IN STORE in your country:
Makedonija   Slovenija   Hrvatska   Srbija   BiH  
Povratak na pocetnu stranu  
  Македонија Вторник, 23.10.2018 || Тридневна дружба на вработените на „Макпрогрес“  |  „Лакталис“ го купува „Нестле“ во Малезија за 40 милиони долари   |  Трговците избраа ТОП 100 производи  |  Милијардер купи удел во Starbucks  |  Перутнина Птуј“ ќе продава салами во САД   |  „Метро Бугарија“ воведува автентични млечни продукти  |  Сертификати за компаниите што се фер со потрошувачите  |  „Унилевер“ нема да се сели во Холандија   |  Трговците бираат топ 100 производи   |  Битола стана дел од големиот проект „Coca-Cola Активни зони“   |  Производителите на чоколадо се насочуваат кон Исток   |  Трошоците на живот на месечно ниво намалени, на годишно имаат раст   |  Расте добивката на „ПепсиКо“   |  „Нестле“ е заинтересиран да купи бренд за минерална вода  |  Германските трговци продаваат преку интернет   |  Нов „Стокомак“ во Тетово  |  Експресна услуга на нова локација во Струга  |   Увозот на храна расте побрзо од извозот   |  Во септември пад на светските цени на храната   |  „Фуд стар“ ќе извезува пилешко месо во Кина   |   ||
   

Фросина Мешкова: Квалитетот е нашата определба

17.08.2015
 
Фросина Мешкова, директор за технологија и за развој на нови производи во „Свислион"
 
„Свислион" е компанија која во своето портфолио ги има производите со кои многу генерации растеа и благодарение на упорната работа на компанијата сè уште растат. Иако компанијата имаше свои тешки периоди, љубовта и упорноста во работата се покажаа како клучни за надминување на проблемите. Во овој број зборувавме со Фросина Мешкова, поранешен генерален извршен директор, сега на функцијата директор за технологија и за развој на нови производи. Таа со голем ентузијазам зборува за иднината на „Свислион", за сегашната состојба во производството и за тоа што ново ны очекува на пазарот од оваа компанија. За ова и многу повеќе може да прочитате во нејзиното прво интервју на оваа функција, ексклузивно за InStore.
 
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
 
Од кога сте на новата позиција директор за технологија и за развој на нови производи? Што значи оваа позиција за Вас и со кои предизвици досега се соочивте?
 
На новата позиција сум од март оваа година, значи веќе четири месеци и може слободно да кажам дека целосно се пронаоѓам во неа. Бидејќи според образование сум дипломиран технолог со магистратура во областа бизнис-администрација, оваа функција ги обединува овие две полиња. Технологијата и производството, како еден вид експертиза, која подразбира развој на нови рецептури, селекција на суровини и амбалажа, организација и спроведување на пробни производства, како и имплементација на производна опрема за успешна реализација на зацртаните цели, се само еден дел од моите задолженија. Од друга страна, развојот на нови производи подразбира и анализа на пазарот, изработка на инвестициски проекти, пресметка на цена и одредување ценовна позиција на производите, оптимизација на трошоците, анализа на продажбата на новите производи итн.
 
Секако, има предизвици, имајќи предвид дека мојата позиција ги опфаќа развојните проекти за производство во Скопје и во Ресен. Меѓутоа, за мене се секогаш добредојдени бидејќи токму предизвиците отвораат нови видици и неретко тие отвораат нови можности.
 
Каква е постапката за развој на нови производи во компанијата „Свислион"? Што сè прави компанијата за да развие производ и успешно да го пласира на пазарот?
 
Нашата компанија има развиено детална процедура која се следи при развојот на нови производи. Секако, развојот на нови производи почнува со идеја за нов производ, која може да биде иницирана директно од пазарот, од нашите купувачи или од структурите на компанијата. „Свислион" секогаш го поддржува иновативното размислување на своите вработени и идејата за развој на нов производ или усовршување на постојниот, кое може да потекне од сите хиерехиски нивоа на компанијата. По добивањето на иницијалната идеја за развој на нов производ, се отвора проектна задача во која се испреплетуваат размислувањата на сите засегнати структури од компанијата: со технолозите и со инженерите се поставува рецептурата и начинот на производство, со набавната служба се обезбедуваат потребните суровини и материјали за производство и со продажната служба се одредува логистиката на производот и неговата позиција на пазарите на кои ќе се продава. Нареден чекор е организација и спроведување на пробни производства, во кои се дефинира и усовршува квалитетот на производот. Сето ова резултира со позиционирање на финалниот производ на полица, што претставува круна на целиот процес за развој на нов производ. Задоволството по вака завршениот проект е огромно.
 
Во која насока размислува „Свислион" кога станува збор за маркетингот? Дали планирате маркетниг-активности за веќе докажаните брендови
 
„Свислион" во своето, речиси, дводецениско постоење на пазарот, важи за компанија која има специфична маркетинг-стратегија што дава одлични резултати. Накратко, нашата стратегија претставува соодветно дизајнирана комбинација на маркетинг-стратегија „пуш енд пул" (push and pull), која најдобро одговара за компании кои произведуваат брзообртни производи.
 
Маркетинг-активностите за веќе докажаните брендови на „Свислион" се најчесто ориентирани кон промотивни активности  „пуш", суптилно поддржани со огласување преку масовните медиуми и продажни промоции и акции. Овој тип маркeтинг-активности ќе продолжат и во иднина, а нашите купувачи може да очекуваат и редизајн на одредени групи производи.
 
Очигледно е дека во портфолиото имате производи со кои растевме и со кои растат новите генерации. Како успевате да ги следите потребите на потрошувачите?
 
Особено сме горди на производите што егзистираат на пазарите со децении, како на пример: Eurokrem и Eurokrem blok, Ressana, Agrokrem, Takovo, Bonny top, Choko biscuit, бисквит Softy, Hello! и уште многу други. Токму тие брендови се носители на успехот на компанијата и заради тоа и нашата посветеност кон нив е огромна.
 
За задржување на постојните купувачите и за придобивање нови, „Свислион" како компанија посветува огромно внимание на квалитетот на производите и токму високиот квалитет на нашите производи е препознаен од купувачите. Покрај квалитетот, се трудиме секогаш да бидеме што поблиску до нашите купувачи, директно преку нашите специјализирани продавници „Слаткaкуќa" како и индиректно преку големопродажните канали, од каде ги слушаме сите барања на купувачите и ги преточуваме во нашите производи. Потрошувачите сè повеќе знаат да препознаат квалитет, а квалитетот е нашата опредлеба.
 
На кој начин „Свислион"  успеа да закрепне од турбулентниот период додека траеше судскиот спор меѓу компанијата и државата?
 
Во 18-годишното постоење на компанијата, тој период беше најтурбулентен и полн со предизвици. Надминувањето на тој период, и тоа со позитивни резултати во работењето на сите капитално поврзани компании во Македонија, беше овозможено единствено со посветеноста на менаџментот кон работата и неговата успешност да не дозволи спорот да влијае на секојдневната работа на компанијата, со макотрпна работа на сите вработени, како и со финансиската состојба на компанијата и поддршката од сопствениците на капиталот. Сепак, тој период успешно заврши, а ние продолжуваме со нови инвестиции и со развојни планови кои предвидуваат уште подобра иднина за компанијата, вработените и за сите засегнати акционери.
 
Воведувањето стандарди при работењето е клучно за подигнување на нивото на сигурноста во производството. Освен стандардите, што уште треба да се направи за да се зголеми довербата кај потрошувачите?
 
Воведувањето стандарди во работењето и следењето на новостите на ова поле се клучни за работењето на компанијата, како од аспект на подигнување на нивото на сигурност во производството, така и за пристап до нови пазари и до нови купувачи. „Свислион", како најголема кондиторска индустрија во Македонија, секогаш била пионер во воведувањето на најновите стандарди и сè уште активно го следиме секој новитет на ова поле. Ако го споредиме нивото на воведување и сертифицирање на стандарди од типот ИСО во Македонија пред 10 години и сега, морам да забележам дека напредокот е повеќе од евидентен. Покрај институциите на државата, сега веќе и обичниот консумент е запознаен со значењето на стандардите и со сигурноста на производите што тие ја гарантираат.
 
Покрај стандардите, довербата кај потрошувачите се зголемува и со пласирање стандарден и константен квалитет на производите, како и преку манифестација на стабилна финансиска состојба на компанијата.
 
Колкав е асортиманот на производи на „Свислион"? Како е поделена работата на компаниите во рамките на групацијата од аспект на производство?
 
Асортиманот на производи од „Свислион" произведени во Македонија брои повеќе од 100 финални производи. Овие производи се произведуваат во двата производствени погона во Македонија, и тоа во производствениот погон на ДОО „Свисслион" во Скопје и во производствениот погон на ДОО „СвислионАгроплод" во Ресен. Секоја производствена линија во секој од погоните претставува засебен профитен центар, односно работењето на секоја производствена линија се разгледува посебно. Ваквиот начин на работа овозможува детална анализа и дефинирање на активности соодветни за линијата во согласност со предизвиците со кои таа се соочува.
 
Во рамките на групацијата „Свислион", работи и компанијата „Свислион аграр" која се занимава со производство на јајца, односно оперира со живинарска фарма со 90.000 јарки. Примарната намена на оваа фарма е снабдување на производствените погони со свежи јајца со контролиран квалитет, а покрај тоа јајцата произведени во нашата фарма може да се најдат и во малопродажба.
 
Каков е пласманот на производите произведени во Македонија во споредба со оние увезени под брендот „Свислион"?
 
Од производите произведени во Македонија, 60 проценти се наменети за извоз, додека 40 проценти се наменети за домашниот пазар. Покрај овие производи, на македонскиот пазар се застапени и производи под брендот „Свислион" произведени во фабриките во Србија и во Босна и Херцеговина, фабрики кои се многукратно поголеми од фабриките во Македонија. Имајќи го предвид ова, увезените производи под брендот „Свислион" во Македонија имаат поголем пласман отколку локално произведените производи.
 
„Свислион" е меѓу најголемите извозници во Македонија. На кои пазари извезувате и дали сте во преговори за извоз на нови пазари?
 
Најголемите извозни пазари на „Свислион" се поранешните југословенски пазари, каде поседуваме наши компании што се задолжени за продажба и за дистрибуција на нашите производи. Покрај овие пазари, последните неколку години и другите држави од Балканскот Полуостров стануваат значајни пазари за нас.
 
На другите пазари, како, на пример, пазарите во ЕУ и во прекуокеанските земји, застапени сме преку дистрибутери кои се докажани на тие пазари. Застапени сме и преку нашите сопствени брендови, меѓутоа и преку приватни трговски марки.
 
Бидејќи нашата извозна стратегија подразбира постојана експанзија на нови пазари, во моментов сме во преговори за извоз во Русија, Германија и во Англија, како и во уште неколку северноевропски земји.  
 
„Свислион" е присутен и во малопродажниот сектор. Колку продавници се отворени досега и дали до крајот на годината ќе има нови отворања? Кои производи може да се најдат во вашите продавници?
 
„Свислион" е присутен во малопродажниот сектор во Македонија уште од 2004 година преку специјализираните продавници „Слатка куќа". Нивната примарна цел е претставување на целокупниот асортиман на „Свислион" на едно место по достапни цени. Во последните неколку години, овие продавници, по примерот на „Слатка куќа" во Србија, ја проширија својата понуда на производи, при што покрај нашите брендови, во овие продавници може да се најдат и други производи.
 
Во моментов, имаме две такви продавници во Скопје, едната во центарот на градот, а другата во кругот на фабриката во Визбегово, и уште три продавници во Ресен, од кои две во центарот на градот и една во кругот на фабриката.
 
Нашите планови за иднина се насочени кон зголемување на бројот на вакви продавници, најпрвин во поголемите градови во Македонија.
 
Какви се Вашите очекувања во поглед на деловните резултати на компанијата за оваа година?
 
Од основањето до денес, определбата на „Свислион" е да остварува континуиран пораст на производството и на продажбата, односно да го одржува досегашниот позитивен тренд. Како и секоја година, и оваа интензивно работиме на исполнување на бизнис-планот поставен на почетокот од годината. Во согласност со анализите направени од шестмесечното работење во 2015 година, задоволни сме од постигнатите резултати и подготвени сме за последното тримесечје кое е најинтензивно и најмногу бара.
 
Во овој контекст, морам да споменам дека оваа година почнавме со работа во софтверот САП, кој претставува лидер во софтеверските апликации во светот, привилегија на најголемите и најмоќните компании.  Проектот за приклучување на производствените компании во Македонија во централизиранта база на податоци на „Свислион" во Србија почна кон средина на 2014 година, а од јуни 2015 година веќе и оперативно функционира. Оваа новост во работењето очекуваме да ги донесе првичните придобивки веќе до крајот на годината.
 
Што ви е зацртано за реализација до крајот на годинава? Дали наскоро може да очекуваме некој нов производ?
 
Сите активности што беа зацртани за 2015 година се спроведуваат во согласност со планираното. Како најважни активности може да се издвојат инвестиционите проекти за набавка на опрема за производство во неколку производствени погони, инвестиции за инфраструктурно подобрување на објектите, како и веќе споменатото воведување на софтверот САП. Овие активности ќе придонесат за поефективно и поефикасно работење на компанијата, а со тоа и за постигнување на уште подобри резултати.
 
Од аспект на развојот на нови производи, во последните неколку месеци се лансирани три нови производи од производниот погон во Скопје и тоа грицки полнети со сирење, сусамки Hello!, шеќерно дражирани чоко-кикирики, и три нови производи од производствениот погон во Ресен, и тоа интегрални функционални екструдирани житарки со какао, мед и со јаболко и со цимет без додадени ароми и бои. Во наредниот период, со инсталацијата на новата опрема во производствениот погон во Ресен, се планира лансирање на неколку нови производи од типот на полнети снек-производи со различни вкусови и во различни пакувања, а палетата на дражирани производи носи многу изненадувања за нашите потрошувачи оваа година.

 
 
 
 
back to top