ГМО во сојата на „Виталиа“ и во кочански ориз  |  Нови награди за македонските вина  |  „Нели“ ќе произведува бонбониера Azbuka  |  АВТ нов дистрибутер на „Вернер & Мерц“  |   ||
   

Горан Теменугов: Бунт...

08.05.2018
Граѓаните мора да бидат заштитени од скапото извршување, но притоа да не се порача „не плаќајте". Ако некој не плаќа, друг нема да има приход и може да пропадне или во најдобар случај да не ја даде квалитетно потребната услуга 
 
Пишува: Горан Теменугов, новинар

Вообичаено 1 Мај кај нас се одбележува патетично. Или со јалови, непосетени протести или со некоја веќе видена акција за потсетување на синдикализмот, кој во Македонија е жив колку и восочните фигури во Музејот на ВМРО. 

Оваа година, мала промена. Скромно и малобројно, дел од невладините организации решија да протестираат против извршителите. Го одбраа 1 Мај како датум кој симболизира борба за права. Пред век и кусур борбата била за осумчасовен работен ден, а сега за да се укинат извршителите.

Нашата мака, на граѓаните, со енормните давачки при извршување е епска. Имаше случаи кога за еден денар требаше да се платат 10.000 денари. Освен овој исклучок, вообичаено е за неплатен долг од 1.000 денари извршител да земе над 10.000 денари. Вообичаено е и ако граѓанинот докаже дека имал платено, да мора да плати над 1.000 денари само за банката да му ја одблокира сметката. 

Страшно болно за нас, граѓаните. Но, секоја приказна има и втора страна. Да се задржиме на клучното прашање. Тоа е дали е можно да се спроведе судската правда, без инструментот извршување и извршители?

Одговорот е веројатно не. Пред 12 години, до 2006 година, извршувањето беше во судовите. Со промената, со воведувањето на извршителите, наплатата на долговите драстично се подобри. Во првите неколку години наплатата беше дури и до 50 отсто од предметите што ги имаа извршителите.

Сега, овој процент е далеку помал. Пред сè, поради огромниот број предмети, а послабата наплата. Но, зошто наплатата е полоша. Извршителите велат дека граѓаните стануваат дисциплинирани во плаќањето. 

Дали треба да се укинат извршителите? Како граѓани веднаш би кажале да! Но, приказната има и друга страна. А тоа е дека без ефикасно извршување, ни за граѓаните ни за фирмите нема ефикасна правда и правна сигурност.

Проблемот е комплексен. Прво и основно, проблемот на граѓаните со извршителите е поради огромниот број предмети од комуналните претпријатија. Ако ги оставиме настрана несовесните извршители кои намерно преземаат многу дејствија за да го напумпаат долгот на должникот, во билдањето на најмногу се вградени адвокатите, нотарите, каматите и банкарските услуги.

И тука лежи проблемот. Многу давачки и многу луѓе што се опфатени со нив. 

Дали лекот е укинување на извршителите? Како граѓани веднаш би кажале да! Но, рековме, приказната има и друга страна. А тоа е дека без ефикасно извршување нема ефикасна правда. Како за граѓаните, така и за фирмите. А ако нема ефикасна правда, нема ниту правна сигурност.

За да биде појасно, да не беше воведено извршувањето и тоа да не беше ефикасно, банките немаше од 2006 година, па наваму толку многу да кредитираат. Ефикасен систем на наплата е клучен за функционирање на бизнисот. Исто така, види чудо, извршителите некогаш се и на страна на граѓаните. По судски пресуди, тие се задолжени за враќање на избркани работници на работа, за наплата на алиментација, за враќање во владение ниви, станови, објекти, а и за наплата на побарувања на граѓаните од државата. Да не зборуваме за извршувањето меѓу должници и доверители при бизнис-релации. 

Затоа, граѓаните мора да бидат заштитени од скапото извршување, но притоа да не се порача „не плаќајте". По 27 години пазарно општество треба да ни биде јасно дека ако некој не плаќа, друг нема да има приход и може да пропадне, да не ја даде квалитетно потребната услуга и згора на тоа, ако некој не плаќа, тогаш услугата поскапува за тие што плаќаат.

Тогаш како до решение? Премиерот Зоран Заев најави дека постојните 42 тарифи во извршителските служби ќе се намалат на десетина, ќе се отстранат дополнителните адвокатски трошоци, а побарувањата за комуналните услуги ќе треба да ги наплаќаат самите претпријатија. Тој изјави дека секој треба да се откаже од нешто, како Владата, така и нотарите, но и комуналните претпријатија од каматите. Ќе се изготвува законско решение за отпишување на каматите за струја за голем број граѓани.

Добра најава, но ќе остане во воздухот да лебди прашањето дали и во иднина ако не плаќаме како граѓани, некоја идна влада ќе донесе одлука за опростување на долговите. И така повторно да се отвори Пандорината кутија на општ правен хаос.

  




 
 
 
 
back to top